Нашата примарна цел беше да ги расветлиме здравствените проблеми на Бетовен, кои вклучувале прогресивно губење на слухот, почнувајќи од средината до доцните 20-ти, кои довеле до тоа да биде функционално глув до 1818 година, објасни биохемичарот Јоханес Краузе од институтот „Макс Планк“ за еволуциска антропологија во Германија

Еден бурен понеделник во март 1827 година, германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен починал по долгогодишно боледување. Заглавен во кревет од претходниот Божиќ, го нападнала жолтица, со отечени екстремитети и стомак, секој здив бил борба. Додека неговите соработници ја извршувале задачата да ги средат неговите лични работи, откриле документ што Бетовен го напишал четвртина век порано – тестамент во кој ги моли своите браќа да откријат детали за неговата здравствена состојба, тогаш непознати на јавноста.
Денес не е тајна дека еден од најголемите музичари во светот бил функционално глув до средината на своите 40-ти години. Тоа била трагичната иронија што Бетовен посакувал светот да ја разбере, не само од лична туку и од медицинска перспектива. Композиторот ќе го надживее својот доктор речиси две децении, но речиси два века по смртта на Бетовен, тим истражувачи тргнаа да го исполнат неговиот тестамент на начин на кој не би можел ни да сонува, со генетска анализа на ДНК на автентификуваните примероци од неговата коса.
– Нашата примарна цел беше да ги расветлиме здравствените проблеми на Бетовен, кои вклучувале прогресивно губење на слухот, почнувајќи од средината до доцните 20-ти, кои довеле до тоа да биде функционално глув до 1818 година – објасни биохемичарот Јоханес Краузе од институтот „Макс Планк“ за еволуциска антропологија во Германија во изјава за печат во 2023 година, кога беа откриени резултатите.
Примарната причина за губењето на слухот никогаш не била позната, дури ни на неговиот личен лекар Јохан Адам Шмит. За еден музичар, ваквата состојба не може да биде поиронична. Во писмото упатено до неговите браќа, Бетовен признал дека бил „безнадежно погоден“ од ваквата здравствена состојба, до степен да размислува за самоубиство. Тоа не било само губење на слухот со кое композиторот морал да се справи во неговиот возрасен живот. Најмалку од 22-годишна возраст се вели дека страдал од силни болки во стомакот и хронични напади на дијареја. Шест години пред неговата смрт се појавиле и првите индикации за заболување на црниот дроб, болест за која се смета дека е, барем делумно, одговорна за неговата смрт на релативно млада возраст од 56 години.
Во 2007 година форензичката истрага на прамен од косата на Бетовен сугерираше дека труење со олово би можело да ја забрза неговата смрт, дури можеби било одговорно за симптомите што го одзеле неговиот живот. Со оглед на културата на пиење од оловни садови и медицинските третмани од тоа време што вклучувале употреба на олово, тоа не е изненадувачки заклучок.
Оваа најнова студија, објавена во март 2023 година, открива дека влакната од косата на композиторот покажуваат дека неговата смрт веројатно била резултат на инфекција со хепатитис Б, влошена од многубројните фактори на ризик за заболување на црниот дроб.
– Не можевме да најдеме дефинитивна причина за глувоста или гастроинтестиналните проблеми на Бетовен – рече Краузе.
Па така, остануваат повеќе прашања за животот и смртта на познатиот класичен композитор. Каде се заразил со хепатитис? Што се крие зад неговите стомачни болки и губење на слухот? Тимот бил инспириран од желбата на Бетовен светот да разбере за неговото губење на слухот, па понатамошното истражување што го споредува хромозомот Y во примероците на косата со оние на современите роднини, кои потекнуваат од татковата линија на Бетовен, укажува на несовпаѓање. Тоа укажува на вонбрачна сексуална активност во генерациите што довеле до раѓањето на композиторот.
– Ова откритие сугерира дополнителен настан на татковство во неговата таткова линија помеѓу зачнувањето на Хендрик ван Бетовен во Кампенхаут, Белгија, во околу 1572 година и зачнувањето на Лудвиг ван Бетовен, седум генерации подоцна во 1770 година во Бон, Германија – рече Тристан Бег, биолошки антрополог на Универзитетот во Кембриџ.
Истражувањето е објавено во „Карент бајолоџи“, а претходната верзија на овој напис е објавена во март 2023 година.