Избрани се седум најдобри возења од некои од великаните на спортот во гласањето организирано од „Би-би-си“
ФОРМУЛА 1
Макс Ферстапен направи извонредно возење за победа на големата награда (ГН) на Сао Паоло годинава, тргнувајќи од 17-то место. Холанѓанецот ја опиша како „дефинитивно најдобра“ од неговите 62. победи во Формула 1, но каде се рангира таа меѓу одличните возења по влажно време? Избрани се седум најдобри возења од некои од великаните на спортот. Гласањето на кое можеше секој да учествува го организира „Би-би-си“.
ЏИМ КЛАРК, ГП НА БЕЛГИЈА ВО 1963 ГОДИНА
Почнувајќи како осми во ужасно влажни услови на оригиналната патека Спа-Франкоршамп, Кларк брзо се пресели напред со својот Лотус. До крајот на трката само Џек Брабам успеа да остане во истиот круг и беше речиси пет минути зад Шкотланѓанецот. Кларк, кого многумина го сметаат за најголемиот возач во неговата ера, не ја сакаше Спа, сметајќи ја премногу опасна. Но тој, сепак, победи таму четири пати од 1962 до 1965 година, пишува „Би-би-си“.
ЏЕКИ СТЈУАРТ, ГН НА ГЕРМАНИЈА ВО 1968 ГОДИНА
Уште една убедливо доминантна победа за Шкотланѓанец во тешки услови на можеби врвниот предизвик во Ф1, патеката Нирбургринг. Маглата беше толку густа што возачите можеа да видат само 100 метри пред себе, а дождот стана толку лош што патеката имаше канали со вода што течеа низ неа на неколку места. Стјуарт победи со нешто повеќе од четири минути предност и кога се врати во боксот, првото прашање што му го постави на тимскиот шеф Кен Тајрел беше: „Кој умре?“ За среќа, одговорот тој ден беше – никој.
АИРТОН СЕНА, ЕВРОПСКО ГП ВО 1993 ГОДИНА
Аиртон Сена одржа многу мастеркласови за влажно време во својата кариера, вклучувајќи ја и неговата прва победа во Ф1 во Португалија во 1985 година, но можеби сите беа надминати во студениот и многу влажен априлски ден во Донингтон. Од четвртото место, Сена беше петти во првиот свиок. Тој го помина Михаел Шумахер излегувајќи од првиот свиок, низ свиоците ги обиколи Карл Вендлингер и Дејмон Хил. Сега го имаше пред себе само големиот ривал Ален Прост, а Сена го помина Французинот на крајот на првиот круг. Тој остана недопирлив во текот на целата трка до крајот, а само Хил беше во истиот круг. Бразилецот победи со 83 секунди предност.
МИХАЕЛ ШУМАХЕР, ШПАНСКО ГП 1996 ГОДИНА
Следуваа години на огромна доминација на Германецот Михаел Шумахер. Големината на Шумахер во влажни услови ја направи разликата во Барселона. Од третото место во почетокот, тој направи лош старт и се врати назад, но во 13-от круг го помина Жак Вилнев и дојде во водство. Редовно возејќи пет секунди побрзо по круг од кој било друг, Шумахер беше еден од само шесте возачи што ја завршија трката.
ЛУИС ХАМИЛТОН, ГН НА БРИТАНИЈА ВО 2008 ГОДИНА
Во Силверстоун имаше многу поројни дождови и многу возачи беа зафатени од нив, вклучувајќи ги Џенсон Батон и Фелипе Маса, кој излета пет пати завршувајќи последен. Напред, од четвртото место, Луис Хамилтон немаше такви проблеми, совладувајќи ги условите за една од своите најголеми победи. Ендрју Бенсон тогаш напиша за настапот на Англичанецот: „Ова беше ден кога еден возач ги направи другите да изгледаат како аматери, кога неговите перформанси достигнаа такви височини што едвај се чини возможно. Понекогаш, Хамилтон беше четири или пет секунди побрз од неговите следбеници, дури и од тимскиот колега Хеики Ковалаинен во сличен болид. Ваквите маргини не се непознати во Ф1, но тие имаат тенденција да се случуваат само кога најголемите возачи се во своите најдобри услови, кои, пак, го тестираат теренот до апсолутна граница“.
ЏЕНСОН БАТОН, ГП НА КАНАДА ВО 2011 ГОДИНА
Џенсон Батон често се истакнуваше во променливи влажно-суви услови на патеките, а во Канада во 2011 година ја обезбеди својата сигурно највпечатлива победа во Ф1. Имаше сличности со Сао Паоло годинава. Монтреал беше четиричасовна трка, со два часа доцнење со црвено знаме и пет безбедносни автомобили. Батон беше 21. и последен на 30 круга до крајот, по двата судира и казна при возење, но тој се бореше благодарение на изборот за вистинско време за менување на пневматиците. Во 65-от круг тој ги помина Марк Вебер и Михаел Шумахер за да дојде од четвртото на второто место зад лидерот Себастијан Фетел. Влегувајќи во последниот круг, Фетел се чинеше дека е недостапен, но притисокот што го примени Батон доведе до тоа Германецот да се лизне на патеката и Батон ја завери неверојатната победа.
МАКС ФЕРСТАПЕН, ГН НА САО ПАОЛО ВО 2024 ГОДИНА
Трката ја почна од 17-то место, но Ферстапен освои шест места во првиот круг, до 12-от беше на шестото место во групата со четири болиди што се тркаа за третото место, а првите двајца Џорџ Расел и Ландо Норис беа само осум секунди пред него. Како што дождот стануваше посилен, Расел и Норис бараа нови гуми. Црвеното знаменце ја прекина трката со второ место на Холанѓанецот и му овозможи „бесплатна“ промена на гумите. По продолжувањето на трката, инцидентот на Франко Колапинто доведе до влегување на безбедносното возило, а по рестартот Ферстапен во првиот свиок го помина Окон и исчезна во далечината пред него. Неговиот најбрз круг беше повеќе од една секунда побрз од кој било друг возач, пишува „Би-би-си“. Г.И.