Се јавуваат и мислења дека администрацијата на Бајден продлабочува еден горлив проблем во однос на ставањето крај на руско-украинскиот конфликт, доколку воопшто дојде до транзиција на власта
И „Њујорк тајмс“ ја анализира можноста администрацијата на Бајден да ја задржи контролата врз власта и по истекот на
мандатот преку евентуално прогласување воена состојба
Метју Савил, директор за воени науки во лондонскиот институт „Ројал јунајтед“, наведува дека „влијанието од одлуката на Бајден може да биде повеќе политичко“. Веќе гласно се поставува и прашањето зошто претседателската администрација донесе толку значајна политичка одлука во последните месеци од мандатот? Одговорот на многу аналитичари е јасен: заради задржување на власта од страна на демократите, но токму на тој став портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, енергично одговори дека Бајден е „избран за четиригодишен мандат, а не за мандат од три години и 10 месеци“.
– Ќе го користиме секој ден од нашиот мандат за да ги оствариме политичките интереси за кои веруваме дека се во интерес на американскиот народ. А доколку администрацијата што доаѓа има поинаков став, тоа е, се разбира, нивно право да го сторат тоа. Кога следниот претседател ќе ја преземе функцијата, тој може сам да носи одлуки – рече Милер.
Се јавуваат и мислења дека администрацијата на Бајден продлабочува еден горлив проблем во однос на ставањето крај на руско-украинскиот конфликт, доколку воопшто дојде до транзиција на власта.
– Администрацијата на Бајден мора да разбере дека остава не само проблем на решавање на украинскиот конфликт туку уште поголем: спречување глобален ќор-сокак – вели Леонид Слуцки, шеф на Комитетот за надворешни работи во долниот дом на рускиот парламент.
Додека Трамп и неговите сојузници нашироко ја осудија зголемената воена поддршка и финансиска помош за украинската влада, дел од аналитичарите посочуваат оти не е јасно дали и како Трамп веднаш ќе преземе мерки за укинување на одлуката во врска со ракетите со долг дострел, што само по себе доведува до усложнување и на внатрешнополитичката состојба во САД, но секако и надворешната, глобална политичка состојба. За потсетување, одлуката да се дозволи употреба на ракетните системи АТАЦМС во Русија се разгледуваше со месеци, при што беа забележани поделени мислења од американските власти. Очигледно, според аналитичарите, и резултатите од изборите си го направија своето, за да биде донесена ваквата одлука на Бајден.
Во една ваква нејасна ситуација, реномираниот медиум „Њујорк тајмс“ анализира дека „одлуката на американскиот претседател во заминување Џо Бајден, на два месеца пред истекот на неговиот мандат, да одобри користење оружје со долг дострел (снабдено од САД) од страна на Украина, врз цели во Русија, би можела да биде поништена од страна на неговиот наследник Доналд Трамп, веднаш по преземањето на функцијата во јануари. Укинувањето на одлуката не би ги ограничило само воените капацитети на Украина туку и можноста за администрацијата на Бајден да ја задржи контролата врз власта и по истекот на мандатот, преку евентуално прогласување воена состојба, што се темели токму на ескалацијата и проширувањето на руско-украинскиот конфликт“.
– Не е јасно колку од пристапот на администрацијата на Бајден кон Украина ќе опстане откако Трамп ќе ја преземе функцијата, вклучувајќи ја и најновата промена за користење на оружјето. Трамп беше скептичен за продолжување на американската помош за Украина и истакна дека сака да донесе брзо завршување на војната, без да наведе детали како ќе го стори тоа – пишува „Њујорк тајмс“. Н.М.