Кина го претстави дизајнот на авионот од шестата генерација
Корпорацијата за воздухопловна индустрија на Кина (АВИЦ) претстави макета на својот концепт на борбен авион од шестата генерација за време на 15-та кинеска меѓународна авијација и воздушна изложба во Жухаи, обезбедувајќи увид во идната насока на кинеската воена авијација. Авионот, наречен „бел император Б“ претставен на изложбата, е еволуција на претходните концепти на стелт-авиони претставени од Кина.
Како што е соопштено од „Војс оф Чајна“, оддел на државната телевизија ЦЦТВ, според претставениот концепт на дизајнот, авионот има можности да постигне суперсоничен лет и да ја пробие атмосферата на Земјата за вселенски операции.
Изложениот модел претставува визуализација на развојниот концепт и ги нагласува аспирациите на Кина во вселената. Авионот вклучува поголеми внатрешни ракетни полиња, цврста опрема за слетување за груби писти и структурен дизајн наменет да носи потешки товари.
Презентираната макета покажува дека АВИЦ направил значителни промени во структурата на авионот, особено фокусирајќи се на задниот дел и конфигурациите на крилата, веројатно наменети да го зголемат капацитетот на внатрешниот простор за оружје и да го олеснат транспортот на поголеми и потешки оружја од типот воздух – земја. Изгледа дека промените придонесуваат и за севкупно подобрување на способноста за прикривање и маневрирање.
Според информациите дадени на аеромитингот, целта на „бел император Б“ е да се подобри интеракцијата човек – машина, да се поедностават процесите на одржување и да се зголемат борбената ефикасност на платформата и брзината на летот.
Експертите шпекулираат дека вклучувањето елементи од вештачка интелигенција (АИ) и подобрените способности за спојување податоци најверојатно ќе бидат приоритет во развојот на овој ловец. Додека деталните технички спецификации остануваат непознати, моделот ја претставува амбицијата на Кина во трката за развој на воздушни капацитети од шестата генерација, како што се американската програма „Следна генерација за воздушна доминација“ (НГАД) и европската „Борбен воздухопловен систем на иднината (ФЦАС). Р.С.