Алегоријата за пештерата: од Платон преку Хајдегер до Сарамаго

Романот „Пештера“ на Жозе Сарамаго – темата на денешниов есеј, е типичен за неговото творештво: користејќи ја Платоновата алегорија за пештерата, нестандардни интерпункциски знаци, проникливи размисли и длабоки параболи, авторот создава експресивна дистопија којашто поттикнува размисли за иднината на човештвото. Параболите, поуките и пораките што произлегуваат од романот „Пештера“ за денешниов свет, меѓутоа и тие што се однесуваат на Македонија, се многубројни и длабоки. Ги повикувам читателите на „Нова Македонија“ да се обидат да изнајдат, искажат, проникнат неколку параболи за сегашната македонска состојба, не обидувајќи се, притоа, предвремено да прогласуваат херои и/или месии

Платоновата пештера го „отсликува контрастот меѓу сетилниот и умствениот свет“, нагласувајќи ја „можноста Филозофот да излезе од пештерата… и да ја види вистинската светлина, Сонцето, всушност, Доброто“ за потоа, тоа „знаење да го пренесе на луѓето, затвореници во сопствениот сетилен свет, спречени да го согледаат вистинското добро, гледајќи само привид, сенки и отсјај“ (Ратко Дуев). Од многуте толкувања и анализи на Платоновата алегорија за пештерата, ќе се потсетиме на забелешката на Хајдегер на крајот од „Суштината на вистината“ (анг. „The Essence of Truth: On Plato’s Cave Allegory and Theaetetus“): „Невистината припаѓа на исконската суштина на вистината… прашањето за битието е целосно двосмислено – тоа е прашање за најдлабоката вистина и во исто време е на работ и во зоната на најдлабоката невистина“. Романот „Пештера“ на Жозе Сарамаго – темата на денешниов есеј, е типичен за неговото творештво: користејќи ја Платоновата алегорија за пештерата, нестандардни интерпункциски знаци, проникливи размисли и длабоки параболи, авторот создава експресивна дистопија којашто поттикнува размисли за иднината на човештвото.
Во романот „Пештера“ симбол на светот на сенките е Центарот – монструозен и постојано растечки трговски центар: град во град, којшто обезбедува сè за неговите жители: од вработување и живеалиште до забава и рекреација, па така, неговите жители немаат потреба да го напушат Центарот. Центарот е огромна зграда – гигантско четириаголно здание, а неговата мазна, без карактеристики, фасада, нема прозорци, физички потсетувајќи на Орвеловото Министерство за вистината. Деструктивното проширување на Центарот и менување на урбаната средина во безлично опкружување, без да се зачува архитектонската разноликост, Сарамаго го коментира користејќи ги зборовите на грнчарот – еден од главните ликови на романот: „За десет дена нема да остане ни трага од овие згради… и, по неколку дена, ниту највнимателниот набљудувач, гледајќи го однадвор, уште помалку одвнатре, нема да може да направи разлика помеѓу новото и старото“.

Тројцата главни ликови на романот се: старецот – традиционален грнчар, неговата ќерка и нејзиниот сопруг, којшто е вработен во обезбедувањето на Центарот. Во едно неименувано село, грнчарот и неговата ќерка прават керамика во стара примитивна печка. Грнчарот е релативно задоволен од својот живот и од трговијата со керамика, меѓутоа, по одбивањето на Центарот да ги пласира неговите производи, грнчарот и неговата ќерка започнуваат со изработка на мали глинени фигури на луѓе, за кои, сепак, Центарот не пројавува интерес, а старецот, пред да ги уништи нив, крие шест прототипи во пештерата под Центарот. Работата на зетот е несигурна и тој се стреми таа да биде трајна за да може да му понудат стан во Центар, конечно во тоа успева и тројцата членови на семејството се преселуваат во Центарот, но набргу потоа се шири веста за злобна појава што се чува во тајност. На дното од пештерата, старецот наоѓа шест човечки трупа, врзани за нивните нозе и вратови за камена клупа така што тие се свртени кон ѕид. Телата сѐ уште се разликуваат како тројца мажи и три жени, но нивните очи се целосно распаднати. По враќањето од пештерата, старецот ѝ ја објаснува целата ситуација на својата ќерка и соопштува дека е решен веднаш да го напушти Центарот, колку и да е неизвесен животот надвор. По напуштањето на Центарот, во моментот кога се наоѓаат на определено растојание од Центарот, таткото и ќерката, инаку двајцата неписмени, сеќавајќи се на паното на предната фасада на Центарот, го прашуваат зетот што пишува, на што добиваат одговор – тоа е последната реченица на романот: „Наскоро: отворање за јавноста на Платоновата пештера, ексклузивна атракција, единствена во светот, купете си влезен билет веднаш“.
Животот во Центарот се сведува на веќе однапред напишани сценарија, што доведува до губење на „реалноста“, оттука животот се восприма преку „споделени“ искуства, меѓутоа, тие искуства не се разновидни, туку се повторуваат, што создава единствена перспектива, а не заеднички свет на разнородни видувања: животот во Центарот, и покрај неговиот сензационалистички и авантуристички карактер, на крајот, всушност, е затвор. Последната реченица од романот само потврдува дека и Платоновата пештера станува дел од светогледот на Центарот, преку кој е неможно да се „види вистинската светлина, Сонцето, Доброто“.
Политичката алегорија во романот „Пештера“ е повеќеслојна: Центарот го симболизира капитализмот – измамничката илузија на гигантското комерцијално здание – еден од двата света претставени во книгата; другиот свет, отелотворен во грнчарството, се наоѓа во состојба на распаѓање. Работилницата на грнчарот и неговата ќерка претставува начин на живот којшто е надвор од нашата контрола и којшто пред нас исчезнува: растителните и животинските видови исчезнуваат, „’времето’ застана“, „‘просторот’ исчезна“, архитектурата се обезличи, јазиците ги губат своите говорници, традициите го губат своето значење, професиите станаа непотребни. Кои се виновниците за ваквата состојба? Во однос на катастрофалните одлуки во историјата на човештвото, треба внимателно да се идентификуваат хероите: неутралните набљудувачи, сведоците, дури и онеправданите – заробениците во пештерата, имаат тенденција да се договараат со „ѓаволот“ – со поробувачите.

Не случајно грнчарот прави шест фигури и ги сместува во пештерата во која подоцна ги наоѓа, во кулминацијата на приказната, шесте трупа, оттука, според Сарамаго, зетот не е единствениот „виновник“: грнчарот и неговата ќерка, подлегнувајќи на вознемирувачката привлечност на Центарот, се, барем делумно, виновни. За грнчарот, луѓето што ги наоѓа во пештерата се нереални, такви се – нереални – и за читателите на романот, меѓутоа, освен што се нереални – што тоа и да значи, станарите на пештерата во романот на Сарамаго се мртви, спротивно на жителите на Платоновата пештера коишто можат да размислуваат и да разговараат едни со други. Оттука, одлуката на грнчарот и неговото семејство да го напушат Центарот ги трансформира нив од виновници во херои – животот во Центарот е повеќе од затвор – таму живеат луѓе што се духовно мртви, па затоа, само тие што живеат надвор од Центарот можат да ги видат „вистинската светлина, Сонцето, Доброто“.

Параболите, поуките и пораките што произлегуваат од романот „Пештера“ за денешниов свет, меѓутоа и тие што се однесуваат на Македонија, се многубројни и длабоки. Ги повикувам читателите на „Нова Македонија“ да се обидат да изнајдат, искажат, проникнат неколку параболи за сегашната македонска состојба, не обидувајќи се, притоа, предвремено да прогласуваат херои и/или месии. Хајдегер во анализата на Платоновата пештера во „Суштината на вистината“ прави разлика помеѓу вистината како „нескриеност на битието“ (анг. unhiddenness of being) и вистината како „исправност на предлозите“. Според неговото мислење, вистината (aletheia) што се восприма како „нескриеност“ е предуслов за разбирање на вистината како исправност на исказите. Оттука доаѓа нескриеноста или видливоста на македонското битие, срочена во „името е идентитет“ (Клетников), срочена и во синтагмата „Македонија е сѐ што имаме“ – тука Македонија се однесува и на името Македонија: името е сѐ што имаме, името е предуслов за македонството, името Македонија подразбира, прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ и, второ, македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет.