Ова двотомно дело е пишувано во изминатите три години и е продолжение на црногорските теми на проф. д-р Илија Велев, по неговата прва книга „Македонија и Црна Гора – културно-историски и литературен контекст“ од 2021 година, во издание на „Матица црногорска“ и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)
Монографската студија „Христијанството во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет“ во два тома на македонскиот автор Илија Велев е ново издание на „Матица црногорска“. Овој обемен проект претставува интердисциплинарно истражување за автохтоната генеза и етнографската еманципација на црногорскиот духовен и културно-историски идентитет. Книгата на црногорски јазик ја преведе Иван Ивановиќ, генерален секретар на „Матица црногорска“, кој е и уредник на изданието, додека студијата ја потпишува Иван Јововиќ во име на издавачот.
– Истражувањето на историскиот континуитет го следи развојот на христијанството низ сите цивилизациски надградби и глобални процеси во епохите, почнувајќи од античкиот илиродуклијански субјективитет и завршувајќи со црногорскиот национален колективитет на почетокот на 20 век. Изданието расветлува малку познати и непознати процеси и периоди, а истакнува неколку истражувачки одговори на досега нерешени прашања во црногористиката – објави „Матица црногорска“.
Првиот том има поднаслов „Од појавата на христијанската религија, цивилизација и култура до падот на династијата Воислављевиќ во 1189 година“ и содржи шест поглавја на 368 страници. Вториот том, со поднаслов „На раскрсницата на христијанскиот запад и исток од почетокот на 13 век до самракот на државата Црна Гора во 1920 година“, опфаќа 468 страници, заедно со пет поглавја, список на литература. а дадена е биобиблиографија на авторот.
Ова двотомно дело е пишувано во изминатите три години и е продолжение на црногорските теми на проф. д-р Илија Велев, по неговата прва книга „Македонија и Црна Гора – културно-историски и литературен контекст“ од 2021 година, во издание на „Матица црногорска“ и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
– Во првото поглавје од оваа двотомна монографија, авторот дава преглед на воспоставувањето на христијанството и неговата еволуција од религија во цивилизација и култура. Во остатокот од книгата се зборува за претхристијанскиот цивилизациски соживот во илирската духовна и културно-историска традиција во етногеографската област на Црна Гора. Третото поглавје е насловено „Појавување и воспоставување на ранохристијанската традиција во илирската Превалитана и Дукљан“. Следното поглавје е посветено на христијанската и словенската цивилизациска симбиоза помеѓу 7 и 9 век во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет, додека петтото поглавје се занимава со значењето и влијанието на словенското просветлување на Кирил и Методиј врз црногорскиот духовен и културен континуитет. Шестото, последно поглавје од првиот том е посветено на христијанската, а наедно и словенска етнографска еманципација во Дукљан – велат од „Матица црногорска“.
Вториот том се отвора со поглавје што се занимава со периодот по историскиот пад на државата Дукљан до појавата на династијата Балшиќ. Овој обемен труд го затвора поглавјето со наслов „Дисконтинуитет на традицијата и модерноста“, кое авторот го завршува со следнава констатација: „Црногорскиот национален колективитет опстојуваше токму преку стекнатата наследена духовна и културна меморија од минатото“.
– Следствено, од апостолскиот период до нашето време во кое живееме: христијанството како религија, цивилизација и култура на живеење остана вградено во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет – како традиција и модерност – наведува Велев.
Проф. д-р Илија Велев (1959) е универзитетски професор, научен работник и литературен творец, редовен професор и научен советник на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на околу 500 научни книги, студии и трудови од областа на средновековните студии, византиологијата, палеославистиката, историографијата, културолошките студии и литературната наука. Во 2006 година ја добива највисоката награда „Гоце Делчев“ за научни достигнувања во Република Македонија за монографскиот научен труд „Византиско-македонска книжевна врска“ (Скопје, 2005). В.Д.