Одлуката за давање согласност за употреба на американски ракети од долг дострел доаѓа во чувствителен момент, нешто повеќе од два месеца пред да ја преземе функцијата новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Досега Бајден се колебаше да донесе таква одлука, бидејќи калкулираше дека директните напади на руска територија би можеле да предизвикаат сериозна ескалација на конфликтот, вклучувајќи и можност за одмазда против земјите на НАТО. Сега одлуката на Бајден означува некаков пресврт, што, според соговорниците, е далеку од државничка одлука
Одлука на претседателот на САД во заминување со можни тешки глобални воени последици
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден му даде согласност на официјален Киев да користи американски ракети со долг дострел за да напаѓа цели на руска територија. Со тоа, тој во заминување донесе одлука што означува значителна промена во американската политика кон конфликтот Украина-Русија. Соговорниците со кои се консултиравме ја квалификуваа оваа одлука на американскиот претседател во заминување како исклучително незрела, глобално политички неодговорна и безбедносно нестабилна и како отежнување и усложнување на прашањата за светскиот мир на новата администрација на Трамп. Воените советници и во Вашингтон (и во Киев), популарно наречени „воени јастреби“, со нетрпение ја чекаа оваа одлука. Но последиците од неа би можеле да имаат неповратна штета.
Првите ракетни удари со американските ракети со долг дострел, плус британските и француските, би можеле да се очекуваат веќе во наредните денови?!
Одлуката за давање согласност за употреба на американски ракети со долг дострел доаѓа во чувствителен момент, нешто повеќе од два месеца пред да ја преземе функцијата новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Досега Бајден се колебаше да донесе таква одлука, бидејќи калкулираше дека директните напади на руска територија би можеле да предизвикаат сериозна ескалација на конфликтот, вклучувајќи и можност за одмазда против земјите на НАТО. Сега одлуката на Бајден означува некаков пресврт, што, според соговорниците, е далеку од државничка одлука. Според соговорниците, доколку се побрза со завршување на протоколите, по одлуката на Бајден, првите удари би можеле да се случат во наредните денови, а целите ќе бидат во руската област Курск, област што стана клучно бојно поле каде што руските и севернокорејските сили ги напаѓаат елитните бригади на Украина. Се очекува нападите да бидат изведени со помош на ракетите АТАКМС, со дострел од 306 километри, со кои Украина за првпат може сериозно да ја загрози руската воена инфраструктура длабоко зад линијата на фронтот. Откако Вашингтон ја објави својата одлука, Велика Британија и Франција го следеа примерот, овластувајќи ја Украина да ги користи своите ракети со долг дострел СКАЛП и „сторм шедоу“ за да напаѓа стратегиски цели длабоко во Русија. Оваа координирана акција е сигнал за дополнително зајакнување на западната поддршка за Украина во време кога руските сили постигнуваат одредени успеси на бојното поле.
Реакции на одлуките за дозвола за употреба на американските, британските и француските ракети со долг дострел
Украинскиот претседател изрази задоволство од одлуката на Западот, но рече дека таквите постапки не се нешто што се најавува јавно.
– Ударите не се прават со зборови. Таквите работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе – изјави претседателот на Украина, Зеленски, изразувајќи увереност дека тој навистина наскоро ќе изврши лансирање на ракетите со долг дострел.
Натаму, Полска беше меѓу првите држави кои ја поддржаа одлуката на САД. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека Бајден одговорил „на јазик што го разбира Владимир Путин“, алудирајќи на руските напади и наводната вмешаност на севернокорејските трупи во конфликтот.
Москва ова го гледа како „директно учество на НАТО во конфликтот“
Што се однесува до Русија, Москва реагираше жестоко. Владимир Џабаров, првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни прашања на рускиот парламент, предупреди дека одлуката на Вашингтон може да доведе до „трета светска војна“ и најави брза реакција од страна на Кремљ. Џабаров нагласи дека Русија ќе ги смета таквите потези како директно учество на НАТО во конфликтот. Рускиот претседател го предупреди Западот да не дозволи Украина да користи западно оружје за напади на руска територија. Во септември тој изјави дека Москва ќе го разгледа ова „директно учество на НАТО во конфликтот“ и предупреди дека таквата ескалација „ќе ја промени суштината на конфликтот“. Путин исто така повтори дека заканата од нуклеарно оружје не треба лесно да се отфрли, потсетувајќи дека Русија има капацитет одлучно да одговори на секоја закана.
Експертите предупредуваат дека одлуката на САД и нивните сојузници може дополнително да ја влоши ситуацијата, зголемувајќи го ризикот од поширок конфликт. Со оглед на руските закани, ситуацијата лесно може да прерасне во директен конфликт меѓу НАТО и Русија, што би имало глобални последици. Р.С.