Гораст Цветковски, гејмер
Живееме во највозбудливиот технолошки период од постоењето на земјата. Освен што технолошки има огромни скокови во краток период, за разлика од порано сега тоа ни е достапно да го видиме, да го прочитаме или да чуеме за него, вели Гораст
Неодамна кај нас се одржа гејмерската интерактивна изложба „Плеј Аркадија“, која им овозможи на посетителите да комуницираат со смешните, мрачните, замислените и радосните светови, идеи и ликови на некои од најистакнатите творци на виртуелна реалност, игри и интерактивна уметност. Посетителите имаа можност да ги видат, а уште поважно да ги пробаат најновите изуми во областа на виртуелната реалност. Гораст Цветковски беше еден од кураторите на изложбата. Тој со групацијата ГГМК континуирано создава производи што ја обединуваат гејмерската заедница во Македонија. Од друга страна, дел е и од Македонската асоцијација за развивање игри (МАГДА).
Каков прозорец ѝ отвори оваа изложба на публиката?
– Изложбата беше замислена како спој помеѓу креативноста и дигиталниот свет. И мислам дека нема подобар спој од оној на игрите и на уметноста. Самиот процес на креирање игри, мечтаење и замислување, испробување и тестирање, цртање и моделирање директно е врзан со многу уметнички правци. Публика имаше во секој момент. Од деца, кои ги убедиле своите родители да дојдат, до родители што ги влечкаат своите деца за да видат и да испробаат нешто ново, виртуелна реалност, нов вид технологија или, пак, ново гледиште на некоја приказна.
Кои се најновите изуми во областа на виртуелната реалност, видеоигрите, користењето податоци, човековите права и музиката…
– На изложбата беше претставена „Дневна соба на иднината“ изработена од тим што го предводи нашиот продуцент Илија Тирицоски. Тоа е еден пример како може да се искористи технологијата. Собата знаеше колку луѓе седат во неа, дали им е топло или ладно, каков тип филмови сакаат да гледаат. Внимаваше дали пијалаците им се на добра температура и дали имаат доволно. Собата паметеше што кој направил додека престојувал во неа. Тоа е само еден концепт како може модерното живеење да се автоматизира и да се олесни. Тука беа визирите за виртуелна реалност во кои освен наративи можеше да се црта и да се моделира во просторот.
Која е целта на една ваква изложба, кои лимити се обидува да ги пречекори?
– Технологијата е тука. Можеби ние не ја добиваме толку брзо како западните земји, но многу од уредите и од иновациите што ги замислуваме постојат и можат да се добијат. Од паметни ладилници, говорни апарати што можат да нарачаат храна наместо нас, брави што ќе нѐ „почувствуваат“ и ќе ни ја отклучат вратата. Сето ова пренесено во живо и гејмифицирано дава можност секој човек да се телепортира напред и да претпостави што следува. За други, пак, ова беше доказ дека технологијата и роботите ќе нѐ уништат… Се разбира дека нема!
Како се перципира оваа уметност на 21 век, дали еволуираме?
– Живееме во највозбудливиот технолошки период од постоењето на земјата. Освен што технолошки има огромни скокови во краток период, за разлика од порано сега тоа ни е достапно да го видиме, да прочитаме или да чуеме за него. Сега знаеме за изумот на самиот почеток на истражувањето. Не ни требаат денови, месеци или години да дознаеме што се случило. Знаеме веднаш. Моја претпоставка е дека паметните домови, на пример, ќе бидат достапни за 2-3 години, како што се сега достапни ЛЕД-светилките.
Што недостига за да добие достојно место оваа креативна индустрија?
– Образование! Никогаш не престанувај да учиш! Јас би почнал од сериозно ребрендирање и ажурирање на основното и на средното образование во насока на програмирање. Логиката е една од суштинските елементи на програмирањето. Програмирањето е можеби и најдобриот начин да се тренира. Тоа што потоа тие ученици, студенти, луѓе ќе бидат способни не само да ги разберат техничките и технолошките чуда, тие ќе учествуваат во нивното креирање.