Жилавите инсталации не дозволуваат владеењето на правото да пушти никулец во правосудството
- Несомнено сето ова говори дека политиката е длабоко вкоренета во правосудството, но клучното прашање што се наметнува во јавноста е дали со толкав обем на партизација на судството Македонија може да започне борба со криминалот и со корупцијата и на тој начин да се врати довербата на граѓаните во судскиот систем, но истовремено и Македонија да добие преодна оценка од граѓаните, па и од страна на ЕУ
- Не случајно изминатиот период сѐ почесто испливуваат на површина случаи со корумпирани судии и обвинители, што јасно говори дека борбата со криминалот и со корупцијата во државата ќе биде невозможна мисија ако не се направи сериозна длабока реформа на правосудството, која треба да почне сега и веднаш
Владеењето на правото е клучниот сегмент врз кој почива секоја ефикасна борба против криминалот и корупцијата, па поради тие причини тоа е и основниот критериум врз кој се оценува подготвеноста на една земја за зачленување во Европската Унија.
Македонија уште одамна зачленувањето во ЕУ го одреди како своја стратегиска цел, но во овие нешто повеќе од три децении самостојност исклучително малку направи во воспоставувањето независен правосуден систем, кој ќе биде основен столб на функционирањето на правната држава.
За жал, наместо владеење на правото, македонската јавност сиве години е сведок на масовна политизација на правосудството, што доведе до ситуација политички партии да си инсталираат судии и обвинители по нивен терк, кои наместо да работат според словото на законот и да гонат криминал и корупција, постапуваат според партиските директиви.
Не случајно изминатиот период сѐ почесто испливуваат на површина случаи со корумпирани судии и обвинители, што јасно говори дека борбата со криминалот и со корупцијата во државата ќе биде невозможна мисија ако не се направи сериозно ресетирање на правосудството.
– Честопати, во изминативе пет месеци откако сме влада, се случува некои од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура, токму во моментите кога треба да се преземе резолутна акција против криминалци што беа симбол на минатото седумгодишно владеење, кое не треба да ни се повтори. Тие инсталации се жилави. Малкумина се, не се многу во судството и обвинителството кои се слепи послушници на СДСМ и на ДУИ и можам да кажам дека на крајот ќе победиме – рече премиерот Мицкоски.
Несомнено сето ова говори дека политиката е длабоко вкоренета во правосудството, но клучното прашање што се наметнува во јавноста е дали со толкав обем на партизација на судството Македонија може да започне борба со криминалот и со корупцијата и на тој начин да се врати довербата на граѓаните во судскиот систем, но истовремено и Македонија да добие преодна оценка од страна на ЕУ.
– Со ваков состав дефинитивно мислам дека не можеме да постигнеме ништо во борбата со криминалот. Потребен е нов состав на обвинители, нов закон за обвинители, а потоа да се види што и како ќе се суди. Овој состав на судии и обвинители дефинитивно треба да биде реформиран во смисла да се изберат најстручните кандидати. Тоа е еден од условите, а таков услов треба да даде таканаречената Академија на судии и обвинители, која мислам дека како што функционира сега, постои само фиктивно и дека од таму нема никаков напредок во тоа. За судии треба да се избираат истакнати правници, особено сегашните стручни соработници по судовите што сега го носат сиот товар во работењето на судовите. Оттука сметам дека без реформи, без ново судство, ново обвинителство, нема да имаме успех во таа борба – вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.
Според него, она што премиерот шеговито го наведе како оправдување на некои обвинители да не почнуваат постапки, всушност, е обид на истите тие обвинители да не влегуваат во конфликт со оние што ги поставиле на функција.
– Тоа е избор на самите обвинители да не влегуваат во таа борба со криминалците – истакна Илиев. С.Т.