Славка Арсова немаше свои деца, но за децата во Македонија направи многу повеќе од некои родители. Израдува безброј детски срца, кои благодарение на „Ракатки“ првпат посетија градови како што Скопје, Радовиш и Прилеп, првпат застанаа пред публика, првпат ја прочитаа својата лична творба, првпат беа наградени, пофалени, првпат спиеја кај непознато другарче, се дружеа со децата од цела Македонија и добиваа вредни подароци
Во спомен на писателката Славка Арсова (3 јули 1934, Скопје – 6 ноември 2024, Скопје)
Изминатиов период, интимно, длабоко во себе се простувам со три женски имиња од македонската литература, особено од литературата за деца, кои со својот обемен опус и релативно долг животен век оставија огромни дела со трајни вредности… Нѐ напушти Бистрица Миркуловска, потоа Оливера Николова и последно „мајката“ на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, поетесата Славка Арсова.
Иако веќе бев навлезен во светот на литературата како дете, фестивалот „Ракатки“, благодарение на Славка Арсова, ми отвори нови хоризонти и ја рашири мојата детска поетска реч, која натаму зрееше и зрее сѐ до денес.
Јас растев покрај неа низ сите мои десетина години вклученост во фестивалот „Ракатки“, најпрво како дете учесник, а потоа како водител на фестивалот и најпосле бев и водител и член на фестивалскиот одбор сѐ до моето повлекување.
Поетесата Арсова беше исклучително вредна, посветена, пргава и енергична жена, секогаш дама, со желба за дружба, насмевки и убави зборови.
Во работата Славка Арсова беше суров професионалец, бескомпромисна кога станува збор за прецизноста, за квалитетот, а особено кога стануваше збор за користењето на македонскиот стандарден јазик во творбите. Во долгогодишното пријателствување и соработка имавме и моменти на несогласување и ситни расправии, по кои знаевме меѓусебно да си се извиниме и да продолжиме натаму. Денес сето тоа ми изгледа симпатично.
Незаборавни ми се нашите заеднички дружби во нејзиниот дом, ручеците приготвени од нејзините раце, беспрекорно уредената маса, сликите на ѕидот, витрините преполни со книги… Ех… остануваат во мене долгите разговори за книжевноста, муабетите за семејството, размените на идеи како „Ракатки“ да биде подобар и навистина стануваше подобар и подобар…
Славка Арсова немаше свои деца, но за децата во Македонија направи многу повеќе од некои родители. Израдува безброј детски срца, кои благодарение на Ракатки првпат посетија градови како што Скопје, Радовиш и Прилеп, првпат застанаа пред публика, првпат ја прочитаа својата лична творба, првпат беа наградени, пофалени, првпат спиеја кај непознато другарче, се дружеа со децата од цела Македонија и добиваа вредни подароци.
По заминувањето на мојата „госпоѓа Славка“, како што ја нарекував и како што ѝ се обраќав, оти навистина беше тоа, ми остануваат искрена тага, многу спомени, речиси сите нејзини книги во мојата библиотека и нејзините подароци полни добрина, меѓу кои и една гооолема и за мене многу важна книга со поезијата на Гане Тодоровски.
Славка Арсова на Македонија и на сите македонски деца во трајна своина им го остава своето богато литературно творештво преку голем број дела за деца, но и за возрасни, меѓу кои книгите „Бисерчиња од детски главчиња“ 1 и 2, „Мобилките пред пештерата“, „Солзите на Роска“, „Лажготека“ и многу други. Нејзините песни се дел од многу антологии, а застапена е и во читанките во основното образование. За својата исклучително успешна литературна дејност добитничка е на наградите „13 Ноември“ на Град Скопје, „Празник на липите“ на ДПМ и Награда за животно дело на Здружението на просветни работници-литературни творци.
Останува и грутка во моето грло, некоја тивка солза и некоја недореченост оти си замина без да се поздравиме… Збогум „госпоѓа Славка“.
Филип Димкоски,
твој Филипчо