Фото: ЕПА

Годинашниот самит на Обединетите нации за климата (КОП29) во Баку го прескокнуваат Германецот Олаф Шолц, Французинот Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и холандскиот премиер Дик Шуф… Некои од учесниците истакнаа дека на овој начин не само конференцијата туку и организаторот ООН како институција покажува нефункционалности за решавање клучни прашања во меѓународните односи и колосална неефикасност за покажување глобално единство за климатските промени

Конференцијата на Обединетите нации за климата (КОП29) во Баку запаметена по неприсуството на дел од клучните европски лидери

Низа светски лидери се обратија за да го повикаат светот „да ги искористи утрешните можности“, според зборовите на британскиот премиер Кир Стармер, и да ги избегне катастрофите за кои шефот за клима на Обединетите нации, Сајмон Стил, рече дека „би ја ставиле инфлацијата на стероиди“, за време на конференцијата на ОН за климата (КОП29), која неделава се одржува во Баку, Азербејџан“. Всушност, триминутните говори, состаноците и фотографирањето станаа традиција за светските лидери на самитот. Но таквиот начин на одвивање на конференцијата не функционира, како што забележаа и некои од учесниците, особено бидејќи некои од поканетите лидери го откажаа учеството поради билатерални несогласувања. Самитот го прескокнуваат Германецот Олаф Шолц, Французинот Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и холандскиот премиер Дик Шуф. Во таква ситуација, белорускиот претседател Александар Лукашенко го искористи отсуството на Европејците за да го нападне нивниот климатски кредибилитет.
– Кога има толку голема загриженост за влошувањето на климата, она што го гледаме е дека луѓето што се одговорни за тоа се отсутни – рече тој во својот говор на КОП29, издвојувајќи го особено Макрон.

Меѓусебни обвинувања доведоа до повлекување на учесниците

Висок француски функционер за климата ги прескокнува климатските преговори на КОП29 во Азербејџан, откако претседателот на земјата-домаќин Илхам Алиев ја обвини Франција дека „брутално“ ја потиснува загриженоста за климатските промени во нејзините прекуокеански територии.
– По дискусија и во договор со претседателот на републиката и премиерот, нема да одам во Баку следната недела – рече француската министерка за еколошка транзиција Ањес Паниер-Рунашер пред францускиот Сенат во средата, осудувајќи ги забелешките како „неприфатливи“ и „неоправдани“.
Повлекувањето на француската министерка за клима значи дека Париз нема да испрати ниту еден политички претставник на високо ниво во Баку, бидејќи францускиот претседател Емануел Макрон исто така ќе го прескокне настанот.
Одлуката значи дека за првпат по Парискиот договор од 2015 година, за кој Франција помогна да се изработи и оттогаш силно го брани, самитот КОП ќе се одржи без високо француско раководство.

Франција и Холандија обвинети пред светската јавност за нивниот неоколонијализам и поврзаност на тоа со климатските промени

Претседателот на Азербејџан, Алиев, за време на собирот ги нападна Франција и Холандија за нивниот „неоколонијализам“, што тој го поврза со климатските промени.
– Таканаречените прекуокеански територии на Франција и Холандија, особено на Карибите и Пацификот, се меѓу најтешко погодените од климатските промени. Гласовите на овие заедници често се брутално потиснати од режимите – рече Алиев на лидерскиот самит на мали островски земји во развој во рамките на КОП29.
Тој тврдеше дека Франција предизвикала „деградација на животната средина“ на териториите, кои тој ги опиша како „колонии“, наведувајќи ги нуклеарните тестови во Француска Полинезија и Алжир. За време на неговиот воведен говор во вторникот, Алиев го бранеше континуираното производство на нафта и гас во неговата земја, осврнувајќи се на, како што рече, „двојните стандарди“ од западните земји што ги увезуваат овие производи од Азербејџан.
Од друга страна, шефот за климата на ЕУ, Вопке Хоекстра, доцна во средата, во врска со обвинувањето на Холандија и Франција како неоколонијалисти, влезе дури и во кавга на јавна сцена, за да ја одбрани Франција, промовирајќи ја Холандија како „еден од водечките гласови во светот за климатските активности“. Во своја одбрана се јавија и Холанѓаните. Така, во изјавата споделена со европското издание на магазинот „Политико“, портпаролот на холандското министерство за надворешни работи „категорично“ ги отфрли „неоснованите ставови за репресијата“ на холандските прекуморски територии изнесени од азербејџанскиот претседател.

Конференцијата не им се допадна на некои западни лидери

Премиерката на Барбадос, Миа Мотли, и нејзината данска колешка Мете Фредериксен во заедничко интервју за европското издание на магазинот „Политико“, по нивната едночасовна билатерална средба во вторникот, изразија незадоволство од начинот на функционирање на конференцијата, наведувајќи дека учесниците не им посветуваат доволно внимание на клучните прашања.
– Лидерите треба всушност да разговараат меѓу себе на овие самити за климата и да престанат да им ги препуштаат тешките одлуки на дипломатите – нагласуваат Мотли и Фредериксен во изјава за „Политико“ за време на КОП29.
Данската премиерка особено ја нагласи промената во расположението на европските влади, наведувајќи дека „политичкиот фокус не е на нивото на кое треба да биде“. Р.С.