Историска американско-кинеска иницијатива

Вкупно 52 милијарди соларни панели наскоро би можеле да ја покријат автопатската мрежа во САД. Истражувачите од Кинеската академија на науките, Универзитетот „Цингхуа“, Кинеската академија за геонауки и Универзитетот „Колумбија“ предложија историска иницијатива, која би можела да ги види главните глобални автопатишта покриени со соларни панели, пренесува „Екоњуз“.
Истражувачката публикација „Покривањето автопатишта со соларни панели значително ги намалува емисиите на јаглерод и сообраќајните загуби“ се залага за распоредување соларна технологија низ глобалната автопатска мрежа, која се протега до 3,2 милиони километри.
Притоа, истражувачите проценуваат дека годишно може да се произведуваат до 17.578 терават-часа електрична енергија. Оваа бројка е еквивалентна на повеќе од 60 отсто од потрошувачката на енергија во 2023 година и може да намали до 28 отсто од глобалните емисии на јаглерод, како и да ја намали инциденцата на сообраќајни несреќи до 11отсто.
– Ова навистина ме изненади. Не сфатив дека само автопатиштата можат да поддржат распоредување на толку големи фотоволтаични инсталации, генерирајќи повеќе од половина од светската побарувачка за електрична енергија и значително ублажување на притисокот за намалување глобалните емисии на јаглерод – вели Линг Јао, водечкиот автор на студијата.
Пилот-проекти за покриени автопатишта со технологија на соларни панели веќе се успешно распоредени низ САД, Кина, Германија, Австрија и Швајцарија. Сепак, иако податоците покажуваат ветувачки резултати, важно е да се земат предвид ограничувањата. Истражувачите во својот труд признаваат како климатските услови варираат низ светот, со што различните услови влијаат врз ефикасноста на системот за соларни покриви. А понатамошните предизвици поврзани со изградбата на автопатскиот систем ги вклучуваат проценетите трошоци за изградба и за редовно одржување на системот. Сепак, предложената иницијатива нуди ветувачки податоци за зголемување на употребата на сончевата енергија. Р.С.