Во издание на „Или-или“ е објавена збирката раскази „Амфора“ од прославениот италијански нобеловец Луиџи Пирандело. Преводот од италијански е на Катерина Сотирова.
Тоа е единаесеттата збирка од планираните 24 книги што авторот заедно со издавачот „Бемпорад“ планирал да ги објави како специфичен издавачки план под името „Раскази за една година“. До смртта на авторот се објавени 264 од предвидените 365 раскази (по еден расказ за секој ден од годината).
Како и во другите збирки раскази, и овде поетиката на Пирандело е насочена кон темата на автентичноста и вистината, кои постојат само во повеќеобразниот хаос на животниот тек. Честопати Сицилија е прикажана низ една архаична и фолклорна димензија како земја на митовите и суеверието. Јадрото на расказите на Пирандело го сочинува драматичноста на секојдневието и на приватниот простор, кој од ден на ден го испревртува постоењето на ликовите во нивниот микрокосмос.
Луиџи Пирандело (1867–1936) е роден во околината на градот Џирџенти на Сицилија. Студира филологија во Рим и во Бон. По завршувањето на студиите се враќа во Италија и решава да се занимава со книжевност. Од 1897 до 1922 година е професор по естетика и стилистика на Кралскиот институт за женско учење во Рим. Автор е на романи, драми, поезија, а напишал голем број раскази, кои се собрани во збирката „Раскази за една година“ (15 тома пишувани од 1922 до 1937 година). Збирката раскази „Амфора“ е објавена како единаесетта збирка од овој писателски и издавачки потфат. Во 1934 година ја добива Нобеловата награда за литература. Умира во Рим.