Филип Фидановски, уметник
Изложбата на керамики „Пикасо, можеби јас 2“ од Филип Фидановски, која беше отворена во Музејот на градот Скопје до 5 ноември, покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација и дека наследството на Пикасо и понатаму е важен дел од општата уметничка приказна. Изложбата е под покровителство на Амбасадата на Кралството Шпанија и ја отвори Рафаел Соријано Ортиз, амбасадорот на Шпанија.
Филип Фидановски (Скопје, 1977) завршува високо образование и магистерски студии на Националната уметничка академија во Софија (2004) на Катедрата за керамика. Од 1995 г. до денес реализирал 28 самостојни и над 50 жирирани и групни изложби. Професор е по предметите Дизајн на керамика и Технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје.
Се занимавате со керамика уште од своите средношколски денови. Зошто толку Ве привлекува оваа уметничка дисциплина?
– Отсекогаш сум ја сакал керамиката. Таа е најстарата уметност во светот и обединува многу други уметности, како вајарството, сликарството, графиката и други, нудејќи огромни можности за изразување како уметнички медиум. Керамиката има посебна магија, бидејќи до самиот крај сте во неизвесност за тоа што ќе добиете како краен резултат и што ќе излезе од печката по печењето на глината, боите и глазурата. Керамиката овозможува да се изразите сликарски или графички, но боите со кои работите и ефектот што сакате да го постигнете мора внимателно да ги обмислите и да го замислите крајниот резултат. При процесот на печење, боите се менуваат, а по глазирањето и глазурното печење интензитетот на боите дополнително се трансформира. Токму затоа керамиката е толку посебна како уметност и толку многу ме привлекува – едноставно, керамиката е исклучително благороден материјал.
Наспроти новите технологии и трендови во уметноста, Вие се вртите кон еден, условно кажано, традиционален медиум. Сметате ли дека технолошкиот развој им пречи на авторовата индивидуалност и самосвест?
– Не, воопшто не сметам дека технолошкиот развој може да му попречи на уметникот. Напротив, верувам дека може да му помогне, особено ако уметникот е подготвен за промени и напредок. Иако на прв поглед керамиката може да изгледа како традиционална уметност, таа е технолошки и технички далеку понапредна од многу други уметнички изрази. Со текот на времето, техниките се развиваа, а со тоа и керамиката – денес имаме 3Д-печатачи за моделирање во глина, специјализирани софтвери, современи печатачи за бои за керамика што целосно го заменуваат сито-печатот и многу други модерни алатки за работа во керамиката. Сепак, за нашите услови, оваа технологија е прескапа и тешко достапна за користење во уметноста и керамиката. Таквата технологија ја нема ниту во нашиот образовен систем. Затоа, сметам дека, ако модерните технологии се користат паметно, тие можат да бидат од голема корист за уметноста.
Како професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“, забележувате ли интерес кај новите генерации за оваа дисциплина?
– Се чини дека интересот за оваа струка е многу мал. Ова е резултат на голем број фактори, од кои ќе наведам неколку значајни. Еден од клучните фактори за поттикнување интерес за керамиката и другите традиционални уметности е осовременувањето на наставните програми. Воведувањето нови технологии во образованието може да ги привлече младите кон изучување на оваа дисциплина.
Дополнително, неизвесноста за иднината на младите по завршувањето на средното образование придонесува за намален интерес. Во нашата држава нема факултет за применети уметности, иако имаме многу факултети за ликовна уметност, мода и дизајн. Ова создава хиперпродукција на кадар во тие профили, додека применетите уметности остануваат маргинализирани. За студирање применети уметности, младите се принудени да бараат образование надвор од државата. Исто така, недостигаат продавници за материјали за керамика, па сè треба да се набавува од странство. Нема индустрија за керамика што би им овозможила на младите по завршувањето на образованието да најдат работа и да се развиваат во струката. Овие и други фактори влијаат на интересот за оваа област и потребна е опсежна дебата за наоѓање решенија за ваквиот проблем.
Во што лежи Вашиот предизвик за трансформација на Пикасовите дела во керамичка скулптура?
– Пикасо е еден од уметниците чие дело исклучително го почитувам и ме инспирира за истражување. Како плоден уметник, тој експериментирал во различни медиуми, меѓу кои и керамиката, каде што постигнал извонреден успех и оставил импресивна колекција на керамички дела. Неговата работа во скулптурата и керамиката дополнително го нагласува неговото чувство за третата димензија, што на свој начин е присутно и во неговите сликарски дела. Јас сакав да ја оживеам таа трета димензија од неговите дела. Предизвикот за трансформација на Пикасовите дела во керамичка скулптура лежи во пренесувањето на дводимензионалните композиции во тродимензионални форми, користејќи ги емоционалните слоеви што ги овозможува керамиката како медиум. Поттикнат од навидум едноставните, но суштински комплексни дела на Пикасо, сакам да создадам свежи интерпретации – нови и автентични дела што ќе носат мој личен печат и одек на таа уметничка инспирација. Пикасовите дела се исполнети со експресија, динамика, драматичност и симболика и бараат внимателно преточување од дводимензионален во тродимензионален свет.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за техниката на изработка?
– Станува збор за класична техника на изработка на керамика, која се применува и во традиционалната керамика (грнчарството) и во индустријата. Глината што ја користам е бела и за висока температура. Енгобата е боја за керамика, која се нанесува на глината и е составена од специјални пигменти и бела глина и малку глазура. Енгобата се нанесува на неиспечен предмет и ако треба да направам споредба со сликарските техники, работата се енгоба е еднаква на акварелот, температа, маслената техника, акрилот… Има една специфика кога работите со енгоба, боите мора да ги замислите и предвидите, бидејќи вистинската боја што сакате да ја добиете се добива по глазирањето. Користам проѕирна глазура со висок сјај. Сите скулптури се печени по трипати. Еднаш на бисквит и енгоба, па на глазура и на крајот со злато. Златото што го користам е колоидно (раствор во течна состојба што содржи два процента 18-каратно злато, преостанатите 98 проценти се состојки што при термичка обработка согоруваат и се добива златото на керамиката. Декорација со злато се користи најчесто во индустријата или како во случајов јас го користам за истакнување детали во скулптурата.
Како ги одбирате делата што ќе Ви послужат како инспирација?
– Ако забележавте, делата од првата изложба и од оваа се значително различни. На првата изложба беа претставени женски портрети, инспирирани од познати дела на Пикасо, меѓу кои и сликата „Глава на жена“ од 1963 година, што е дел од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје. Во оваа изложба, доминираат малку поинакви дела, кои внимателно ги одбрав за реализација во керамика. Тие не претставуваат класични глави, туку понудуваат поинаква интерпретација на портретите што Пикасо ги создал низ своите декади на творење. Овие дела ме предизвикаа да ги изведам како тродимензионални керамички скулптури.
Зошто влијанието на Пикасо, врз Вас, но и глобално, сѐ уште е толку силно?
– Пикасо е познат по својата способност постојано да се менува и да ги руши уметничките норми. Неговото творештво лежи во основата на повеќе уметнички правци, благодарение на неговиот истражувачки дух и способноста за постојана трансформација. Таа промена и стремежот кон ново и поинакво се карактеристични за Пикасо, кои се и дел од мојот личен карактер. Верувам дека токму овој истражувачки дух е клучот за силното влијание што го остава Пикасо – како глобално така и врз мене лично како автор.
Имате ли уште да истражувате на оваа тема?
– Пикасо има огромен опус на своето творештво во најразлични медиуми. Можеби некогаш е убаво да продолжите со истражувања бидејќи колку повеќе истражувате, толку повеќе и наоѓате инспирација за некое ново создавање. Јас конкретно од сите мои истражувања што ги направив за делото на Пикасо имам подготвен материјал за уште две вакви изложби. Мислам дека ќе има и трето продолжение со тоа ќе го заокружам овој циклус. Третата ќе биде исто така во керамика инспирирана од малку познати дела на Пикасо. Секако не би сакал да откривам детали, но тоа што можам да го кажам е дека ќе бидат доста провокативни дела за публика од 18+.