ОД БЕЛЕЖНИКОТ ЗА УМЕТНОСТА

Во време на доминација на „идеалот на црното“ во кое се губи „културниот пејзаж“ (Т.В. Адорно) упорно останува желбата да создаваме и да препознаеме уметничка вредност. Јунг (познат по учењето за архетипското, вроден дел на психата) сметал „дека решението на модерната епоха е во тоа едностраниот нововековен активизам да се урамнотежи со духовното наследство на традицијата“. Секако не може едното само да се замени со друго затоа што секое „ново време“ носи свои сложени белези. На радио оди Едит Пјаф со песната „Јас не жалам за ништо“, а луѓето и денес ги допира нејзиниот глас. Денес не се поддржува стручно критичко мислење, а јас останав на такво рамниште. Дечиња од ОУ „Војдан Чернодрински“ поминуваат со наставничката на пешачки, а во рацете со боички украсен транспарент „Цвет за убав живот.“ Сепак, човек не може лесно да се оттргне од присуството на „меланхоличните цветови на заборавот“ во време на актуализиран грчевит опстој. А Ниче вели: „Целото наше познавање на уметноста во основа е целосно илузорно, зашто како познавачи не сме едно и истоветно со суштеството како единствен творец и набљудувач…“ Уметноста бара емоција, како и сестрана аналитичност, меѓутоа останува согледувањето дека ликовното дело е недостапно за интерпретација за примена на каков било метод или систем на објаснување. Дали е воопшто можен подлабок поглед освен опишување на формата, низ значење на фрагментот?! Што ги поврзувало толку различни а талентирани уметници како Ворхол, Баскијат, Клементе… успешно да насликаат едно платно?
Роберт Глигоров е мултимедиумски уметник, роден во Крива Паланка, но подолго време живее и твори во Милано. Тој се претстави по вторпат со изложба во Скопје, со циклусот насловен „Уроборос“ (кружна претстава од Бенин на змија што си ја гризе опашката симболизирајќи постојан развој и обнова).

Тоа се високопрофесионално изработени, црно-бели автопортретни фотографии на голо тело и разновидни сугестивно решени перформанс-мотиви. Станува збор за необичен вид на гранични психофизички состојби на човекот, кои рефлектираат разни состојби на човекот во ова немирно време, кои рефлектираат и некои поранешни тешки состојби. Неговите концептуални содржини се читливи, но и загадочни како производ на добро промислување и рафинирана естетизирана форма. Циклусот фотографии дејствуваше со својата кохерентност, со својата визуелност и содржина. Во секој случај, една изградена култивираност на постапката. Секој уметник е во потрага по „тајниот премин“ кон вечноста, која личи на митската змија, но тука зборуваме за ликовно дело во кое се евоцира нешто од „светска болка на уроборос“.
Се промовираше монографија за животот и делото на Анета Светиева, во која се публикувани повеќе, секако, корисни искажувања и мисли на вајарката Анета Светиева, која се оствари кон крајот на 1980-тите и во 1990-тите години. Нејзиното дело, кое може да се набљудува од извесна дистанца е доволно инспиративно за поцелосно, но и критичко толкување. Светиева создаде циклус ликови-идоли во форма на обновен архаизам, потпора за модерниот уметник. Секако, постојат, по формалните белези, извесни поврзувачки нишки со творбите од неолитот на нашите простори до остварувањата од епохите на старите цивилизации, но без нивните магиски и ритуални специфики. Ликовите како торзо се женски и машки, некаде двополни, моделирани се во обли напнати волумени со типизирани, но и индивидуализирани црти. Употребата на бела боја ги затскрива давајќи им масковидна форма, а втренчените очи, кои се правилно поставени, им даваат специфичен израз на затворен лик, со поглед навнатре, што вознемирува. Насмевка е блага и неодредена, некаде можеби „архаична“, но тоа во ова тегобно време не може да биде, не е насмевка на Буда. Рацете се испружени напред, со благ стисок на дланката што сугерира одбрана, повлекување во себе. Познат е „говорот на рацете“ во портретите на О. Кокошка, Егон Шиле итн. Долниот дел на телото добива преобразени облици на слободна конструкција. Во други дела „архаичноста“ добива конотации на чудовишност: познат е циклусот насловен „Ерос и Танатос“ (еротичноста со белези на грда „ѓаволска работа“), како и серијата цели фигури, простум и со различна поставеност на рацете. Тоа се единствени оригинални примери во македонската скулптура. Нејзиното дело заслужува мултидисциплинарен пристап, меѓу другото антрополошки. Откако ја разгледала книгата „Современа македонска скулптура“, Анета Светиева ми се јави за да рече дека е тоа „вистински научен труд“ и дека за првпат видела скулптури на Борка Аврамова, која всушност е нејзина претходничка.
Гете напишал: „Стилот почива на најдлабоките темели на спознанието на внатрешната суштина на работите, доколку нам ни е дадено да ја фатиме во видливи и опипливи облици“.

Димитрие Дурацовски е писател постмодернист, сликар што се образовал на Средното училиште за применета уметност во Скопје. Негово животно и творечко сидриште е градот Струга на езерото, град на премрежиња. Ама творештвото не знае за граници, така и Димитрие својот пат го најде во надреализмот, во варијанта на старите мајстори и несознатливиот амалгам на ирационалното и рационализираната форма. Кога во 1984 година го посетив во Струга, на вториот кат во куќата видов соба со натежнати рафтови полни со книги, а во друга просторија несреден ликовен материјал. Тој како да не обрнуваше внимание на тоа. Сепак нешто видов, а многу подоцна се оствари и ретроспективната изложба во Скопје. Уметноста на некој начин овозможува да се биде и некој друг, да се насети нешто од другата страна на познатото. Неговите поттици се во книгите и ликовната фантазија. Цртежот секогаш има примат, не само како прва белешка туку и како создавање поврзани како и расчленети или неразгатливи мотиви. Во последователната нарација, како и декомпонираното претставување на разни знаци и симболи, како и предметноста, се мешаат моментите на несвесните поттици и рационализирано подредување на елементите. Во таа збрка се појавуваат и црти на лавиринт на проткајување колажирани мотиви, затворен потоа отворен простор на асоцирање. Во некои цртачки состави е сугериран еден вид ослободен тек на мислата, а фрагментираните претстави, како и (а)логичното поврзување на елементите, имаат конкретно и имагинативно значење. Сликата за него е еден вид знаење и сугестија на тајната во просторот и предметното. На платната, покласично е насликан ентериерен затворен простор во кој се поставени неподвижни „закопчани“ машки фигури, од грб и полупрофил, во анфас со заматени или бришани црти на ликот.

Станува збор и за автопортрети и цитирани портретни ликови од историјата на уметноста. Надреалното, магичниот реализам тивко ќе проструи низ „маскираните“ ликови, со извесна деформација или поставени во просторна релација со други елементи (мотив на шах) или интервенции. Илустративното не ги поништува повеќезначноста, осаменоста и несвесните поттици, сугерирајќи еден вид повнатрешнување на ликот и атмосферата на еден познат или замислен простор. Не случаен е неговиот афинитет за филмови како „Во Мариенбад“ или оние на К.Дреер. Во „Тајна историја“ Димитрие пишува: „И ако некому му изгледа дека во неа има премногу неверојатни, фантастични настани, тој е во заблуда“. Понатаму: „Би сакал да работам на Марсел Дишан и неговите трансформации во Роз се ла ви… Станува збор за процес на идентификации транспонирани низ едно ликовно дело што во краен случај и не донесува некои поголеми резултати, тоа е сепак еден вид симулација и има значење единствено како обид за субјективно селектирање и интерпретација на вредности…“ Во расказот „Мебиусова лента“ се навраќа на своите концептуални идеи: „Сакав да пишувам за религиозноста на Леонид Шејка и за неговото интегрално сликарство, со акцент на неговиот космогониски знак Кадис“.
Ретроспективата на Ибрахим Беди, пак, ги заокружува повеќегодишните креативни настојувања, кои се во знакот на континуитет и препознатливост, во творечки опус во кој се содржани одделни мултимедиумски експерименти, подгорување на листот како дел од цртачко-линеарната инвенција и целата таа култура на пејзажни истражувања во Македонија и во Турција. Тој користи кревки гранчиња, дрво, камен и предмети што кореспондираат со присуство и едновремено како сеќавање чие извориште е природата, на некој начин конкретна и просторна, не без извесен стремеж кон бегство од загаденоста на ова механичко-техницизирано време. Живописноста на подредената поставка се должи на непосредниот креативен дијалог, како и на сообразување на авторот со конкретните просторни услови и катчиња на уметничката галерија во скопскиот „Чифте-амам“. Тука се случува ослободување на магиските врски со минатото и традицијата, но и со симболичните предизвици на сегашноста. нагласка на интерференција меѓу пластичното и сликарското, на објектното со специфичната конфигурација на просторот, во една единствена кореспонденција на интимистичноста на изразот и преобразбата на функционалноста на објектот, интервенции изведени во креативен процес, кои ќе останат забележани како фото-видеозапис. Декоративноста на колоритот и нежните знаковни назначувања се дело на уметничкиот сензибилитет што се храни со изворните мотиви од турската и македонската традиција и фолклор. Врамените цртежи во боја добиле фантастичен призвук со специфичната клеовски деликатна линеарност. Линеарните структури од дрвени гранчиња што ги оживуваат ѕидните површини се до плафонот, но во својата преобразена пластична форма го освојуваат просторот. Просторот е оживеан или дополнет со нови содржини, пред сѐ со форма на пластична инсталација на секој дел од ѕидните површини што ја има линеарната деликатност на цртежите.

Се добива впечаток на тотален амбиент во кој треперат пластичните структури, кои се во тесна врска со обликот на поединечните дела и сликите-цртежи во боја. Делата на Беди се линеарни и прозрачни, одредувајќи го големиот празен простор во кој се вкомпонирани и други материјализирани предмети од природата, дрво, камен, коноп и други предмети, како и „реквизити“ на домашниот амбиент како налани, ковчег за чување облека итн., кои ја сочинуваат ритмиката во просторот. Двата циклуса насловени „Гнездо“ и „Птици“ (Башлар тука би имал што да каже) се сугестивни со својата алузивност, а мошне стилизираните форми или дамки го назначуваат мотивот на интимизам, на елементот земја и воздух, стремеж кон слободниот простор, како симболичност на летот и творечката слобода. Елементите на природата добиле нов ликовно-естетски контекст и нова форма и значења на познати феномени. Кревките материјали сугерираат нетрајност и минливост на суштествувањето. Тие се симболи за дом, топлина и заштита, на полетност на духот во една украсена градина како „креирана игра“ од природни елементи. Видеозаписот е естетизиран дијалог меѓу одделни ликовни „парчиња“ поставени во дел од стара патинирана фасада.

Владимир Величковски