Терминот „homo terrenus“ – „земјен човек“, се среќава во Библијата: „Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото“ (Прво послание до Коринтјаните 15: 47) – на латински „Primus homo de terra, homo terrenus; secundus homo de caelo, caelestis“. Тезата што сакам да ја развијам во овој есеј е дека освен homo sacer, постои уште една парадоксална фигура, повторно резултат на моќта на владетелите, ќе ја именувам како homo terrenus: тоа е човек направен од прашина – земјен човек, кому му се забрануваат неговите духовни атрибути: неговиот идентитет, неговиот духовен живот, неговите корени, неговиот јазик, неговата историја – безимен човек! Терминот „homo terrenus“ се однесува и на народ: тоа е народ што може да биде жртвуван (неговиот идентитет, јазик, историја, црква да се избришат), но луѓето што го сочинуваат тој народ не можат да бидат убиени неказнето, оттука, терминот служи симболично да ја претстави моќта на владетелот над духовните животи на потчинетите, моќта владетелот да одредува и да ги дефинира идентитетот, јазикот, историјата…
Терминот „homo sacer“ е централна тема на долгогодишниот проект на Агамбен (9 книги, 1336 страници), почнувајќи со првата книга „Homo Sacer: Суверена моќ и гол живот“ (1995 г.) и завршувајќи со деветтата книга „Употребата на телата“ (2016 г.). Зборот „sacer“ се среќава во Дванаесетте табели – законите на раната Римска Република напишани во петтиот век пр. н.е. Дванаесетте табели – наречени Lex Duodecim Tabularum (Закон на дванаесетте табели), ја формираат основата на римското право, пресвртница во класниот конфликт меѓу патриците и плебејците: кодификацијата и јавното објавување на сè што беше обичајното право, но толкувано и спроведено од патриците првенствено во нивните сопствени интереси, значеше политичка победа, па така, секој во Рим можеше конечно да знае кои се неговите законски права и неговите законски должности, како и за постапката што треба да се води при остварувањето на овие права и во извршувањето на овие должности. Законот 8.21 – „Patronus si clienti fraudem fecerit, sacer esto“, на англиски се преведува како „If a patron defrauds a client he shall be accursed“ или „Ако патронот измами клиент, тој ќе биде проколнат“ (патрон се однесува на патрициј, а клиент на плебеец). Значењето на зборот „sacer“ се менува по христијанизацијата, па така, на пример, на англиски јазик „sacred“ значи сакрално, свето, благословено.
Која е основната порака на книгата „Homo Sacer: Суверена моќ и гол живот“? Според Агамбен, во правна смисла, homo sacer се дефинира како човек што може да биде убиен без убиецот да се смета за убиец, но човек што не може да се жртвува. Homo sacer е парадоксална фигура: тоа е човек што не може да биде жртвуван, но може да биде убиен неказнето, оттука, тој е над божјите и човечките закони и служи симболично да ја претстави моќта на владетелот (суверенот) над потчинетите, над нивните животи и смртта, моќта владетелот да одреди животи што не вредат ниту да се спасат ниту да се убијат.
Посочувајќи ги слабостите на демократијата, нејзината неможност да се преземат ефективни активности „секогаш кога треба да се соочи со проблемот на суверена моќ, што, исто така, ја прави модерната демократија уставно неспособна вистински да придонесе кон политика ослободена од формата на државата“ (стр. 109), Агамбен прави јасна дистинкција меѓу правата на граѓанинот и човековите права: „Поделбата меѓу хуманитарноста и политиката што ја доживуваме денес е екстремната фаза на одвојување на правата на човекот од правата на граѓанинот“ (стр.133).
Последниве години сме сведоци на разорни воени конфликти: од Украина преку Израел до Судан, при што единствениот победник во оваа лавина на насилство, страдање и војни е американскиот воено-индустриски комплекс. Бројките се немилосрдни. Земајќи ги во обѕир буџетите на Пентагон и на нуклеарното оружје во Министерството за енергетика, воената помош на Украина и на Израел и средствата од дискрециониот буџет одобрен од Конгресот секоја година – сè што федералната влада троши освен задолжителните програми како Медикер и социјалното осигурување, што се прелеваат во Пентагон, се доаѓа до бројката 1.537 милијарди вкупни воени трошоци – трошоци за „национална одбрана“ на САД. Еве уште неколку бројки за споредба: годишните трошоци само за скапите, нефункционални борбени авиони Ф-35 се поголеми од целиот буџет на Центрите за контрола и превенција на болести, договорите на „Локхид Мартин“ со Пентагон од 2020 година вредат повеќе од буџетите на Стејт департментот и Агенцијата за меѓународен развој заедно, еден носач на авиони од 13 милијарди долари чини повеќе од годишниот буџет на Агенцијата за заштита на животната средина. Денешните вкупни воени трошоци на светот се неверојатни 2.868 милијарди долари, од кои 2.134 милијарди долари отпаѓаат на НАТО и нејзините сојузници. Оправдувањето за ваквите бесмислени трошоци – „деструктивни милијарди што светот ги вложува во уништување на човештвото и во сопствената пропаст!“ се поткрепува со „широката прифатеност на трите перверзно лажни митови на НАТО: дека е одбранбен сојуз, дека се ангажира во одбрана на демократијата во светот и дека е сојуз на вредности и човекови права“, што НАТО успеа да ги наметне „со 75 години историја на лажење, ширење упорна и бесрамна пропаганда и со водење специјална војна со дезинформации“ (Мирослав Грчев).
Терминот „homo terrenus“ – „земјен човек“, се среќава во Библијата: „Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото“ (Прво послание до Коринтјаните 15: 47) – на латински „Primus homo de terra, homo terrenus; secundus homo de caelo, caelestis“.
Тезата што сакам да ја развијам во овој есеј е дека освен homo sacer, постои уште една парадоксална фигура, повторно резултат на моќта на владетелите, ќе ја именувам како homo terrenus: тоа е човек направен од прашина – земјен човек, кому му се забрануваат неговите духовни атрибути: неговиот идентитет, неговиот духовен живот, неговите корени, неговиот јазик, неговата историја – безимен човек! Терминот „homo terrenus“ се однесува и на народ: тоа е народ што може да биде жртвуван (неговиот идентитет, јазик, историја, црква да се избришат), но луѓето што го сочинуваат тој народ не можат да бидат убиени неказнето, оттука, терминот служи симболично да ја претстави моќта на владетелот над духовните животи на потчинетите, моќта владетелот да одредува и да ги дефинира идентитетот, јазикот, историјата…
Агамбен во „Homo Sacer: Суверена моќ и гол живот“ зборува за логорот како за „скриена парадигма на политичкиот простор на модерноста“ (стр. 123), како за „номос (νόμος) на модерното“, при што логорите се „хибрид на правото и фактите во кои двата поима не се разликуваат“ и во кои „сè [лошо] е можно“ (стр. 170). Но, наместо да тврди дека homo sacer е производ на нацизмот или воопшто на тоталитарната политика, Агамбен тврди дека, напротив, токму можноста за таков однос кон човечкиот живот ја направи можна политиката на истребување во нацизмот. Истата можност, тврди тој, се среќава во демократијата, факт што е очигледен во начинот на кој политиката е конституирана како биомоќ (биополитика, според Фуко) ориентирана кон народот, а не кон поединците. Ваквиот пристап обезбедува клуч за разбирање и справување со судбоносните глобални прашања за кои организациите засновани на држави се доста немоќни: „секогаш кога бегалците претставуваат… масовен феномен, и [меѓународните организации] и поединечните држави покажуваат дека се, и покрај нивното свечено повикување на „светите и неотуѓиви“ права на човекот, апсолутно неспособни да го решат проблемот, па дури и адекватно да се соочат со него“ (стр. 133). За Агамбен, целосна реализација на homo sacer се остварува во концентрационите логори, според моето мислење, денес сме сведоци дека тоа може да се реализира и во држави што се трансформираат од суверени држави во воени краини. Основна причина за руско-украинскиот конфликт, исто како и одговорноста за избувнувањето и пролонгирањето на војната, според многумина лежи „во одлуката на НАТО да се прошири и врз територијата на Украина, да ја внесе Украина по секоја цена во сојузот и со тоа да ја анулира украинската неутралност уставно утврдена при стекнувањето на независност во 1991 година, и од Украина да направи воена краина односно истурена воена подружница на Западот“ (Мирослав Грчев).
За разлика од homo sacer, homo terrenus се реализира исклучиво во суверени држави, при што, повторно, homo terrenus не е резултат на тоталитарните политики, напротив, можноста за таквиот неправеден однос кон човечките животи и судбината на еден народ се наоѓа во срцевината на демократијата, што произлегува од биополитиката ориентирана на пресија, угнетување на државите и народите за реализирање одредени потреби на владетелите. Оттука, моќта на НАТО и ЕУ и неукоста на грст македонски владетели од Македонија направија држава без идентитет, јазик, историја, име, а од Македонците – безимен народ. „Па, за правото да се биде членка на НАТО, јас не би жртвувал ни маче ни куче, а за да жртвувам макар еден човечки живот ќе треба претходно да ми извадат три четвртини мозок!!“ (Мирослав Грчев), меѓутоа, за жал, немакедонските, неуките и неправедните политичари го жртвуваа македонскиот народ.