Клучни во борбата против вирусите се: здравиот имунолошки систем, витаминската храна (овошје и зеленчук), редовното земање додатоци во исхраната како витамин Ц и витамин Д, сонот, прошетките на чист воздух и личната хигиена, вели во разговор за „Нова Македонија“ матичната докторка Лидија Костиќ Манчева од Скопје, специјалистка по семејна медицина
Медицински совети до граѓаните заради превентива од респираторни инфекции,
интензивно присутни во есенските месеци
Сведоци сме дека секојдневниот живот е полн со контакти со разни вируси, бактерии и алергени, особено во есенските месеци, како последица на глобалното затоплување на светско ниво, временските разлики и дневните температурни варијации. Деновиве, во редакцијата пристигнаа повеќе дописи и јавувања на загрижени млади родители за здравствената состојба на своите деца, поради чести вирози, малаксаност, кашлање и други здравствени проблеми предизвикани од вируси и бактерии. Меѓутоа, во редакцијата стигнаа и обраќања на повеќе пензионери, поради сезонското загрозување на нивното кревко здравје. Поради тоа се обративме до наши ценети соговорници и професионалци, кои со своите знаења и вештини можат ефикасно да им помогнат на граѓаните и на нашите читатели.
Матичната докторка од Скопје, специјалистка по семејна медицина, Лидија Костиќ Манчева, во разговор за „Нова Македонија“ понуди корисни совети за превентива и справување со актуелните респираторни инфекции во есенскиот период. Таа вели дека ваквата состојба, ним како матични лекари во дијагностицирање на респираторните заболувања кај пациентите, им го отежнува одговорот на прашањето дали се работи за настинка или за вирус, за бактериска инфекција, или, пак, за алергија.
– Вирусите најчесто се пренесуваат по аерокапков пат како респираторни вируси и по фекалноорален пат како гастроентеровируси. Варијациите на еден ист вирус зависат од начинот на пренос на заразата, како и од специфичниот имунитет на човекот. Во едно семејство заразено од ист вирус може да се случи различни членови да имаат различни симптоми и различна тежина на клиничката слика (благи респираторни симптоми со назална конгестија, назален секрет, болка во грло, до тешка клиничка слика со изразена ексудативна кашлица и висока температура, а во последно време многу често респираторните инфекции се придружени и со гастроинтестинални симптоми) – ни појаснува д-р Костиќ Манчева, која три децении е директорка на приватна здравствена ординација во Скопје.
Нови соеви вируси
Докторката, која е мошне посветена на своите пациенти, ни вели дека последниве години многумина од вирозите ја зголемуваат и хиперкоагулабилноста на организмот со покачени Д-димери (не само кај ковид-19), со компликации по здравјето од типот на тромбемболии. Едноставно има нови соеви, особено оваа есен норовирусите и ротавирусите како гастроентеровируси и аденовирусите, поради кои пациентите се болни со симптоми до три недели (придружено со астенија – омалаксаност на организмот), со перзистирачка иритирачка кашлица, која трае неколку недели, пролонгирани дијареи, како и со повраќања што индицираат консумирање електролити и течности поради електролитниот дисбаланс, потоа примање инфузии и многу боледувања.
– Во зависност од имунитетот на пациентот и од кој тип е вирусот имаме пациенти што се асимптоматски (случајно на лабораториски наод со лимфоцитоза, намалено железо, покачено ЦРП), потоа пациенти со благи симптоми што траат од три до четири дена (најчести), но имаме и пациенти што се со симптоми што траат дури и три-четири недели. Омикронот, корона-варијанта, е значително ослабен, но сè уште е присутен дури и во шест подгрупи. Правиме АВРИ микробиолошки тестови (брзи антигени тестови, брз тест за стрептокок), пнеумослајд со ИГМ И ИГГ-антитела, РНК-тестови на 33 до 40 причинители преку брисеви и ПЦР-тестови, кои, за жал, финансиски многу чинат. Летоска и есенва зедоа замав и рикециите од типот кламидиа и легионела откриени кај некои пациенти со перзистирачки иритирачки исцрпувачки кашлици што траат и до три недели, па дури и со таканаречени „вокинг-пневмонии“ – објаснува д-р Костиќ Манчева.
Таа напоменува дека вирусите се насекаде во воздухот, во храната, на предметите, а некои и опстојуваат со недели. Мора да се научиме да работиме на подобрување и зајакнување на нашиот имунитет, затоа што тие се наши сожители, секаде нè опкружуваат. Д-р Лидија Костиќ Манчева вели дека клучни во борбата против вирусите се: здравиот имунолошки систем, витаминската храна (овошје и зеленчук), редовното земање додатоци во исхраната како витамин Ц и витамин Д, сонот, прошетките на чист воздух, личната хигиена.
– Поподложни на вирусна инфекција се луѓето под хроничен стрес, хроничен замор, со коморбидитети (автоимуни болести, дијабет, респираторни болести ХОББ и астма, кардиолошки болести, рековалесценти, имунодефициентни, малигни), со операции во блиското минато, трудници и мали деца со сè уште неизграден имунолошки систем. Затоа кај овие пациенти се препорачува четиривалентна вакцина инфлуенца грип, како и ковид-вакцини, иако новите соеви се со намалена вирулентност поради масовната имунизација на населението. Целта на овие вакцини е да се намалат хоспитализации, тешки форми на болеста со компликации од типот на бронхопневмонии, срцева конгестија, рецидив или релапс на хроничната болест и слично – ни образложува д-р Лидија Костиќ Манчева.
Разлики меѓу настинка, вироза, ковид-19 и алергии
Нашата соговорничка ни појаснува и за разликите кај настинка, вироза, грип, ковид-19 и алергии. Нагласува дека матичните лекари многу добро ги познаваат своите пациенти.
– Пациентите со алергии (со симптоми како: кивање, кашлица, солзење на очите, опструкции како астма и слично) во есенскиве месеци се со многу поизразени симптоми поради амброзија, коров, етерични смоли на есенските листови, мувли… Редовно ги потсетуваме да користат антихистаминици и инхалациони спрејови во нос, некои и аеросоли во уста, а кај потешкитe форми со опструкции и инхалации да земаат физиолошки раствор и, особено кај децата, „пулмикорт“. Алергиите го влошуваат имунитетот и истите пациенти се предиспонирани на вирози бидејќи веќе имаат имуношка инфламација (лесно фаќаат бактериска или вирусна инфекција, како магнет ги собираат, особено во затворена просторија) – посочува д-р Костиќ Манчева.
За настинките, докторката вели дека обично траат помеѓу три и седум дена и се проследени со благи респираторни симптоми со конгестија на нос, кашлица, болно хиперемично грло, како и дека вообичаено брзо поминуваат со симптоматска терапија.
Што се однесува до вирозите – од типот на рино, норо и аденовируси – кај истите тие се појавуваат: покачена телесна температура, омалаксаност, грлоболка, главоболка, треска. Како мошне искусна, докторката вели дека во зимските месеци се очекува појава на инфлуенца (грип), па затоа веќе е отпочната имунизација. Грипот се јавува нагло, со висока температура, треска, силна атралгија, мускулна болка и голема омалаксаност (пациентот дава податок дека не може да стане од кревет).
– Ковид-варијациите оваа есен се со респираторни и со гастросимптоми, кои траат две до три недели. Интересно е тоа што – доколку во првите седум дена не се докаже вирусот со брз антигенски тест, брис од нос или ПЦР – подоцна е многу потешко да се докаже дека е ковид. За жал сè уште имаме пациенти со постковид-последици. Кај постарите пациенти многу често среќаваме хиперкоагулабилност (покачени Д-димери).
Лекувањето е со симптоматска и витаминска терапија. Се препорачуваат антипиретици (доколку постои покачена телесна температура), како и витамини (Ц, Д, цинк), додатоци во исхраната, пробиотици, деконгестиви и антитусици, додавање бетаглукан, имуностимулатори како имуникс со ехинацеа, виранто, или популарните таблети „изоприносин“, кои се со цел подигање на имунитетот – ни вели докторката.
Таа го образложува и препорачувањето антибиотици.
– Антибиотици се препорачуваат и пропишуваат само кај бактериски компликации или кај пациенти со коморбидитети како ХОББ или астма, со чести бронхопневмонии, со покачено ЦРП над 20, со потешка клиничка слика или во други оправдани ситуации. Матичниот доктор во лекувањето на секој пациент приоѓа индивидуално и не постои емпириска формула. Освен основниот преглед на грло, аускултација и сатурација, од особена помош се и лабораториските тестови со ЦРП и брисеви – објаснува специјалистката по семејна медицина.
Таа додава дека во есенскиве месеци профилактички се препорачуваат вакцинации за грип, a кај хроничните пулмолошки пациенти со имуностимулатори уште терапија со „изоприносин“, „респивакс“, бетаглукани, витамин Ц, витамин Д и други. За пациентите со алергии, кои, за жал, се во подем, се препорачува редовна терапија со антихистаминици и инхалациони спрејови. Нерешените алергии со опструкции го зголемуваат ризикот од астма и до 40 отсто, истото тоа се однесува и за назалните ларингеални полипи.
– Како матичен доктор имам само едно да додадам. Да бидеме здравствено едуцирани и совесни. Да се грижиме за нашето здравје, кое е најголемото богатство. Здравјето пред сѐ, или во здраво тело, здрав дух – завршува д-р Костиќ Манчева.
Живко Здравкоски