Во рамките на кампањата, Трамп изнесе длабоки критики за надворешната политика на Џо Бајден во однос на активностите на САД кон Западен Балкан и интеграцијата на регионов во ЕУ. Имено, Трамп ја опиша политиката на САД кон Западен Балкан како „пасивна“. Тргнувајќи од тоа, дел од балканските аналитичари имаат мислење дека Западен Балкан во поголема мера ќе се врати во фокусот на администрацијата на Трамп
Големи очекувања во регионот по изборната победа на Доналд Трамп
Балканските лидери имаат големи очекувања по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, судејќи според нивните честитки, во кои повеќето истакнаа дека сметаат на негова поддршка.
Во рамките на кампањата, Трамп изнесе длабоки критики за надворешната политика на Џо Бајден во однос на активностите на САД кон Западен Балкан и интеграцијата на регионов во ЕУ.
Имено, Трамп ја опиша политиката на САД кон Западен Балкан како „пасивна“. Тргнувајќи од тоа, дел од балканските аналитичари имаат мислење дека Западен Балкан во поголема мера ќе се врати во фокусот на администрацијата на Трамп.
Американски импулс за економско закрепнување на Западен Балкан
Помошникот на Трамп, Христос Марафакос, во изјава за „Гласот на Америка“ на македонски јазик, истакна дека во фокусот на новата администрација ќе бидат економското зајакнување, борбата против корупцијата и борбата против странското влијание во земјите од Западен Балкан.
– Недостигот од ангажман на администрацијата на Бајден не само што го попречи економскиот напредок туку остави многу балкански држави да се чувствуваат запоставено и безвредно додека тензиите се зголемуваат без соодветна интервенција. Белата куќа предводена од Трамп нема само да дава општи изјави за демократијата. Таа ќе донесе вистински и одговорни резултати со директно работење со локалните лидери и луѓето во регионот – нагласи Марафакос. Аналитичарите ги толкуваат изјавите на Марафакос како потврда на определбата на САД да се борат против странските влијанија на Балканот.
Ричард Гренел, кој важи за добар познавач на околностите на Балканот, ќе добие важна улога во кабинетот на Трамп
Се смета дека поранешниот директор на националното разузнавање на САД, Ричард Гренел, кој важи за добар познавач на околностите на Балканот, ќе добие важна улога во кабинетот на Трамп – помошник, па дури и државен секретар или можеби советник за национална безбедност, што следствено би значело зголемување на важноста на Западен Балкан во надворешната политика на САД.
Во однос на Македонија, земјава и досега имаше исклучително блиски и пријателски односи со САД, имајќи го предвид стратегиското партнерство, така што сега надежите се полагаат во решеноста на новиот американски претседател да ги придвижи работите напред и во тој контекст се набљудува и евентуален нов американски притисок врз Бугарија да го откочи евроинтегративниот пат на земјава.
Во утрешното издание редакцијата на „Нова Македонија“ пошироко ќе се осврне на ова прашање. Р.С.
Нагласена определбата на балканските лидери за повеќе облици на заедничка соработка со САД
Изразени желби за заедничка соработка и потврдување на меѓусебните врски со САД, заради решавање на предизвиците и понатамошен напредок, провејуваат низ пораките на балканските лидери до Доналд Трамп по повод неговиот избор за претседател.
· Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача „заедно се соочуваме со сериозните предизвици што претстојат. Србија е посветена на соработката со САД за стабилност, просперитет и мир“.
· Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ истакна дека се радува на „нивната соработка и натамошниот напредок во хрватско-американските односи“.
· Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар ја потврди подготвеноста на земјата да соработува со САД за справување со глобалните предизвици.
· Претседателската на Косово, Вјоса Османи, истакна дека „САД остануваат постојан партнер и незаменлив сојузник на Косово“, како и оти очекува „продлабочување на стратегискиот сојуз со САД“.
· Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, наведе дека „Црна Гора и САД се обединети со заеднички цели и вредности, насочени кон подобрување на демократијата, безбедноста, стабилноста и слободата“.
· Лидерот на победничката партија ГЕРБ на последните бугарски избори, Бојко Борисов, изрази подготвеност „повторно заеднички да работат со Трамп“.
· Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порача дека Грција со нетрпение очекува натамошно продлабочување на стратегиското партнерство меѓу двете земји и заедничка работа на важните регионални и глобални прашања.
· Албанскиот премиер Еди Рама покрај честитките до Трамп истакна дека му претставувало чест да соработува и со 46-от претседател на САД, Џо Бајден.
· Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му честиташе на својот пријател Доналд Трамп по, како што рече, „големата битка“ и додаде дека се надева на завршување на тековните регионални конфликти и кризи, особено на конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа и војната меѓу Русија и Украина.
· Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, отворено ја изрази својата поддршка за Доналд Трамп, истакнувајќи го како претпочитан кандидат за американски претседател во очите на босанските Срби. Додик, познат по својата остра реторика, претходно изјави дека жали што не прогласил независност на Република Српска за време на првиот мандат на Трамп, при што навести дека може да го стори тоа со враќање на Трамп во Белата куќа.
Во знак на прослава по резултатите од изборите во САД, во Палатата на Републиката во Бања Лука беше проектирана фотографија на Трамп со порака „Република Српска честитаме“. Додик изрази надеж дека идната администрација на САД под водство на Трамп ќе ја разгледа можноста за укинување на санкциите воведени против него и неговите соработници и блиски лица. Р.С.