Не е само прашањето дали администрацијата на Трамп ќе ги спроведе своите закани за укинување лиценци за некои медиуми. Се чини посериозно е прашањето каде потфрлија медиумите што водеа кампања против републиканскиот кандидат за претседател – дали тоа е доказ дека мејнстрим-медиумите не се следат, не се читаат и не се релевантни?

СЕДМАТА СИЛА СЕ МОБИЛИЗИРА

Враќањето на Доналд Трамп на власт е клучна точка за американските медиуми – на големи, мали и начини што допрва треба да се одредат. Неговата победа над Камала Харис отвора прашања за кредибилитетот, влијанието и за публиката на медиумите. Некои од прашањата можеби нема да бидат одговорени со години.
Но новинарите меѓусебно се прашуваат: што велат овие избори на „црвениот бран“ (се мисли на победата на републиканците – н.з.) за информациската средина во САД?
Неколку часа откако Трамп победи на изборите во вторникот, некои од неговите лојалисти тврдеа дека неговата победа е целосно отфрлање на информативните медиуми. Извесно време во средата наутро, главниот наслов на „Федералист“ не беше за Трамп, туку за „индустрискиот комплекс на корпоративните медиуми“, кој е „најголемиот губитник во 2024 година“.
Традиционалните медиуми „официјално се мртви“ прекуноќ, напиша поткастерот на „Дејли вајр“, Мет Волш, на Икс.
– Нивната способност да го поставуваат наративот е уништена. Трамп им објави војна на медиумите во 2016 година. Вечерва целосно ги победи. Тие никогаш повеќе нема да бидат релевантни – наведе Волш.
Таквото размислување е само надеж на Волш – маратонското покривање на изборите во вторникот беше доказ за релевантноста на медиумите, но поентата е дека многу гласачи на Трамп ја споделуваат неговата желба. Тие веруваат дека националните информативни медиуми имаат голем удел во она што ја мачи Америка. Не само што немаат доверба во она што го читаат тие честопати воопшто не читаат. Може ли да се направи нешто за да се промени тоа?
Цитат во неодамнешна колумна на магазинот „Њујорк“ го актуализира тоа прашање. Цитатот, од анонимен директор на телевизиска станица, циркулираше на социјалните мрежи во средата наутро.

– Ако половина од земјата одлучи дека Трамп е квалификуван да биде претседател, тоа значи дека не се чита ниту еден од овие медиуми и ние целосно ја изгубивме оваа публика. Победата на Трамп значи дека мејнстрим-медиумите се мртви во сегашната форма. И прашањето е како изгледа ситуацијата потоа – рече извршниот директор.
„Смртта“, се разбира, е груба хипербола, но коментарот ја одразува вистинската загриженост што ја имаат многу членови на медиумите. Постои сериозен дефицит на доверба помеѓу гласачите на Трамп и големите институционални медиуми. Во текстуална порака, помошник во кампањата на Трамп сугерираше дека печатот треба да покаже повеќе понизност.
Тоа отвора друго прашање: Дали големите мрежи и публикации имаат доволно колумнисти и коментатори што ги одразуваат ставовите на мнозинството на Трамп?
– Можеби имаме поента. Можеби дезинформација е мрзлив збор што никогаш не бил применет за известувањето во медиумите за здравјето на Бајден или за границата. Можеби навредливите работи не се навредливи за повеќето – забележа помошникот.
Мејнстрим-медиумите „имаат помало влијание на секои четири години“, напиша Дејв Вајгел од „Семафор“ во средата наутро.
– На кабловските вести пријателски настроени кон Харис, поранешните републиканци, го емитуваа својот ужас од тоа кој е Трамп и што направил; во новите социјални медиуми и поткасти фаворизирани од републиканците, пак, сето тоа е кукање неповрзано со она за што навистина се грижеа гласачите“.
Политичкиот коментатор на „Си-ен-ен“, Скот Џенингс, прецизно ја опиша ситуацијата во 3 часот по полноќ, за време на известувањето за изборите на „Си-ен-ен“. Тој рече дека победата на Трамп е „нешто како обвинение против комплексот на политички информации“.

– Седевме наоколу последните неколку недели и приказната што беше прикажана не беше вистинита. Ни беше кажано дека Порторико ќе ги промени изборите. Гласачите Лиз Чејни, Ники Хејли, односно жените што ги лажат своите сопрузи. Пред тоа беше Тим Волц. Ден по ден ни кажуваа дека сите овие работи и трикови некако ќе ја истуркаат Харис преку целната линија. А ние само ги игнориравме основите. Инфлација; луѓето во најдобар случај се чувствуваат како едвај да опстојуваат; тоа беа основи на изборите – рече Џенингс.
Тој додаде: „Мислам дека за сите нас што покриваме избори и зборуваме за избори и го правиме тоа секојдневно, мораме да сфатиме како да го разбереме разговорот и да ја слушаме половината од земјата што стана вечерва и рече ’доста ни е‘“.
Либералната коментаторка Ешли Алисон одговори: „Мислам дека всушност треба да ги слушаме сите“. Таа рече: „Луѓето што гласаа за Камала Харис исто така се мачат. И тие се чувствуваат игнорирани. Болката на републиканецот не е ниту поголема ниту помала од болката на демократот“.

Што му претстои на печатот?

Ако историјата е каков било водич, Трамп никогаш не е задоволен со покривањето на вестите. Тој секогаш сака попопустливи, пропагандистички медиуми. Тој дури се жали и за „Фокс њуз“ на редовна основа, и покрај огромната поддршка на мрежата за него. Минатиот месец тој му се пожали на Руперт Мардок бидејќи „Фокс њуз“ емитува реклами на демократите.
Така, реизборот на Трамп навестува нов период на непријателство со главните медиуми, кои се стремат кон непристрасност, како и со партиските медиуми, кои му се спротивставуваат. Ова отвора уште една низа прашања.
Дали администрацијата на Трамп ќе ги претвори во дела неговите зборови против печатот? Дали ќе се движи кон одземање лиценци за ТВ-станици, како што предложи повеќе од десетина пати годинава? Дали ќе го ограничи пристапот на медиумите до Белата куќа, забранувајќи ги новинарите што не ги сака?
Понатаму, дали медиумите ќе се вклучат во самоцензурирање за да го смират Трамп и, ако е така, како ќе реагираат читателите и гледачите што му се спротивставуваат на Трамп?
Во средата наутро, водечките луѓе и сопствениците на редакциите ги уверуваат вработените дека ќе им го чуваат грбот во неизвесните месеци што доаѓаат.
– Сега, повеќе од кога било, ние сме цврсти во нашата мисија да ги поддржуваме принципите на независното новинарство. Просперитет, независен печат, заштитен со првиот амандман, се од витално значење за демократијата и иднината што сите ја споделуваме – напиша шефот на „Конде Наст“, Роџер Линч, во меморандумот до вработените.