- „Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам“, се вели во статијата „Самоопределување на Македонците“ од Крсте Петков Мисирков, објавена во „Мир“ во 1925 година
- Поради своите македонски национални ставови, особено по објавувањето на „За македонцките работи“, Мисирков се соочил со напади и осуди, особено од бугарските националистички и шовинистички кругови. Меѓутоа Мисирков никогаш не отстапил од своите ставови
Деновиве се одбележуваат 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков, човекот што во македонската национална меморија останува запаметен како филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на националните и политичките проблеми, публицист, собирач и истражувач на македонското народно творештво. Мисирков исто така е и основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и во Софија, како и раководител на Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК) во Санкт Петербург. Тој е автор на книгата „За македонцките работи“, сопственик и редактор на списанието „Вардар“ и автор на голем број научни статии и политички памфлети.
Со објавувањето на книгата „3а македонцките работи“ во 1903 година, Мисирков се оформува како татко на македонистиката (наука што ги проучува развојот, правописот и другите одлики на македонскиот јазик), поради редовната употреба на тројниот македонски член (чо’еков, селово, очиве, долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и). Мисирков не бил пионер, имено Спиро Гулапчев и Петар Поп Арсов претходно ги воведуваат македонскиот говорни особености во литературата и прават обиди за македонски фонетски правопис. Но и покрај ова, Мисирков е една од најценетите личности во македонското современо општество, а тоа се должи на неговата македонска програма.
Мисирков всушност е првиот Македонец што објави целосна македонска национална и политичка програма, а ова е евидентно во неговата книга „3а македонцките работи“. Споменатата книга не случајно беше објавена во декември 1903 година, имено, Мисирков по неуспехот на Илинденското востание и веќе забележливите поделби во македонското револуционерно движење ја согледал потребата од обединување на македонскиот народ, како и одделување на македонските национални и политички интереси од интересите на соседните балкански народи, преку т.н. македонски сепаратизам.
Вистина е дека македонскиот сепаратизам се пројавува многу пред Мисирков, што е особено видливо во однос на употребата на македонскиот јазик во литературата уште во средината на 19 век или политичкиот сепаратизам на Македонската револуционерна организација, но Мисирков е првиот Македонец што јасно и недвосмислено ги образложи македонските национални интереси.
Кај историчарите и истражувачите постои одредена согласност дека многумина Македонци, вклучувајќи ги и водачите на Македонската револуционерна организација (МРО), тактизирале со концептот за македонски сепаратизам, но Мисирков во книгата „3а македонцките работи“ јасно нагласува дека „Имињата: Бугарин, Србин, Грк во Македонија се средство на малите држави за да нe’ заробат нас. Ако и ние ја сакаме нашата татковина и самите себеси, тогаш и ние треба да ги претпочитаме нашите месни македонски интереси пред општобугарските, општосрпските, општогрчките. Ние треба да создадеме таква положба – да нема во Македонија ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, зашто таму нема Бугари, Срби и Грци, ами има само Македонци од словенско потекло и некои други македонски народности. Нашите интереси треба да си ги изучиме и да си ги заштитуваме сами, а не да ги даваме во туѓи раце за да ги експлоатираат малите балкански државички“.
Јасните заложби на Мисирков се потврдуваа и од свештеникот Јурдан Ангелов, кој во своите спомени вели дека во есента 1903 година, кога во Софија се водела дискусија за последиците од Илинденското востанието и за иднината на македонската „револуционерната борба, кај поединци веќе зреела мислата движењето да ги истакне и културните проблеми на својата борба. На помош на нашата идеја дојде Мисирков. Со него се зближи Димитар Мирасчиев и се беа согласиле кон политичкиот автономен принцип за слободата на Македонија да се прибави национална и јазична автономија на Македонија, почнувајќи со издавањето книги и весници на чист македонски јазик“.
Поради своите македонски национални ставови, особено по објавувањето на „За македонцките работи“, Мисирков се соочил со напади и осуди, особено од бугарските националистички и шовинистички кругови.
Во овој контекст е и статијата „Нови кобни патишта и проломи“, објавена во списанието „Македонија“. Во оваа статија за јазикот и правописот на Мисирков се вели дека тоа се „лудории од немакедонски фрази, дека тоа не е прво такво истапување и многу пред работата на Мисирков, Младата македонска книжевна дружина преку страниците на Лоза се залагала за истото. Според пишувањата на споменатото списание, идејата за која се залагале Мисирков и Младата македонска книжевна дружина била пропагирана во 1887 година од страна на рускиот печат, а во 1886 година, Иван С. Аксаков ги советувал своите македонски ученици да создадат македонски литературен јазик и да го зачудат светот со својата независност“.
Меѓутоа Мисирков никогаш не отстапил од своите ставови. Ова се потврдува и од неговата статија „Македонскиот и бугарскиот национален идеал“ објавена во „Македонскиот глас“ во 1914 година. Во спомената статија Мисирков нагласува: „Нека си мечтае Бугарија за своето проширување. Македонците тоа не ги интересира. На Македонците им е потребно повторно обединување и независност. На Македонците им треба, не голема Бугарија, туку обединета и слободна Македонија“ или дека „Македонија е земја со древна словенска култура и никој нема да успее да ја искорени оваа древна словенска култура и на пустината да ги утврди своите интереси. Македонија ќе ги преживее сите несреќи, зашто уште не се исчезнати јунаците во Македонија. Ликовите на светите Кирил и Методија, на светите Климент и Наум Охридски на синовите на Македонија им служат како порака дека и за Македонија ќе дојде светлата иднина кога таа обединета и ослободена ќе влезе како рамноправен член во семејството на балканските народи“.
Тука може да се спомене и неговата статија „Самоопределување на Македонците“ објавена во „Мир“ во 1925 година, во која можеме да прочитаме дека најважниот услов за соработката помеѓу Србите, Бугарите и Македонците е полната слобода во самоопределувањето на Македонците. Во оваа статија, Мисирков меѓу другото исто така вели: „Дајте ни да си имаме свои, македонски национални чувства и да создаваме македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашата… Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште“.
„Вардар“
„Вардар“ е првото списание за наука, литература и политички прашања напишано на македонски јазик чиј уредник и основач бил Крсте Мисирков. Списанието било објавено на 1 септември 1905 година (стар стил) во Одеса, Украина. Се планирало да излегува еднаш месечно, но списанието излегло само во еден број. „Вардар“ е составено од неколку секции каде што се обработуваат македонското прашање и странските пропаганди, народното творештво, литературата, статистиката и етнографијата на Македонија, како и теми од светската геополитика.
Таен македонско-одрински кружок (ТМОК)
Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК) во Санкт Петербург е основан во 1900 год., и негова цел, според протоколот од првото заседание, била: „Да го помага материјално и морално македонското дело и, според своите можности, да го следи неговиот развиток“. Крсте Петков Мисирков бил член основач, а во 1902 год., кога по дипломирањето одново се преселил во Санкт Петербург и се подготвувал за постдипломски студии кај проф. Петар Лавров, тој станал и претседател и најактивен член на ТМОК. Д.Ст.