Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (6)
Перцепцијата за жената во Македонија во 19 век како затворена, традиционална и неписмена домаќинка на македонското семејство полека исчезнува со откривањето и презентирањето материјали што покажуваат значителни активности на жените на повеќе полиња: образование, револуционерна борба, литература. Во тој контекст, израснувањето на жената како индивидуа во традиционално патријархалната средина било исклучителен подвиг. Токму за овие теми се зборува во книгата „Жени во македонската книжевност од 19 век“ од д-р Славчо Ковилоски, која е во издание на Институтот за македонска литература и неодамна беше објавена. Книгата, за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнале развојот на македонското женско творештво (женско писмо) и појавата и развојот на феминистичкото движење и на првите македонски женски револуционерни и просветни друштва. Така, свое место тука ќе најдат повеќе статии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. На таков начин се надминува сликата за немост на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. Ќе ги презентираме биографиите и творештвата на повеќе македонски жени од втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кои активно се вклучиле во јавниот живот, а досега биле малку познати или сосема непознати: Славка Динкова, Митра Миладинова, Јанка Каневчева, Царевна Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова, Евгенија Јанчулева, Марија Зрнева, Султана Чикмакова, Олга Маџарова, монахињата Параскева, Параскева Димкова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Во македонската културна средина многу малку е пишувано за животниот и творечкиот пат на Димитра или Митра Миладинова. Нејзиното име се јавува само како придружник на Димитрија Миладинов, чија сопруга била или, пак, повторно се јавува како придружник при споменувањето или изучувањето на Царевна Миладинова-Алексиева, овој пат како нејзина мајка. Сепак, подеталните истражувања укажуваат дека и самата таа одиграла важна улога во ширењето и промовирањето на просветителските идеи на браќата Миладиновци.
Митра, односно Димитра Миладинова (ок. 1824 – 1894) потекнувала од една од највидните фамилии во Струга, Матови. Таа била ќерка на богатиот трговец Наум Матов. Од оваа многубројна струшка фамилија, меѓу другите, потекнуваат и револуционерите Христо и Милан Матови, како и филологот Димитар Апостолов Матов. Митра се школувала во грчко училиште во Струга, на грчки јазик. Подоцна му станала сопруга на Димитрија Миладинов со кого имале шест деца: Елисавета, Пантелеј (Страшимир), Царевна, Фросина, Анастасија (Милица) и Златица. Преку бракот на нејзината ќерка Елисавета, била поврзана со уште еден познат преродбеник, Кузман Шапкарев. Нему му испеала неколку песни, кои тој ги вметнал во своите „Зборници“. Една друга нејзина ќерка, Царевна, станала една од најпознатите просветни дејци во Македонија, благодарение на школувањето во Русија.
Можеме само да ја претпоставиме поддршката што Митра му ја дала на сопругот Димитрија во неговите напори да го намали или да го отстрани грчкото влијание во сите места каде што учителствувал. Таа морала да смогне сили за време на неговите долги отсуства од дома и да се грижи за нивните малолетни деца. По пригрнувањето на словенството од страна на Димитар, сигурно и таа ја почувствувала промената којашто требало да ја направи, од грчко писмо и грчки јазик, да вложи напор кај своите деца и сограѓани да им го изгради чувството на словенска припадност. Се разбира, не се сомневаме дека тие промени можеле да се случат прекуноќ, но во тој процес Митра не можела да остане зад својот сопруг. Тоа што Димитрија бил јавна личност и бил во првите редови во борбата против грчкото духовништво и јазик, може само да значи дека имал целосно разбирање и поддршка во самиот свој дом. А таму, Митра била онаа врз која паднале обврските за издржување на семејството по смртта на сопругот.
Веднаш по затворањето на Димитрија, Митра со сите сили се ангажирала за неговото ослободување. Кореспондирала со повеќе видни личности за кои сметала дека можат да ѝ помогнат во ослободувањето на својот сопруг и на својот девер, Константин Миладинов. Пишувала до првенците Тасе Зарчев и Стефанија Владиков, однела молба за интервенција и ослободување на Димитрија до англискиот, австрискиот и до рускиот конзул во Битола, како и до францускиот пратеник во Цариград. „И тоа“, пишува Митра, „од една страна како сум уверена во невиното и непрестапно поведение на мојот маж, а од друга страна, како се надевам дека ќе најде благонаклонен одзив во човекољубивата и милосрдна душа на Вашата Светлост, мојот и на моите деца што одекнува до крајно небо глас и дека моите смирени справедливи молби ќе бидат благонаклоно ислушани како што треба, ја искажувам својата бескрајна благодарност за таа милост и се потпишувам со редно уважување“.
Како и да е, сите заложби останале залудни, исто како и сите други. По трагичниот крај на браќата, Митра останала без средства за издршка, па со големи тешкотии се грижела за воспитување и школување на своите деца. Во ова тешко време за неа, таа ја почувствувала сета горчина на реалноста. Останала сама, напуштена од сите, па дури и од најблиските роднини и пријатели, кои веројатно заплашени и исплашени од смртта на Миладиновци, а под притисок на власта, грчкото свештенство и богатото граѓанство, односно оние што на каков било начин биле поврзани со погибијата на браќата, не се осмелувале да ѝ пријдат на Митра и отворено да ѝ ја искажат својата поддршка. Токму затоа, таа била принудена да моли за помош, па дури и да ги преколнува дотогаш најблиските соработници на нејзиниот сопруг. И затоа во писмата, на кои подетално ќе се осврнеме во понатамошниот текст, таа заклучува дека додека бил жив Димитрија, сите ѝ биле пријатели, а по неговата смрт – никој.
Епистоларните записи на Митра Миладинова се силни, сугестивни, исполнети со тага и болка од нанесените неправди. Интересно е што таа никогаш не ја изгубила надежта дека еден ден ќе се дознаат гробовите на Димитрија и Константин и дека нивните посмртни останки ќе бидат пренесени во Струга. Во согласност со духот и традицијата на македонската жена, таа тешко се помирувала со фактот дека за нејзиниот маж немало гроб на кој можела да се исплаче. Поради тоа, кај неа се јавила мисла да подигне симболичен споменик на струшките гробишта. Затоа, во 1867 година, на петгодишнината од смртта на Миладиновци, се одржал симболичен погреб на починатите браќа. Наместо нивните тела, во ковчегот што го носела поворката се наоѓале алиштата на браќата и единствениот портрет на Димитрија Миладинов. И на тој начин, Митра им оддала почести на загинатите родољупци.
Нејзините искази станале основа за потврдување на познатото за Миладиновци, за реконструкција на некои настани и за дополнување на непознатите моменти од нивните животи. Такви се информациите за престојот на Димитрија во Белград, за неговото странствување во австриските земји, за кореспонденцијата со Георги Раковски и со други познати личности од тоа време, за неговото затворање во охридскиот, битолскиот и цариградскиот затвор итн.
Една од заслугите на Митра Миладинова е и нејзиниот ангажман околу објавувањето на второто издание на „Зборникот“ на Миладиновци. Имено, откако првото издание од 1861 година било целосно исцрпено, се поставило прашањето за ново издание. Второто издание било објавено во 1891 година, а Митра Миладинова се потпишала под предговорот во кој истакнала дека: „второто издание сега иде да ја прославува победата над своите непријатели и да се потсмева на нивната немоќ“.
И, на таков начин можеме само да го потврдиме нашиот став дека да не била Митра Миладинова, во голема мера немало да бидат ни Димитрија и Константин Миладиновци она што се денес. Митра била силна жена со борбен менталитет, даровита пејачка, решителна сопруга и мајка, која пред себе имала цел да не дозволи да се заборават творештвото и плодовите коишто ги засеале браќата Миладиновци.
Славчо Ковилоски
продолжува