Пораката што ја испраќа приказната е растот и созревањето на една кукла што сака да стане вистинско дете преку своите успеси, но и неуспеси и незгодни ситуации. Да добиеш срце не е потребно да си дел од големиот свет, туку да сочувствуваш со другите. Иако срцето на Пинокио е дрвено, тоа го однесе на вистинскиот пат, вели режисерката Микица Илова
Ученици од гимназијата „Добри Даскалов“ подготвија претстава за најмладите кавадарчани
Приказната за малото симпатично дрвено момченце на италијанскиот писател Карло Колоди неодамна во малку изменета верзија, со кукли марионети, оживеа на сцената на кавадаречкиот театар. Имено, најмалите љубители на театарот минатиот четврток, на 14 ноември, имаа можност да ја проследат премиерата на детската претстава „Доживувањата на Пинокио“, во режија и адаптација на Микица Илова. Речиси целиот актерски тим го сочинуваа ученици од кавадаречката гимназија „Добри Даскалов“: Арелена Гостимировиќ, Јована Секуловска, Елена Илова, Ристе Стојанов, Александар Стојков, куклите марионети ги играа Тамара Стојанова, Ивана Секуловска, Мартина Илевска, Доменика Митевска и Маја Стојанова и актерите Александар Алинков во улогата на Ѓепето и Сашко Орешков во улогата на Мачорот.
– Пораката што ја испраќа приказната е растот и созревањето на една кукла што сака да стане вистинско дете преку своите успеси, но и неуспеси и незгодни ситуации. Да добиеш срце не е потребно да си дел од големиот свет, туку да сочувствуваш со другите. Иако срцето на Пинокио е дрвено, тоа го однесе на вистинскиот пат – вели режисерката Микица Илова.
Силни пораки за вистински вредности
Претставата „Доживувањата на Пинокио“ носи многу силни пораки и нѐ учи на вистинските вредности дека лагата има своја цена и последиците кога-тогаш ќе те стигнат.
– Секогаш сакам да оставам свој белег во детските претстави, па така и овој пат бев креативна и го однесов нашиот Пинокио во театар. Се држев до оригиналната приказна, но внесов новитет и со мало истражување создадов вистински кукли, марионети-актери што се движат, зборуваат и танцуваат со помош на жици во театарот на господин Стромболи. Тоа беше вистинско освежување на сцената, танцување и прошетка низ различни стилови на музиката. Пинокио и неговата совест Штурчето нѐ научија дека не е убаво да се лаже и дека тоа носи последици, Стромболи, Лисецот и Мачорот беа задолжени да ги насмеат децата, а родителската фигура беше изразена преку Ѓепето и Добрата вила – дополни Илова
Гимназијалката Арелена Будимировиќ има искуство на театарската сцена, но по премиерата сите беа едногласни дека таа е полн погодок за улогата на Пинокио.
– Со толкувањето на главната улога на Пинокио сакам да потенцирам дека ми беше чест да влезам во улогата на дете што иако е наивно и не секогаш постапува правилно, на крајот на неговата приказна ќе дојде до израз чистата детска добрина. Таква чиста добрина носат во себе и возрасните, само треба да погледнат подлабоко во себе, да ја пронајдат и да ја пуштат слободно да си ги рашири крилјата. Јас сум ѝ многу благодарна на целата екипа, која постојано ми даваше поддршка, особено на режисерката Микица Илова, која е извонредна менторка и ми помогна искуството на мојата прва главна улога да биде навистина волшебно – вели Арелена Будимировиќ.
Магични костими за главните ликови
Меѓутоа секоја магија на театарската сцена нема да се случи ако ги нема костимите. Сара Милевска како костимографка на претставата се чини овој пат се надмина себеси со прекрасните креации, кои ја оставија публиката без здив.
– Инспирацијата за костимите во претставата „Доживувањата на Пинокио“ произлезе од автентичноста на цртаниот филм, дополнета со мој личен печат и уникатно доживување на ликовите. Во процесот на создавањето истражував светски примери од мјузикли, филмови и балети за „Пинокио“, за да изградам костимографија што ќе биде веродостојна, но и оригинална. Костимите се рачно изработени и сликани, со посебен акцент на Мачорот и Лисицата, чија визуелна приказна е обликувана преку детална рачна работа. Кај Пинокио тежнеев да ја доловам неговата препознатливост, но и да го внесам духот на оригиналниот лик од историските записи – неговата капа асоцира на леб, а облеката има детали од истуткани материјали, кои потсетуваат на хартија. Карикатуралните елементи се нагласени во ликовите како Стромболи, Мачорот и Лисицата, додека куклите марионети се инспирирани од Арлекино од комедијата дел арте, што претставува еден од симболите на првиот уличен театар. Оваа комбинација на традиција, уметност и креативност резултира со коментари дека костимите изгледаат како цртани, создавајќи илузија што го надминува реалното. Овој проект е доказ дека уметноста не зависи од условите, туку од љубовта и посветеноста. Костимите се мојата уметност и дел од мојот идентитет, а со нив покажав дека и во аматерски театар може да создаде професионална магија – ни рече Сара Милевска.