Традицијата на „Златниот гонг“ почна во 1969 година и оттогаш стана една од најпривлечните боксерски приредби. Охрабрувачки за организаторите беше што токму првата пријава за настап стигна од големиот шампион Парлов
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (323)
Георги Ајановски (2)
За тоа како се роди идејата за организирање една голема меѓународна боксерска ревија во Скопје, во чест на Денот на ослободувањето, 13 Ноември, пишував минатиот понеделник, па сега ќе потсетам на неизвесноста што владееше пред првиот „Златен гонг“ одржан во 1969 година. Иницијаторите на оваа приредба, Георги Ајановски, познат како Џоџа, и Живко Дуковски, откако ја добија поддршката од боксерските ентузијасти, со кои прво влегоа во една авантура уште кога се нафатија да го формираат БК Скопје, и успеаја во тоа, сега беа исправени пред нов многу голем предизвик. Без искуство и без обезбедени финансиски средства за организирање еден голем боксерски настан, влегоа во нова неизвесност.
Џоџа Ајановски, кој од голема љубов кон боксот, особено кон „Златниот гонг“, напиша и книга под наслов „Спомени за Златниот гонг“. Во неа се опишани сите маки на кои наидуваа во почетокот тој и неговите соработници. Меѓутоа, кога веќе заедно со Живко Дуковски се нафатија да организираат една таква ревија мораше сериозно да загризат за таа да биде успешна. Стравот доаѓаше и од друга страна. Имено, во Србија веќе со години се организираше „Мечот на шампионите“, познат како „Златна ракавица“. За него немаше проблеми. Тој веќе беше афирмиран во боксерскиот свет и на него учествуваа многу познати имиња од целиот свет, меѓу кои секогаш најатрактивни беа Кубанците, кои во своите редови имаа светски и олимписки шампиони.
– Токму поради тоа што за овој турнир веќе беше афирмиран, а националните федерации едвај чекаа да добијат покана за учество со свои боксери, ние се наоѓавме пред голем испит и бевме загрижени дали од организациски аспект „Златниот гонг“ ќе биде успешен и дали барем малку со својот квалитет ќе се доближи до „Мечот на шампионите“. Неизвесноста беше голема, но ние веќе тргнавме да го газиме трнливиот пат. Повеќе немаше повлекување, иако знаевме оти тој пат ќе биде многу тежок и со многу прашалници. Најчесто употребувано зборче меѓу нас беше – ако. Си мислевме што ќе правиме ако не обезбедиме доволно пари, ако не најдеме сала, ако не дојдат боксерите што ги планиравме за настап, ако, ако… безброј прашалници – вели од оваа временска дистанца Џоџа Ајановски.
Прва телеграма и прва радост
Во книгата на Џоџа Ајановски убаво се опишани сите детали што му претходеа на првиот „Златен гонг“. Меѓутоа, за сите што беа вклучени во организацијата најрадосен беше оној момент кога од Пула стигна првата пријава за учество на „Златниот гонг“.
– Содржината беше кратка: Го пријавувам своето учество на „Златниот гонг“, Мате Парлов. Ја читавме телеграмата и уште не можевме да поверуваме. Првата југословенска боксерска ракавица и европски шампион доаѓа во Скопје. Се радувавме како деца – вели тој.
Во следните денови весниците осамнаа со големи наслови: „Мате Парлов на рингот во Скопје“. Веста беше проследена и со прва најава за одржување на големата боксерска ревија „Златен гонг“. Спортските љубители со неверување ја примија веста. Беа изненадени и радосни што на рингот ќе можат да го видат во живо големиот шампион.
– Потоа се нижеа и други најави, во Скопје доаѓа и Светомир Белиќ, член на белградски Партизан и повеќекратен југословенски првак, Џакула и Мирковиќ од Црвена звезда, Вујковиќ (Војводина), Газепов (14 Октобар, Крушевац), Бахтијаревиќ (Раднички од Ниш). Ни самите не бевме свесни дека се обезбедени најзвучните имиња на југословенскиот ринг – вели Џоџа.
Македонската спортска јавност искрено беше збунета. Од каде сега наеднаш таков спортски спектакл во Македонија? Кој стои зад сето ова? Од каде пари за таква ревија?
– Колегите од редакцијата на „Вечер“ ме бомбардираа со прашања: дали Владата помага, дали градот Скопје е вклучен во организацијата, какви премии ќе добијат боксерите? А во тој момент нашиот клуб не располагаше со скршен динар. Струјата во салата не ни беше платена со месеци. Меѓутоа, Мојсовски, задолжен за финансиската конструкција, нѐ смируваше. „Ако ги продадеме сите влезници, ако обезбедиме ТВ-пренос и добиеме надомест за преносот, ако обезбедиме доволно реклами на и околу рингот ќе можеме да ги покриеме сите трошоци за организацијата на ревијата“ – вели тој.
Многу „ако“ и многу отворени прашања бараа брз одговор, пишува во книгата Џоџа.
Се врати оптимизмот
Охрабрени од пријавите од најдобрите југословенски боксери за учество на „Златниот гонг“ и по зборовите на Мојсовски, кој добро ја смисли и образложи финансиската конструкција, членовите на Организацискиот одбор тргнаа во офанзива.
Техничката организација ја презеде искусниот Живко Дуковски. Покрај него беа и познатите боксерски судии, браќата Панче и Мирко Леов, и Томе Симовски. Тие требаше да исконтактираат со своите колеги од Југославија, за да се обезбеди квалитетен судиски состав. Истовремено беа формирани натпреварувачката и техничката комисија, која имаше за задача да го обезбеди поставувањето на рингот и сето она што е неопходно за една ваква организација. Значајна улога имаше и Натпреварувачката комисија, која требаше да ги состави двојките за прелиминарните мечеви (ако имаше поголем број пријавени боксери), а потоа од победниците да ги состави финалните двојки.
– Интересно е оти многу боксерски работници од Скопје со голем ентузијазам се вклучија во организацијата. На сите им беше чест да помогнат една таква врвна боксерска манифестација. Во техничката организација се вклучија и браќата на Дуковски, Јоне (долгогодишен наставник) и Дуко (врвен електричар). Тие не само на првиот туку и на подоцнежните изданија станаа основни носители на техничката организација. Тука беа и боксерите од нашиот клуб, кои целосно се посветија на организацијата. Едноставно, за кус период создадовме тим што беше способен успешно да одговори на задачата – вели Џоџа Ајановски.
Организацискиот одбор предводен од Ајановски беше особено задоволен што наиде на големо разбирање кај МРТВ, тогашна Телевизија Скопје, особено кај уредникот Атанас Костовски. Тој без никакво колебање ја презеде обврската првиот „Златен гонг“ да оди низ директен ТВ-пренос за целото југословенско подрачје. Ова беше уште еден плус за целосен успех на боксерската приредба.
Првиот „Златен гонг“ во циркусот „Прага“
Она од што стравуваа организаторите на „Златниот гонг“ тоа и се случи. Тој требаше да се одржи на рингот во спортскиот центар „Кале“ на отворено, но времето, како за инает, се влоши и немаше шанса таму да биде поставен рингот.
– Бевме притиснати и во тие моменти разочарани. Но не се предававме, мораше да најдеме решение. Извештаите од синоптичарот Драган, кој како млад беше акробат во првиот македонски циркус, беа за нас многу непријатни. Тој не предвидуваше оти до 13 ноември, кога требаше да го организираме првиот „Златен гонг“ времето ќе се поправи. Бевме многу вознемирени, што да се прави? Ништо, „сѐ е во рацете на Господ“ беа зборовите на синоптичарот Драган, чиј син Трајче беше боксер. По некој ден се сретнав со Драган на плоштадот кај чистачот на чевли Кенан. Тој онака низ муабет ми рече дека во Скопје гостува циркусот „Прага“ од тогашна Чехословачка. Имаат убава програма, сигурно циркускиот шатор ќе биде полн со гледачи. Тогаш ми светна една идеја. Како куршум излетав од салонот на Кенан и се упатив кон Градскиот парк, кај езерцето каде што беше стациониран циркусот. Веднаш го побарав директорот и му реков дека јас сум задолжен за организацијата на една голема боксерска ревија, меѓутоа временските услови не дозволуваат рингот да се постави на отворено, па го прашав дали би се согласил за определен надомест да го поставиме во циркусот и да го одржиме „Златниот гонг“, кој се одржува во рамките на Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември. Знаев, познавајќи ја практиката од источните земји, кои обрнуваа големо внимание на ваквите празници, оти директорот ќе се согласи и дозволи рингот да биде во циркусот. И навистина беше така, дури и нѐ пофали за идејата дека е добро на градот по повод значајниот ден да му подариме една таква приредба. Мене ми олесна и веднаш почнавме со подготовката за поставување на рингот во еден невообичаен амбиент – вели Џоџа.
Така, под шаторската церада заживеа „Златниот гонг“, на кој прв победник беше Звонимир Вуин од Зрењанин. Инаку, тој беше носител на бронзен олимписки медал, а имаше сребро и злато од европските првенства и од медитерански игри. Потоа „Златниот гонг“ традиционално се одржува (со мали прекини поради недостиг од финансиски средства) до денес и е една од најстарите боксерски приредби во Европа.
Затоа, имињата на оние што беа основоположници на „Златниот гонг“, Георги Ајановски и Живко Дуковски, не треба да се заборават. Тие ќе останат во боксерската историја како луѓе што со својот ентузијазам и посветеност придонесоа Скопје да биде организатор на еден голем меѓународен турнир, а македонските боксери да добијат шанса да ги вкрстат ракавиците со многу познати светски мајстори на рингот. Добро е „Златниот гонг“ да продолжи да живее и никогаш неговото организирање да не биде доведено во прашање.