Тврдењата дека Војдан Чернодрински пишувал за бугарскиот народ се апсурдни, што е особено очигледно од самата насловна корица на драмата „Македонска крвава свадба“, каде што јасно може да се види за кого е наменета, односно дека е пишувана на македонски јазик. И наши соговорници ја посочуваат насловната страница на драмата „Македонска крвава свадба“, каде што може да се прочита следното: „Македонска крвава свадба, трагедија во пет дејствија од македонскиот живот, на македонски говор“, а има и извадок од македонска народна песна. Според нашите соговорници, Војдан Чернодрински како автор на „Македонска крвава свадба“ јасно посочува за кого е наменета драмата, за кого е пишувана, а подоцна и изведувана на македонски јазик
Кус осврт кон апсурдната промоција на драмата „Македонска крвава свадба“ како „бугарско културно наследство“
Веќе подолг период македонската јавност е сведок на постојаното негирање на македонските национални особености, како што е случај со последната промоција на Војдан Чернодрински како бугарски преродбеник, а неговото дело „Македонска крвава свадба“ како бугарско културно наследство. Овие тврдења немаат никаква поврзаност со реалноста и всушност станува збор за уште еден обид за политички ревизионизам и историски негационизам, кои во суштина се говор на омраза и се казниво дело според Советот на Европа. Тврдењата дека Чернодрински пишувал за бугарскиот народ се апсурдни, што е особено очигледно од самата насловна корица на драмата „Македонска крвава свадба“, каде што јасно може да се види за кого е наменета, односно дека е пишувана на македонски јазик. Според добро упатени личности во оваа проблематика, сите досегашни провокации, вклучувајќи ја и последната во Битола, се должат на бугарскиот политички фанатизам, кој се одликува со иредентизмот, експанзионизмот и историскиот негационизам, кои се спротивни од суштината на Обединетите нации и Европската Унија. Провокациите треба да престанат и официјална Софија треба да се откаже од великобугаризмот и да се насочи кон политики што ќе водат кон добрососедство, пријателство, стабилност и напредок.
Промоцијата во Битола претставува говор на омраза
Неодамнешната промоција на антологиската драма на Војдан Чернодрински, „Македонска крвава свадба“, како бугарско културно наследство во Битола треба да се разбере како чиста провокација. Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, обидите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ за предизвикување немири во овој момент не се случајни и најверојатно се координирани од одредени центри, кои повторно сакаат да ги возбудат духовите во македонското и на бугарското општество. Во оваа конотација треба да се разбере и осамнувањето на изменетиот графит – „Бугари во устав“ во центарот на Скопје, велат нашите соговорници.
Според нив, пропагирањето на Војдан Чернодрински како бугарски преродбеник, а неговото дело како олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите, немаат ништо заедничко со реалноста. Овие активности треба да се разберат како повторни обиди за актуализирање на прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав, во ситуација кога македонската влада решително бара одложено дејство на уставните промени по зачленувањето на Македонија во Европската Унија, како гаранција дека нема да има нови апсурдни барања од бугарска страна.
Од друга страна, овие активности на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ се спротивни на европските принципи бидејќи во суштина станува збор за политички ревизионизам и историски негационизам, кој шири и поттикнува омраза и дискриминација. Овие дејанија се во спротивност со протоколот на Советот на Европа, во кој меѓу другото се нагласува дека негирањето или ревизијата на јасно утврдените историски факти ќе бидат отстранети од заштитата на членот 10 од членот 17 од Европската конвенција за човекови права. Со други зборови, лицата и организациите ќе можат кривично да одговараат пред судовите и тоа нема да се смета за нарушување на човековите права, односно нарушување на слободата на говор.
Во овој контекст е и изјавата на потпретседателката на македонското собрание, Весна Бендевска, дека последните активности на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ се повреда на македонските национални чувства.
– Ќе прашам децидно, дали државните институции можат да најдат начин на кој ќе го забранат дејствувањето на ова здружение на граѓани со фашистичко име, кое е избришано од Централниот регистар. Доколку има индиции веднаш ќе поднесам и нова кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на поранешното здружение, кое е избришано од регистарот – рече Весна Бендевска.
Во драмата „Македонска крвава свадба“ недостига терминот бугарски говор
Дека станува збор за провокација што нема никаква поврзаност со реалноста, нашите соговорници ја посочуваат насловната страница на драмата „Македонска крвава свадба“, каде што може да се прочита следното: „Македонска крвава свадба, трагедија во 5 дејствија од македонскиот живот, на македонски говор“, а има и извадок од македонска народна песна. Според нашите соговорници, Војдан Чернодрински како автор на „Македонска крвава свадба“ јасно посочува за кого е наменета дрмата, не случајно е пишувана, а подоцна и изведувана на македонски јазик.
– Сосема природно се наметнува прашањето зошто Чернодрински на насловната страница не напишал бугарска крвава драма, дејствија од бугарскиот живот или бугарскиот говор, доколку станува збор за бугарско дело на бугарски преродбеник – велат нашите соговорници.
Тука треба да се спомене и предговорот на драмата „Македонска крвава свадба“ во кој Чернодрински истакнал: „Што напишав јас? Ништо не напишав. Јас го препишав од сè уште ненапишаната крвава историја на Македонија она што читателот ќе го прочита, а гледачот ќе го види во театарот. Крвожедноста на нашите Турци-бегови, готовноста на Македонките да умрат, но верата да не си ја менуваат, а машкоста на Македонецот јуначки да им одмаздува на оние крвници што ја извалкаа или ќе се обидат да ја извалкаат неговата семејна чест, ете, во тоа главно се состои содржината на пиесата. Успеав ли? Дали точно препишав? Не знам; за тоа нека се искажат господата критичари. Ако сум успеал, се радувам, ако пак не, сиот грев го фрлам на оние што можат поубаво да ја извршат оваа работа, која мене не ми беше по силите“.
Од друга страна треба да се споменат и случувањата околу праизведбата на драмата „Македонска крвава свадба“. Имено, кон крајот на 1900 година, жителите на Софија биле сведоци на несекојдневен настан. Актери облечени во македонска народна носија одржувале проба, притоа од сцената можело да се слушне: „Какви маки сум тргала, се чудам, како не сум умрела до сега. Еј! Гиди живот наш!“.
Набргу потоа била закажана и праизведбата во салонот на „Славјанска беседа“. Претставата ја возбудила бугарската елита, која се нашла под притисок на турскиот дипломатски претставник во Софија, кој барал прекинување на оваа активност поради содржината на делото. Бугарската власт наредила да се стави крај на сценската реализација, меѓутоа главните протагонисти се оглушиле на заповедта и премиерата била закажана на 7 декември 1900 година. Кога Македонците во Софија се собрале пред „Славјанска беседа“ со намера да ја гледаат претставата, пристигнале вооружени бугарски коњички стражари со цел да ја изгонат македонската толпа. Но пред нив застанале комити вооружени со ками и револвери, кои го обезбедиле текот на премиерата, по наредба на Борис Сарафов.
Драмскиот текст, како и самата драма на Чернодрински имале пропаганден карактер, тие требало да ги поттикнат многубројните Македонци што живееле во Софија да ги помогнат македонското револуционерно движење и борбата за слободна и самостојна македонска држава. Дека „Македонска крвава свадба“ ја постигнува целта потврдува и фактот оти Христо Милчинов (негови потомци се Илија Милчин и Владимир Милчин) бил толку убедлив во улогата на Осман-бег, што публиката фрлала столови по него, при што му правеле разни инциденти затоа што ја грабнал Цвета.