Од рефератот „Суверенистичките движења во Европа и претседателските избори во САД како геополитички земјотреси и шанса за враќањето на името Македонија на македонската држава“, на меѓународната научна конференција на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Од рефератот „Суверенистичките движења во Европа и претседателските избори во САД како геополитички земјотреси и шанса за враќањето на името Македонија на македонската држава“, на меѓународната научна конференција на Правниот факултет „Јустинијан Први“
Геополитичките поместувања, вклучувајќи го и најновото во САД, со изборот на Доналд Трамп како нов претседател, и она по јунските избори за Европскиот парламент, создаваат клима и очигледно поповолни ветрови за реактуализирање и ресетирање на прашањата што се однесуваат до, слободно може да се каже, насилно одземените македонски инсигнии (со уцени и ултиматуми) обележја на нашиот идентитет.
Возобновување на македонската држава според илинденско-асномскиот концепт
Не е воопшто табу веќе дека многу меѓународноправни експерти ги разгледуваат варијантите за враќање на името Република Македонија и возобновување на нејзиниот 74-годишен меѓународноправен субјективитет во системот на меѓународните односи, насилно прекинат со инсталирањето на „франкештајнската“ лажнодржавна творба „Северна Македонија“ по противуставното и противзаконско „усвојување“ на меѓународно наметнатиот Преспански договор. Сега, во „светската геополитичка џунгла“ македонскиот народ мора сам да си ги заштити колективното македонско самочувство и идентификациско самоопределување, својот јазик и историја.
Во веќе настапениот мултиполарен свет нема место за безначајна група на апатриди – луѓе без своја држава и татковина, кои нема да бидат повеќе народ со свои корени и идентитет, со свое минато и иднина. А токму тоа би требало да станат Македонците, според сценариото на творците на меѓународниот „преспанско-санстефански инженеринг“ со Македонија и македонскиот народ, кој забрзано тече.
Силните геополитички „земјотреси“ – шанса за отворање и повторно
разгледување на „македонското прашање“ во светот
Силните геополитички „земјотреси“ во САД, Европа и во светот се голема и сериозна шанса за македонскиот народ да го врати името на својата држава како Република Македонија, да го запре културоцидниот идентитетски инженеринг врз македонскиот народ и да го фрли насилно наметнатото, „новото уставно име“ „Северна Македонија“ на ѓубриштето на историјата. Сега кога заминуваат од власта една гарнитура во САД, Франција, Германија, и кога ЕУ е во процес на реформи, а сепак продолжува да нуди илузии во форма на „проширување“ и „прием“ во наречен „светол европски рај“, што треба да направат Македонија и македонскиот народ?
Главни приоритети ќе треба да бидат враќањето на името Македонија на македонската држава и враќањето на вистинската македонска државност, враќањето на Македонија како унитарна, суверена и независна држава во системот на меѓународните односи. Веројатноста би била поголема за гореспоменатото доколку се направат и соодветни (радикални) формалноправни претпоставки да се дојде до целта, кон Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, заедно со елиминацијата на таканаречената „Северна Македонија“. Но, за тоа е потребна соодветна внатрешна и меѓународна политичка клима, како и политички актери со волја и одлучност непопустливо да се движат во таа насока. Сегашните македонски политичари и оваа владејачка коалиција треба да „фатат“ чекор со новопочнатите геополитички процеси во САД, во Европа и воопшто во светот. Директните контакти и лобирањето со новите лидери на САД и на суверена Европа ќе бидат предуслов за градење на потребната меѓународна клима и поддршка за враќање на името Македонија и за обновување на концептот на асномскиот концепт на македонската држава.
Шолц и Макрон заминуваат – уште ли ќе ни требаат нивната „штедра поддршка“ и „предлозите за „ЕУ-рајот“?
Изборот на Доналд Трамп за нов 47. претседател на Соединетите Американски Држави претставуваше силен геополитички земјотрес, но пред тоа веќе започна силен геополитички земјотрес во Европа со одржувањето на изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година. Суверените движења и суверените партии во Европа ги истакнаа своите барања за преобликување на политичката архитектура на европскиот континент и за почитување на внатрешниот и надворешниот суверенитет на нивните европски земји, особено во однос на САД. Дали е случајно тоа што само два дена по изборот на новиот американски претседател почна распаѓањето на владејачката коалиција во Германија? Дали е случајно тоа што само два дена по изборот на Трамп веќе е пројавено барањето германскиот парламент – Бундестагот за скоро време да гласа за отповикување на сегашниот премиер Олаф Шолц и неговата влада и потоа да се одржат нови избори во Германија?
Крајно непопуларниот германски канцелар Олаф Шолц, кој е веќе во заминување, како и оваа германска влада, категорично бараат Македонија да го промени Уставот и македонската влада да запише во него три илјади Бугари како „бугарски конститутивен народ“. Во другата водечка европска држава, Франција, ситуацијата е многу слична: само 23 отсто од Французите го поддржуваат нивниот претседател Емануел Макрон, како што покажа истражувањето на агенцијата за испитување на јавното мислење „Ипсос“, нарачано од весникот „Трибун диманш“. Значителен дел од францускиот народ, исто така, веќе неколку години силно бара оставка од францускиот претседател Емануел Макрон. Не може да се означува Макрон како „лидер на Европа“, како што се слушаат некои официјални искажувања во Македонија, бидејќи него ниту Французите не го сметаат како лидер на Франција. Овој ист француски политичар во заминување и неговата влада се „авторите“ на таканаречениот „француски предлог“, како основа за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, кои се поправо на линија на прифаќање на сите барања на официјална Софија во однос на Македонија.
И Олаф Шолц и Емануел Макрон ѝ „даваат постојано штедра поддршка“ на Македонија да ги „започне преговорите со ЕУ“, односно за промена на својот устав. Меѓутоа, бесполезни се натамошните контакти со Шолц и со Макрон, ниту е разумно очекувањето тие да дадат какви било „гаранции“ во поглед на политички коректната варијанта за „одложено внесување“ на бугарското малцинство. Нив двајца, заедно со раководните политички гарнитури на Германија и на Франција, ќе ги снема од европската политичка сцена, само е прашање на време кога. Но, што ќе треба да прави Македонија потоа со нивната „поддршка“ и со нивните „предлози“, кои се, всушност, од директна полза на Бугарија?
Борба за името Македонија во ООН – но само во оптимален меѓународен момент
Сепак, борбата за враќање на името Македонија ќе мора да се поведе во одреден оптимален меѓународен момент директно во Советот за безбедност и во Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации. За да се добие можна поддршка за тоа, Владата на Македонија треба да се обрати до САД, Јужна Африка, Индонезија, Франција, Бразил, Кина, Мексико, Русија, Индија, Италија, Турција, Австралија, Германија, Јапонија, Велика Британија, Египет, Канада и Шпанија, како и до релевантните меѓународни организации и форуми. Друго е прашањето како ќе одговори која било од овие земји и форуми и организации на инаку неотуѓивото човеково право, загарантирано со меѓународните конвенции и меѓународното право, Македонците да продолжат да живеат како Македонци, а не да бидат „северномакедонци“, на правото да живеат во својата татковина по име Македонија, а не во „Северна Македонија“. ЕУ и другите меѓународни „спонзори“ на „Северна Македонија“ најверојатно ќе се спротивстават на каков било обид за враќањето на името Македонија и за нејзино возобновување како независна држава на меѓународната сцена. Но, колку и да биде тешка и долготрајна, таквата борба ќе мора да започне да се води, зашто се создаваат многу поповолни меѓународни околности таа борба и да се добие успешно.
(скратен и редакциски приспособен текст на рефератот на авторот „Суверенистичките движења во Европа и претседателските избори во САД како геополитички земјотреси и шанса за враќањето на името Македонија на македонската држава“, изнесен на годишната меѓународна научна конференција на Правниот факултет „Јустинијан Први“, одржана во Скопје на 8.11.2024 година)
Македонската политичка елита и владејачка коалиција ќе биде потребно, во директно содејство и координација со македонското иселеништво во САД, да преминат во своевидна дипломатска офанзива кај новото американско раководство за „ублажување“ и промена на досегашната позиција кон Македонија, која значеше многу поголема поддршка за Бугарија и за Грција од аспект на американските геостратегиски интереси на Балканот
Содејство на македонското раководство со македонската дијаспора во САД, клучна алатка за успешен настап кај Трамп и неговата администрација
Од клучно значење ќе биде како ќе се постави новиот американски претседател Доналд Трамп кон Европа и одделно кон Западен Балкан во својата претстојна политика. Дали ќе бидат можни извесно намалување на интересот на Американците за овие два светски региона и нивно насочување кон зголемен политички и економски ривалитет, ако не и на конфликт со Кина? Колку ќе биде успешен Трамп во неговите напори да ја надвладее американската „длабока држава“, која во содејство со моќниот тамошен воено-индустриски комплекс сѐ досега, но и сега сѐ уште, создава зони на оружени судири и на „контролирани хаоси“, суспендирајќи ги внатрешните и надворешните суверенитети и правото на самостојно одлучување и развој на многу држави во светот што се во сферата на американските интереси, вклучувајќи ја и Македонија.
Имајќи ги предвид сите овие факти и можен развој на ситуацијата, македонската политичка елита и владејачка коалиција ќе биде потребно, во директно содејство и координација со македонското иселеништво во САД, да преминат во своевидна дипломатска офанзива кај новото американско раководство за „ублажување“ и промена на досегашната позиција кон Македонија, која значеше многу поголема поддршка за Бугарија и за Грција од аспект на американските геостратегиски интереси на Балканот. Новото претседателствување на Трамп со САД може да значи и само извесен „вакуум“ во колосалната улога на САД во глобалните движења, а во таквата ситуација самиот македонски народ и неговите политички претставници ќе мораат да се „уфрлат“ во тој „празен простор“ и да се обидат да издејствуваат одреден нов, поинаков курс на американската политика кон Македонија во претстојните активности за враќање на ова име, кое по никоја основа не им припаѓа на Грција и на Грците. Сепак, грчката дијаспора е многу моќна и влијателна во САД, така што ќе бидат неопходни огромни напори и лоби-активности, многу нови контакти со новата американска администрација, за да се успее таа да „погледне“ со поинакви очи кон повторното отворање и разгледување на „македонското прашање“ низ светските меридијани. Државното раководство на Македонија можеби и почнува да се поставува и да се движи на овој пат, но без коренита промена во пристапот, резултатите може да бидат минимални или дури и „невидливи“… С.То.
Важен дел од европскиот суверенистички мозаик беа и изборите за Европскиот парламент, кои јасно покажаа дека европските суверенистички партии ќе ја одредат иднината на европскиот континент. Тие избори несомнено го започнаа процесот на трансформација на Европската Унија во идна унија на суверени нации. Суверенистичките движења се разбудија или почнуваат да се будат во многу важни европски земји. Таков е случајот во Холандија, Словачка, Унгарија…
Потребни се контакти со новите
лидери на суверенистичка Европа
Упатно е преминување на подиректни и позасилени контакти и лобирања за „македонското прашање“ со партиите, кои се во подем во Германија и во Франција како дел од новиот „суверенистички бран“ во Европа. Неможно е да се претпостави однапред каков став ќе имаат тие околу ситуацијата во која се наоѓаат Македонија и македонскиот народ, но и сите други граѓани на оваа земја, дали и колку би пројавиле разбирање и конструктивност.
Важен дел од европскиот суверенистички мозаик беа и изборите за Европскиот парламент, кои јасно покажаа дека европските суверенистички партии ќе ја одредат иднината на европскиот континент. Тие избори несомнено го започнаа процесот на трансформација на Европската Унија во идна унија на суверени нации. Суверенистичките движења се разбудија или почнуваат да се будат во многу важни европски земји. Таков е случајот во Холандија, Словачка, Унгарија… Тие движења сѐ повеќе се им спротивставуваат на нивните владејачки политички елити, кои работат, економски и политички, против автентичните интереси на нивните нации и држави, потчинувајќи им се на политичкото менторство и диктат од Соединетите Американски Држави.
Свето Тоевски