Завршија годинашните истражувања на Неолитска населба од средниот неолит, стара над 7.500 години, во близина на селото Костурино, кај Струмица.
Истражувањата почнаа на почетокот на октомври и според археологот Зоран Рујак од НУ „Завод и Музеј Струмица“ целосно е истражен објектот лоциран на локалитетот Орниче.
-Објектот е од средниот неолит и засега е најстар објект во југоисточниот дел на Република Македонија. Има блиски аналогии со објект кај селото Дамјан, Радовишко и се работи за локалитет кој е за малку постар. Тука се работи за објект со димензии од 9х6 метри и станува збор за класичен објект од средниот неолит со сите постројки внатре, со печки, со огништа, со места каде се мелело житото, места каде практично живееле луѓето од времето на неолитот – вели археологот Рујак.
Додава дека се откриени и други објекти, кои се култни и во нив се вршени одредени религиски и култни активности. Досегашните истражувања укажуваат дека тогашната земјоделско-сточарска заедница е една од поинтересните во Република Македонија.
На локалитетот покрај садова керамика се појавиле и други интересни предмети. Пронајден е жртвеник со претстава на змија и претстава на око и се работи за симболи кои се користени во времето на неолитот.
Директорот на „Завод и Музеј Струмица“, Ацо Манински информираше дека археолозите работеле на овој и на локалитетот Римска Терма во Бања Банско. Тој побара да се обезбедат повеќе средства за истражувањата од областа на историјата и археологијата и тоа не само во регионот туку и пошироко.
Членот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов го најави и проектот за комплетна конзервација, реконструкција и реставрација на локалитетот Цареви кули во наредната година. За овој проект oпштината обезбеди донација од околу еден милион евра, со што се очекува комплетно завршување на бедемите на локалитетот и подобрувањето на пристапноста до него.
Годинешната кампања на локалитетот Орниче е поддржана од Министерството за култура.
Истражувањата се очекува да продолжат идната година со обемни недеструктувни истражувања со помош на магнетометар, односно геомагнетни истражувања и врз основа на тие резулатите ќе се продолжи со натамошните систематски истражувања.