Излезе збирката „Над небото под земјата“ на Алеш Штегер

Излезе од печат препевот на поетската збирка „Над небото под земјата“ на познатиот словенечки поет и прозаист Алеш Штегер. „Рефлексиите во поезијата на Алеш Штегер се длабоки, но и далекосежни. Тивкото ронење на песочниот часовник на времето нè одведува секогаш во неповрат.
Историјата е таа што се обидува да го врати времето назад, но таа е секогаш слуга на интерпретациите на временскиот тек, но и на филозофијата на смртта. Крајот е секогаш непосакуван, но тој во овие стихови го наметнува и тоа дека тој е и почеток. Оваа поетска збирка со лаконски, но моќни стихови говори токму за таа креација на човековиот континуум во времето, кое се менува и му нуди низа предизвици.
Алеш Штегер е еден од најпознатите поети и прозаисти во Словенија. Неговите дела се преведени на над дваесет светски јазици. Препевот на оваа поетска збирка е на Драгана Евтимова, а изданието е на „Перун артис“ и е поддржано од Јавната агенција за книга на Република Словенија.