Наградуван режисер со автобиографска драма за бунтот на бразилската жена
По осум награди на различни филмски фестивали, бразилскиот филм „Сè уште сум тука“ достигна редовна дистрибуција и стана најгледан филм изминатата недела во земјата, со заработка од 1,3 милион долари во првата недела од прикажувањето.
Филмот, всушност, е адаптација на автобиографска книга напишана од Марсело Рубенс Паива, кој ја раскажува потресната приказна за својата мајка Јунис Паива за време на воената диктатура во Бразил.
Сместена во 1970 година, приказната покажува како животот на една обична жена, мажена за важен политичар, драстично се менува по исчезнувањето на нејзиниот сопруг, заробен од воениот режим. Принудена да ја напушти својата рутина како домаќинка, Јунис станува активистка за човекови права, борејќи се за вистината за тоа каде се наоѓа нејзиниот сопруг и се соочува со бруталните последици од репресијата.
Филмот ја истражува не само личната драма на Јунис туку и влијанието на воениот режим врз животите на илјадници бразилски семејства, истакнувајќи ја улогата на жените во отпорот. Со длабока и чувствителна тема, филмот ги осветлува прашањата за загуба, храброст и издржливост, притоа навраќајќи се на еден од најтемните периоди во историјата на Бразил, оддавајќи почит на силата на Јунис Паива, која, наспроти сите шанси, стана централна фигура во борбата за човекови права во земјата.
Режисер на оваа продукција е Валтер Салес, добитник на дури 67 филмски награди за неговите филмови, меѓу другите на „златна мечка“ за најдобар филм во Берлин за филмот „Централ ду Бразил“, како и на наградата БАФТА за „Дневникот на мотоциклистот“.
Ирска хипхоп-комедија прв ирски филм на „Санденс“
Ирската хипхоп-комедија/доку-драма „Капак на коленото“ има најмногу номинации, 14, во изборот за најдобар британски независен филм оваа година.
Кога учителката од Белфаст, Џеј Џеј, ги запознава самопрогласените „лоши деца“ Наоа и Лиам Ог, се раѓа хипхоп-трио какво што светот досега не видел. Рапувајќи на родниот ирски, ова трио набрзо станува неочекуван глас на движењето за граѓански права. Но триото прво мора да се справи со полицијата, паравоените сили и политичарите, кои на секој начин се обидуваат да ги замолчат.
Всушност, филмот го прикажува подемот на хипхоп-движењето во Белфаст. Во филмот играат членовите на бендот, како и Џози Вокер, Фионуала Флаерти, Џесика Рејнолдс, Адам Бест, Симон Кирби, Мајкл Фасбендер…
Во исто време, ова е првиот ирски филм што некогаш имал премиера на фестивалот „Санденс“, каде што освои важни награди.
Ова му е прв долгометражен филм на режисерот Рич Пепиат.
Воената драма „НР.24“ со рекордна заработка во Норвешка
И минатата недела, вторпат по ред, најгледан филм во Норвешка беше воената документарна драма „НР.24“, со заработка од 1,8 милион долари.
Младиот чирак Гунар Сонстеби од Рјукан решава да ѝ се спротивстави на нацистичка Германија на денот на инвазијата, за подоцна да стане водач на „Бандата од Осло“ изведувајќи безброј смели чинови на саботажа, што го прави најголемиот воен херој на Норвешка.
Режисер на оваа продукција е Џон Андреас Андерсен, познат на локалните филмољупци по филмовите за катастрофи, „Нодрсјен“ и „Склевјет“, а тој е и автор на семејната авантура „Катепат Сабелтан“ и „Лама Рама“, додека неговото деби „Уно“, во кое негов партнер беше Аксел Хени, донесе дури 10 награди.
Драма за катастрофа најгледана во Хонгконг
Филм со најголема заработка од претходната недела во Кина е „Веном: последниот танц“, со 14,5 милиони долари, а веднаш по него следува филмот за катастрофата во Хонгконг, „Фан Синг“ со 9,8 милиони долари.
Нуклеарното радиоактивно истекување на цезиум-137 во Хонгконг ги става во опасност животите на седум милиони граѓани. За да се справи со оваа катастрофална случка, експертот за нуклеарно зрачење Сајмон Фан (Енди Лау) е поканет да се приклучи на задачата за одговор при итни кризи, организирана од вршителот на должноста извршен директор Сесилија Фонг (Карен Мок). Службеникот на противпожарната станица Лаи Кит-фунг (Баи Ју) и неговиот тим исто така имаат задача да бидат на првата линија на катастрофата.
Режисер е Ентони Пун, добитник на награди за двата негови претходни филма.
Нова фантазија на рускиот режисер Александар Војтински
И минатата недела, вторпат по ред, најгледан филм во Русија беше семејната фантазија „Огниво“, со вкупна заработка од 7,7 милиони долари.
Во едно кралство од бајките, војник на пат кон дома случајно наоѓа магичен кремен и ја ослободува девојката Даша, која била киднапирана и маѓепсана од злобницата Лиходеј, која ја заклучила во него. За да ја отфрли магијата, војникот ќе мора да тргне на опасно патување.
Режисер и сценарист на оваа продукција е Александар Војтински, кој минатата година беше награден за фантазијата „По налог на штуката“, а ја продуцираше и хумористичната научнофантастична серија „Очигледно неверојатно“, додека во неговата филмографија се и фантазијата „Дедо Мраз“, „Битката кај Магов“, авантуристичката комедија „Џунгли“ и други.