Фото: ЕПА

За првпат американска порота утврди дека американската компанија ЦАЦИ е одговорна за својата работа во воениот затвор. Компанијата ЦАЦИ, со седиште во американската сојузна држава Вирџинија, која беше ангажирана од американската влада за да обезбедува услуги поврзани со испрашување на затворениците во Абу Граиб, во тужбата беше обвинета за заговор со американски војници за тортура на затворениците

ЗАБЕЛЕЖАНА ИСТОРИСКА ПРЕСУДА ВО САД

Федералната порота за првпат во вторникот заклучи дека ангажираната компанија е законски одговорна за придонес во злоупотребата на затворениците во Абу Граиб.
Поротата им додели вкупно 42 милиони долари на тројца Ирачани – новинар, директор на средно училиште и продавач на овошје – кои беа затворени во озлогласениот затвор пред две децении. Компанијата ЦАЦИ, со седиште во американската сојузна држава Вирџинија, која беше ангажирана од американската влада за да обезбедува услуги поврзани со испрашување на затворениците во Абу Граиб, во тужбата беше обвинета за заговор со американски војници за тортура на затворениците.
Пресудата од вторникот означува ретка победа за тужителите што се обидуваат да ги изведат американските корпорации пред лицето на правдата за учество во таканаречената војна против тероризмот.

НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ

– Она што го направи поротата денес е испраќање многу јасна порака дека изведувачите што одат во војна или одат да работат со владата во странство ќе одговараат за нивната улога во какви било прекршувања што нивните вработени може да ги направат. Тие треба да имаат многу подобар надзор над своите вработени за да се осигурат дека никогаш повеќе нема да се повтори нешто слично на она што се случи во Абу Граиб – рече Кетрин Галагер, адвокатка во Центарот за уставни права, кој ги застапуваше тужителите, на прес-конференција во вторник попладне.
Според Стјепан Мештровиќ, професор по социологија на Универзитетот „Еј енд Ем“ во Тексас и експерт-сведок во повеќе случаи против војници што служеле во Абу Граиб, случајот главно зависеше од правната дефиниција за заговор, кој не бара отворен чин, но може да вклучи и соработка со други што се занимаваат со тортура.
– Оваа пресуда ја отвора вратата за идните наоди за одговорност врз основа на заговор за извршување воени злосторства од страна на цивилни изведувачи и други придружници на воените сили – наведе тој во изјавата испратена по мејл.
ЦАЦИ тврдеше дека иако се случиле злоупотреби во Абу Граиб, на крајот армијата била одговорна за тоа однесување, дури и ако вработените во компанијата можеби биле вклучени. Компанијата, исто така, тврдеше дека нема дефинитивен доказ дека нивниот персонал ги измачувал тројцата Ирачани што ја поднеле тужбата – и дека американски војници можеле да бидат тие што ги мачеле. Поротата не го сметаше тој аргумент за убедлив.
Адвокатот што ја застапуваше ЦАЦИ не одговори веднаш на барањето за коментар.

ТЕШКА ПРАВНА БИТКА

Паричниот надоместок за тужителите вклучува по три милиони долари за надомест на штета и по 11 милиони долари за казнена штета. Нивните адвокати велат дека тоа е она што тие го барале. Бахер Азми, правен директор во Центарот за уставни права, на прес-конференција во вторникот рече дека пресудата „испраќа силна порака дека овој вид на корпоративна злоупотреба и непромисленост е срамота и заслужува да биде казнет“.
Случајот беше поднесен пред 16 години, но беше зафатен со процедурални пречки, бидејќи ЦАЦИ се обиде повеќе од 20 пати да издејствува отфрлање на тужбата. Случајот во ноември беше на повторно судење; откако на првичниот процес во април, поротниците се најдоа во ќор-сокак по дискусиите што траеја повеќе од една недела. Судијата го поништи судењето. На тоа судење, на почетокот на годинава, американска порота првпат директно сослуша Ирачани што беа приведени во Абу Граиб.
Тужбата првпат беше поведена во 2008 година според Статутот за тортура на странци, кој им дозволува на неамерикански државјани да поднесуваат тужби што вклучуваат јасно прекршување на меѓународното право, како што е тортурата, пред американски федерален суд, кога постои суштинска поврзаност со САД.
– Америка го нападна Ирак, САД беа тие што ги приведоа нашите клиенти и американска компанија профитираше од нивното мачење и злоупотреба – рече Галагер на прес-конференцијата во вторникот.
Тоа што случајот „Ал Шимари против ЦАЦИ“ преживеа толку многу процедурални пречки е импресивно, забележува Ширин Синар, професор по право на универзитетот „Стенфорд“, во изјава испратена по е-пошта. Во последниве години, Врховниот суд го отежна судењето за случаите што вклучуваат загриженост за националната безбедност.
– Исклучително ретко е изложените на тортура или други жртви на злоупотреба на човекови права во рамките на американската глобална војна против тероризмот да постигнат успех во американските судови, без разлика дали тужбите се против владини службеници или воени изведувачи. Врховниот суд направи неверојатно тешко да се бара одговорност од државата за национална безбедност пред суд. Така, оваа победа е исклучителна во секоја смисла на терминот – напиша Синар.

ПОРОТАТА НЕ СЕ СОГЛАСУВА СО ТОА ШТО ГО ПРАВЕЛА ВЛАДАТА

Забележливо е и тоа што американската порота застана на страната на Ирачаните против американски воен изведувач, вели Јумна Ризви, политичка аналитичарка во Центарот за жртви на тортура, меѓународна непрофитна организација.
– Тоа покажува дека тие очигледно не се во чекор со одлуките на нивната влада. Американската јавност ги известува својата влада и нејзините изведувачи „ве гледаме и не се согласуваме со она што сте го направиле или што го правите – рече Ризви.
Таа се прашува за преседанот што можеше да се направи за други случаи, доколку тужителите можеа порано да одат на судење.
– Не можете едноставно да одите наоколу уништувајќи ги телата, духовите и умовите на луѓето и едноставно да се оддалечите од тоа. За жал, тоа е она што го гледавме предолго во американската војна против тероризмот и како САД се однесуваа низ светот – рече таа.
Тужителите – Сухаил Наџим Абдула ал Шимари, Салах Хасан Нусаиф ал-Еџаили и Асаад Хамза Ханфуш Зубае – сведочеа за соочување со сексуална злоупотреба и вознемирување, како и за тепање и закани со кучиња во Абу Граиб на почетокот на 2000-тите години.
– Моето тело беше како машина, која одговараше на сите надворешни наредби. Единствениот дел што го поседував беше мојот мозок, што не можеше да го спречи со црната пластична ќеса со која ми ја покриваа главата – изјави претходно Ал-Еџаили, поранешен новинар на „Ал џезира“.
Ал-Еџаили патуваше во САД за да биде присутен на двете судења, но прво ја слушна пресудата на поротата додека беше дома со своето семејство во Шведска. Во вторникот тој очекуваше повик од Азми да го извести за одлуката на поротата. Кога заѕвони неговиот телефон, првите зборови на Азми беа: „Салах, победивме“.
– Тоа беше чиста, длабока радост – рече Ал-Еџаили.