Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, еден добар дел од светските економисти предвидуваат длабоки промени на подобро. Пред сѐ, поради предвидувањето за скорешно завршување на војните. Домашните експерти потенцираат дека како мала држава не сме моќни да влијаеме на случувањата во светот, но затоа сега се потребни добри планови и програми за да го зачуваме и поттикнеме домашното производство (на струја, на храна, во земјоделството и, конечно, во индустријата…) и да ја намалиме нашата увозна зависност
Поради повеќегодишната ерозија на снабдувањето, неопходни се мерки за поттик на домашното производство
Промената на власта во најголемата светска економска и воена сила САД, но и војните во Украина и на Блискиот Исток, за економистите во светот се случувања што значително можат да ги променат изградените економски соработки, а веројатно веќе и го прават тоа. Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, голем дел од светските економисти предвидуваат длабоки промени на подобро, пред сѐ поради инсистирањето на Трамп да се стави точка на бесмислените воени судири предизвикани од неолиберални концепти, глобални превласти и неодржливи хегемонистички стратегии. Војните во Украина и на Блискиот Исток, кои имаат силен одраз врз цените на едни од најтргуваните прехранбени продукти, но и на црното злато, кое сѐуште има широка примена во земјоделското производство, но и во транспортот на стоките. За жал, овие случувања однесоа голем број човечки животи, но и покрај сите апели за прекин, состојбите не упатуваат на нивно скорешно завршување. Секако, истите тие клучно влијаат и врз економските текови…
Домашна струја и храна и зајакнување на домашното стопанство
Македонија нема толку голема директна соработка со САД, но, сепак, промените во самата Америка, но и на европско тло со сигурност ќе се одразат на нашата економија.
Од Народната банка на Македонија, во последниот квартален извештај укажаа дека иако глобалната економска активност покажува знаци на подобрување сѐ уште постојат предизвици.
– И покрај подобрувањето на краткорочните изгледи, растот и натаму е слаб во историски контекст, односно под просечниот раст остварен во декадата пред почетокот на пандемијата. Глобалните ризици и натаму се надолни, и покрај можноста за одредени нагорни движења. Евентуалната ескалација на геополитичките тензии би можела да ги зголеми цените на суровините, додека понатамошната фрагментација претставува ризик за дополнителни нарушувања на трговските синџири. Ова би предизвикало поголема инертност кај инфлацијата и би можело да го одложи монетарното олабавување. Одржувањето повисоки каматни стапки подолг период би ја намалило глобалната активност – посочуваат од НБРМ.
Стравувањата од ескалација на судирите сѐ уште постојат, но интензитетот на тие стравувања се намалува. Досегашната ескалација не само што води кон влошување на состојбите за населението, кое е засегнато со самите војни, туку значително се одразува и врз благосостојбата на голем број граѓани низ светот, имајќи предвид дека тоа може да води кон нов раст на цените на најбараните производи на светските берзи, а оттаму и на нашиот пазар.
Македонија е увозно зависна земја, дури и за исхрана се увезуваат голем број продукти, а дополнително, немаме енергетски извори.
Домашните експерти потенцираат дека како мала држава, не сме моќни да влијаеме на случувањата во светот, но затоа е потребно да го зачуваме домашното производство и да ја намалиме нашата увозна зависност. Соговорниците се сѐ погласни и во апелите и во предлозите за домашно производство: на електрична енергија од базни ресурси, потоа, домашно производство на храна и земјоделски производи со повисок степен на финализација, интензивно инфраструктурно поврзување, поттик на домашното индустриско производство…
– Не можеме да се изолираме од она што се случува на глобално и европско тло, во однос на побарувачката, индустриските реструктурирања, цените. Меѓутоа, она што дома може да го направиме е да работиме на страната на понудата, особено во делот на производството на храна и енергија, да ја намалиме зависноста од увоз. Во претходните години, добро поместување се направи во делот на производство на електрична енергија, односно се намали зависноста од увоз. Меѓутоа, засега добиена е само битката, а не и војната – вели професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Тој посочува дека кога станува збор за храната, таму состојбите се уште полоши, бидејќи не произведуваме доволно за да ги задоволиме потребите на нашето население, што секако е причина плус и за повисоки цени на прехранбените продукти.
– Во делот на храната, состојбите стојат уште полошо, односно сѐ уште увезуваме значаен дел од храната, а имаме како земја и поднебје и предиспозиции да ја произведуваме дома. За да бидеме помалку изложени кон глобалните случувања барем во овие два важни сегмента, неопходно е да го јакнеме домашното производство – нагласува Петрески.
Поголемо учество на државата во економијата
Економистот Здравко Савески за „Нова Македонија“ укажува дека тековните случувања сѐ повеќе водат кон деглобализирање на светот, што, пак, е причина повеќе ние суперинтензивно да се посветиме на раст на домашното производство. Во очекување војните бргу да запрат, треба сите сили да ги фокусираме на планирање на домашното производство.
– Во светот во кој центрите на моќ наметнуваат сѐ повеќе војни, тоа меѓу другото го прават за преку т.н. воен кејнзијанизам да ја извлечат економијата од криза. Се разбира, тоа значи зголемување на бројот на убиени луѓе и на луѓе што ќе бидат втурнати во сиромаштија, но очигледно тоа не им е важно на моменталните центри на моќ. Во светот што се деглобализира и затвора, исклучително важно е да се поддржи домашното производство! Не само преку поддршка на домашните приватни фирми туку и преку поголемо учество на државата во економијата. Повторно, тоа излегува надвор од економската ортодоксија од последниот четврт век, но она што сѐ повеќе станува јасно е дека земјите што цврсто, па и слепо ќе се држат до таа ортодоксија ќе настрадаат дополнително од она што би било случај доколку нема слепо држење до ортодоксијата – нагласува Савески. Промените во САД навестуваат движење во таа насока и свртување кон себе и ефективно искористување на своите ресурси. E.Р.