Немањето доволно доктори, медицински сестри и друг медицински персонал дополнително ја усложнува и онака тешката состојба во која се наоѓа македонското здравство, кое е буквално пред целосен колапс ако не се преземе итна акција
Министерот за здравство со алармантни предупредувања за дефицит од доктори
Континуираниот масовен одлив на здравствени работници од Македонија во европските земји го доведе македонското здравство во ситуација да не може квалитетно да одговори на потребите на граѓаните, кои се принудени со месеци да чекаат за обичен преглед, а многу подолго за некаква интервенција.
Немањето доволно медицински персонал, доктори, медицински сестри и друг медицински персонал дополнително ја усложнува и онака тешката состојба во која се наоѓа македонското здравство, кое е буквално пред целосен колапс ако не се преземе итна акција.
– Минимум 1.000 лекари ѝ се потребни на Македонија итно и неодложно, барем до крајот на наредната година – вели министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за Глас на Америка.
Според него, за надминување на оваа состојба било донесенo и владино решение за вработување на 600 приватни специјализанти, од кои 300 дo крајот на годинава и уште триста наредната година.
– Сите тие се потенцијални кандидати да избегаат од државата. Се надевам дека ќе најдеме решение идната година освен 300 специјализанти, да вработиме околу 300-400 доктори, со што ќе имаме некаква одржливост на болниците, особено во внатрешноста на државата – појасни Таравари.
Најпогодени од масовниот одлив на докторите се граѓаните, кои не се задоволни од здравствените услуги што ги добиваат.
– Дојдов од Битола во Скопје на снимање бидејќи во битолската болница не работеше апаратот. И тука има огромни редици, чекам од сабајле од 8 часот и ако не завршам работа до 15 часот, ќе морам да се враќам назад во Битола, па да закажувам нов термин и повторно да доаѓам во Скопје, што за мене е дополнителен трошок и ново отсуство од работа. Вака не оди, мора да се направи нешто и во сите поголеми градови да има стручен медицински персонал, доктори, опрема, за да не мора да нѐ препраќаат во Скопје и за најобични снимања – вели Мимоза К. од Битола, една од повеќето анкетирани, која замоли да биде анонимна.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту во Скопје, каде што се препраќаат граѓани од целата држава бидејќи никаде нема доволно доктори ниту, пак, доволно медицински персонал.
– Доволно е некој да направи само една контрола по болниците во другите градови од Македонија и ќе утврди дека ни фалат не 1.000 туку 5.000 доктори. Затоа се прават метежите. Чекаме за обичен преглед по три месеца, а некој нема толку време бидејќи можеби болеста прогресира и треба навремено да се реагира. Недостига и организација. Нѐ праќаат од еден шалтер на друг, дај ја таму книшката, оди уплати на друг шалтер, оди во оваа соба, во онаа, човек како да е заглавен во еден бескраен лавиринт на кој не му се наѕира крајот – коментира Анастасија Дичевска од Скопје.
Упатените во здравствените состојби сметаат дека состојбата во здравството само ќе се влошува ако не се осмисли брзо нов системски пристап како да се задржат докторите и другите медицински лица во земјава.
– Нашите лекари одат да работат во Хрватска, Словенија, Бугарија, но и во Германија и Франција. Таму имаат добри плати, добри услови за работа и ништо нема да ги премисли за да се вратат во Македонија. Проблем е што и оние што сега се на медицинските факултети размислуваат веднаш да си заминат, иако државата вложила средства за нивно школување. За генерално да ги задржиме докторите и сите други во земјава, треба тука да ги средиме состојбите, да почнеме да функционираме како нормална држава. Потребно е да се изградат повеќе болници низ државата, да се стави во функција сета донирана опрема што сега е „конзервирана“ некаде по подрумите, да се купи и нова современа опрема, да се модернизираат операционите сали, па дури и најбаналните работи, да се среди пристапот до болниците. Кога на сето тоа ќе се придодадат и добри плати за здравствените работници, тогаш веројатно секој ќе се запраша зошто да си оди од државата ако и тука работи за истите пари – констатираат познавачите, нагласувајќи дека ова е еден од најгорливите проблеми, кој не е ниту партиски ниту политички, туку чисто граѓански.
Сите анкетирани се во очекување на резултати од ангажманот на институциите, свесни дека состојбите нема брзо да се средат, но очекуваат наредната година значајни подобрувања на јавното здравство за граѓаните.