Враќањето на копнените гранични контроли меѓу земјите во шенген-зоната е јасен сигнал дека земјите од Европската Унија една по една полека но сигурно го враќаат територијалниот суверенитет и се вртат сами кон себе, соочени со новите глобални геостратегиски превирања во Европа и во светот. Сето ова говори дека европското реструктурирање е во полн ек, а новите геостратегиски превирања само му дадоа дополнителна динамика на целиот процес
Процесот на трансформација и реструктурирање на Европската Унија почнува да зема сѐ посилен замав како одговор на нефункционалноста на Унијата, а она што пред извесно време беше најавувано како внатрешна реформа, веќе ги покажува првите чекори во која насока ќе се движи сојузот на 27-те европски земји членки.
Имено, враќањето на копнените гранични контроли меѓу земјите во шенген-зоната е јасен сигнал дека земјите од Европската Унија една по една полека но сигурно го враќаат територијалниот суверенитет и се вртат сами кон себе, соочени со новите глобални геостратегиски превирања во Европа и во светот.
Во време на засилена миграција во Европа, Германија и Холандија одлучија да преземат поцврсти мерки за надзор на внатрешните граници, почнувајќи од воведување копнени гранични контроли. Овие мерки, кои е предвидено да траат шест месеци, имаат цел да ја ограничат нерегуларната миграција и да го спречат шверцувањето мигранти.
Контроли на меѓусебните граници воведоа и други земји членки, исто така на шест месеци, но тој рок дополнително се пролонгира и контролите и натаму останаа во сила, така што се наметнува дилемата дали визијата на Европа без внатрешни граници почнува да бледнее.
Новата американска администрација најави слично свртување кон внатрешните состојби во САД, така што ЕУ сега е исправена пред повеќе предизвици: економски, трговски, безбедносни… За последно споменатите безбедносни предизвици, кои се исто така исклучително актуелни, и поради повеќегодишното потпирање само врз партнерството со САД во делот на одбраната, што ги ослабна речиси сите армии во земјите членки на блокот. Новата европска доктрина, која пред извесно време ја изнесе францускиот претседател Емануел Макрон, а неодамна на неа се наврати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предвидува ЕУ да стане одбранбено и безбедносно силна, а тоа подразбира формирање европски безбедносни сили.
Заедничката европска армија е единствена точка околу која земјите членки немаат никакви разлики, како што е случај за прашања што се однесуваат на заштитата на домашната економија, воспоставувањето надворешни економски врски, односите со Кина, релациите со Русија, фискалната дисциплина, еколошките предизвици, законските решенија, граѓанските права и слично.
Несомнено европската безбедност е најважна за сите, така што една од реформите што се очекува да минат без сериозни пречки е формирањето силна европска армија, подготвена да одговори на сите безбедносни предизвици. Дотолку повеќе, во овие безбедносни сили рамноправно би биле вклучени и армиите на земјите кандидати, што дава дополнителна безбедност и контрола врз поширокото европско подрачје.
Во делот на проширувањето, очигледно ЕУ ќе продолжи да инсистира на Европската политичка заедница (ЕПЗ), во која веќе членуваат сите земји кандидати, вклучувајќи ги и Велика Британија, Норвешка, Исланд, Швајцарија, Турција и уште 15 други држави.
Несомнено идејата на ЕПЗ е да се обедини целиот европски континент под една капа, но под различна формулација, со можност за пристап до единствениот европски пазар, што во суштина е главната поента што сака да ја постигне официјален Брисел, како и оние што сакаат да ѝ се приклучат на Унијата. Средствата од планот за раст што ЕУ ги додели за земјите кандидати се токму во таа насока, да се подготват економиите за пристап до европскиот пазар.
Сето ова говори дека европското реструктурирање е во полн ек, а новите геостратегиски превирања само му дадоа дополнителна динамика на целиот процес. Но, тоа е сепак процес што ќе потрае, а приоритетите се сепак на сопствените, внатрешни, повеќеслојни реструктурирања.
Додека Европа се реструктурира, Македонија треба да ги одреди приоритетите
Надворешните притисоци да не носат фрустрации:
Во време на геопревирања, да не се носат избрзани одлуки
Новите констелации во Европа и светот покажуваат дека секој се свртува кон себе и кон сопствените интереси, без оглед дали е дел од некаква унија, асоцијација, иницијатива или сојуз
Несомнено новите глобални предизвици и непредвидливост во која насока ќе се движат европските и американските политики налагаат секоја земја добро да ги осмисли идните чекори и да се подготви за воспоставување релации што ќе бидат во нејзин интерес.
Токму ваквата моментална лимбо-ситуација ѝ дава дополнително време на Македонија конечно да почне да прави крупни чекори на внатрешно преструктурирање и да не брза со носењето одлуки, кои во време на недефинирани односи и релации може да се покажат како крајно контрапродуктивни.
Новите констелации во Европа и во светот покажуваат дека секој се свртува кон себе и кон сопствените интереси, без оглед дали е дел од некаква унија, асоцијација, иницијатива или сојуз.
Некои од аналитичарите сметаат дека кога не се знае како ќе биде насочена глобалната политика, не е мудро да се носат избрзани одлуки за ниту едно прашање, особено за предизвиците „земи или остави“ што го засегаат идентитетот на македонскиот народ и иднината на Македонија како држава, а исто така и кон нови наметнати ултиматуми однадвор што нудат „концесии“ за македонските инсигнии.
– Во овој момент и самата ЕУ е исправена пред предизвикот на сопствената надворешна политика наспроти смената на власта во САД, но и најавите за скорашно завршување на конфликтот во Украина. Европа дефинитивно мора да започне внатрешно реструктурирање, а тоа може да се забележи со враќањето на граничните контроли и меѓу земјите во шенген-зоната. Тука Македонија сега мора мудро да одигра. Што значи тоа? Тоа значи дека не треба да се брза со ниту една одлука додека не се види каков ќе биде новиот геостратегиски распоред на силите. Гледаме дека секоја земја членка на ЕУ си води сопствена надворешна политика и така се позиционира. Ние сега треба да го искористиме овој период и да почнеме да работиме на внатрешни реформи, за утре да бидеме целосно подготвени за она што ќе биде во наш интерес. Во овој момент да се инсистира на спроведување на францускиот предлог или, пак, да се прават нови идентитетски отстапки е крајно несериозно бидејќи не знаеме утре што ќе биде со ЕУ, дали ќе останеме само во ЕПЗ и слично, а во меѓувреме ќе си го загрозиме идентитетот. Потребна ни е предвидливост, а неа во овој момент ја нема и затоа најпаметно е да го средиме она што ни е нефункционално дома – велат аналитичарите.
Според нив, Македонија може да направи уставни измени, но залудно е да се инсистира на брзи резултати кога не е познато каква ќе биде разврската на украинската криза, ниту, пак, како ќе се постави новата американска администрација.
– Додека се одвиваат внатрешните реформи, истовремено ние треба да разработиме повеќе сценарија за тоа како да се поставиме во повеќе можни ситуации, а сето тоа да биде во наш интерес. Гледаме дека и во рамките на ЕУ има внатрешно групирање и сојузење меѓу земјите што немаат излез на море, меѓу постарите членки, но и меѓу поновите. Добра опција за нас е да се градат поблиски релации со Австрија, Унгарија, Чешка, Словачка Полска, но и да се градат врски со земјите од поблиското соседство, бидејќи само заедно можеме да бидеме конкурентни и сериозни пред големите центри. Генерално, ниту една од малите балкански земји не може да опстои самостојно, затоа мора да се групираат и на тој начин да се борат за сопствените интереси и опстојување. Мора заеднички да се поврзуваме енергетски, да се поврзуваме со инфраструктура, да ги користиме ресурсите што ги имаме и да ги делиме трошоците, бидејќи на тој начин нашето опстојување е полесно. Истовремено, со сојузништва и партнерства и со земјите членки, нашата крајна цел, која и да биде, ќе биде полесно остварлива – заклучуваат аналитичарите. С.Т.