Изминатата сабота беа пуштени во работа првите три т.н. потопни пумпи од хидросистемот „Ѓавато“, кој се смета за витален проект за водостојот и за заштита на Дојранско Езеро. Притоа беше истакнато дека со овој чин симболично се означи и почетокот на целосната реконструкција на споменатиот хидросистем, кој последниве три години не функционираше и со неговото неработење се закануваше да се предизвика еколошка катастрофа од несогледливи последици
Зошто само три дена по пуштањето во работа на пумпите од хидросистемот „Ѓавато“ за спас на Дојранско Езеро, тие беа запрени
Само три дена по пуштањето во работа на првите три потопни пумпи од хидросистемот „Ѓавато“, тие беа исклучени. Имено, водата наместо во езерото, се излевала врз ниви по должината на цевководот што го снабдува и рехабилитира со вода нашето најмало природно езеро – Дојранско Езеро. Информацијата дека пумпите се повторно стопирани ја потврдија и вработени од хидросистемот „Ѓавато“, кои нѐ информираа дека таквата постапка била резултат на реакциите од земјоделци во регионот, кои се пожалиле дека водата од цевководот им ги поплавила нивите.
– На ваквиот потег се решивме бидејќи имавме голем број реакции од наши сограѓани по должината на трасата на цевководот, чии ниви се поплавени во помала или поголема мера. Тоа е резултат на фактот дека цевководот е оштетен и на него има многу диви приклучоци. Сето тоа го има констатирано и Државниот инспекторат за животна средина, кој низ годините подготви и записници дека има и диви приклучоци од страна на земјоделци, кои можат да претставуваат сериозна закана за нормално функционирање на системот – ни изјавија вработени во хидросистемот.
Миле Цеков, пратеник: Злонамерни лица со земјени насипи сакаат да спречат спас на Дојранско Езеро!
Во врска со прекинот на работа на хидросистемот се огласи и пратеникот на ЗНАМ од Струмица, Миле Цеков, кој во саботата присуствуваше на чинот на пуштање во функција на трите пумпи. Тој откри една извонредно недолична појава, сторена од засега неидентификувани и крајно неодговорни граѓани, имено дека „непознати лица направиле насипи за пренасочување на водата од „Ѓавато“!? Но, реагирајќи веднаш, Цеков ја алармира јавноста и со општествено одговорен апел и лоцирање на новонастанатиот проблем, тој изрази и проактивно учество во санирање на проблемот и изрази оптимизам дека надлежните инспекции ќе интервенираат.
– Иако злонамерни лица со насипи од земја сакаат да спречат спас на Дојранско Езеро, каналот ќе биде саниран и овој злонамерен обид нема да биде успешен. За жал, засега непознати лица направиле насипи за пренасочување на водата од хидросистемот Ѓавато. Сигурен сум дека надлежните инспекции и министерство ќе реагираат брзо и соодветно – напиша Цеков.
За волја на вистината, уште при самиот чин на повторно активирање на хидросистемот, во саботата, и министерот за животна средина Изет Меџити и раководителот на „Ѓавато“, Јован Попов, потврдија дека на неколку позиции хидросистемот е оштетен и протекува вода, како и тоа дека на него има диви приклучоци за наводнување. Тие кажаа дека неделава, откако ќе се пуштат пумпите, ќе се простудира состојбата и ќе се види кои решенија и мерки ќе бидат преземени, за што договорија средба неделава.
– Пумпите ќе ги вклучиме и ќе ја следиме состојбата за да знаеме колку вода ќе стигне до езерото. Тоа е реалноста. Јас не можам да кажам колку ќе стаса. Пумпите ќе функционираат, јас ќе контролирам и ќе знам дали и колку вода ќе стаса, каде и колку ќе има загуби. Тоа ќе го простудираме и потоа дополнително ќе седнеме со министерот за да видиме што понатаму – кажа тогаш Попов.
Спас за Дојранско Езеро
За потсетување, во информацијата доставена од Владата до општината се наведува дека на петти овој месец била разгледана и усвоена информацијата за ставање во функција на хидросистемот „Спас за Дојранско Езеро“ за дотур на вода во езерото.
– Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да предвиди и алоцира финансиски средства во буџетот за 2025 година за реконструкција на хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ и негово ставање во функција за да обезбеди дотур на вода во Дојранско Езеро за спречување голема еколошка катастрофа, со оглед на фактот дека моменталната ситуација со нивото на водостојот на Дојранско Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум – се истакнува во информацијата од Владата.
Со тоа, по тригодишна агонија и престанок на работата на хидросистемот „Ѓавато“, кај Богданци, кој е од клучно значење за водоснабдувањето на Дојранско Езеро, тој конечно се активира. Конкретно, во саботата овој систем се врати во функција, со тоа што беа активирани некои од пумпите, кои беа згаснати поради неплатени сметки за електрична енергија. Притоа беше најавено дека со новиот план ќе се изврши целосна реконструкција, за да се обезбеди долгорочна и стабилна функционалност на овој систем, што ќе помогне во заштитата на езерото од потенцијални еколошки последици и ќе осигури одржливо управување со водните ресурси.
Но, станува очигледно дека е потребна многу поголема реконструкција на целокупниот систем во должина од 22 километра, бидејќи според информациите од теренот евидентирани се голем број дефекти, во најголема мера предизвикани од човечки фактор, а делумно од дотраеност на системот. Уште еднаш дојде до израз навиката да се упропасти дури и она што е изградено со најдобра намера. Како поинаку да се протолкуваат многубројните насипи за пренасочување водата кон приватните насади по должината на трасата.
По сѐ, потребна е целосна реконструкција, за системот да профункционира како што е првобитно замислено. Добро е што барем три пумпи се оспособени за работа, но сега треба целосно да се оспособи цевководот.
За потсетување, хидросистемот „Ѓавато“ е изграден во 2002 година заради полнење на Дојранско Езеро и за да се спречи еколошка катастрофа. Системот изминативе години се користеше и за дотур на вода во браната Паљурци кај Богданци при намален водостој. Хидросистемот беше исклучен во февруари 2022 поради високите сметки за струја, кои месечно достигнуваа и до 330.000 евра.
Поради низа фактори, и објективни и субјективни, нивото на водата во Дојранско Езеро во последните две години полека се намалува. Тоа во моментов е околу 80 сантиметри под дозволеното ниво. Н.М.
Дефектот саниран, водата протече кон Дојранско Езеро
Со брза интервенција на надлежните, за само еден ден, саниран е дефектот на цевководот на хидросистемот „Ѓавато“ кај месноста Крај Река во атарот на селото Црничино.
На тој начин повторно се активирани пумпите што треба да испумпуваат вода во хидросистемот со кој се дополнува Дојранско Езеро, откако на еден ден беа исклучени поради дефект на системот. Имено, водата неконтролирано на повеќе локации се излевала врз околните површини.
Веста ја потврдија вработените во хидросистемот, како и пратеникот Миле Цеков, кој дијагностицирајќи го проблемот како исклучително битен во еден поширок национален повеќеслоен контекст, додаде политички импулс, анимирајќи и мобилизирајќи институционални потенцијали за истиот тој да биде решен брзо.
– Се радувам што вработените од хидросистемот „Ѓавато“, министерот Изет Меџити, директорката Ивана Гиновска, Владата и многу други граѓани работеа во една иста насока. Покажавме дека кога сме сложни и упорни се надминуваат сите проблеми. Се надевам дека така ќе се продолжи во идниот период. Јас ќе продолжам да се борам за чиста и здрава животна средина, подобра инфраструктура и за доброто на сите мои сограѓани – напиша Цеков, додавајќи дека пумпите биле стопирани поради насипи за пренасочување на цевководот, поради што од каналот не се влевала вода кон езерото. Н.М.