И сега она што се констатира во Извештајот на ЕК се недоволниот капацитет за управување со јавните служби и човечките ресурси, нискиот степен на одговорност на администрацијата и лошото менаџирање со јавните финансии и услуги како за граѓаните така и за бизнисот. Ако на тоа се додадат и партизацијата и политизацијата на јавниот сектор, тогаш негативната слика станува комплетна
Анализа на Извештајот на ЕК – слабости и можности за напредок
Деновиве објавивме серијал текстови поврзани со заклучоците наведени во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија. Во серијалот, редакцијата се обиде да направи пресек, анализа и синтеза на она што е наведено во извештајот, како и на актуелната состојба за она што државата реално може да го направи за да го забрза процесот на евроинтеграции. Денес, во уште еден, дополнителен текст, ќе се осврнеме на феноменот на јавната администрација, но и на мислењето на ЕК за нашата државна администрација, капацитетот за управување со јавните служби и човечките ресурси, степенот на ефикасност и одговорност на нашата администрација, менаџирањето со јавните финансии и услуги за граѓаните и за бизнисите во државава, како и за долготрајните деградирачки процеси на партизација на администрацијата…
Една од круцијалните области според кои ќе се цени подготвеноста на Македонија за пристапување во Европската Унија е реформата на администрацијата, како клучна во воспоставувањето департизирана, редуцирана и ефикасна јавна администрација што ќе биде во функција на граѓаните.
Она што Европската комисија го констатира во својот најнов извештај за напредокот на Македонија воопшто не кореспондира со барањата во делот на администрацијата што ЕУ ги има кон земјава во континуитет, можеби 15 години.
Дадените насоки и препораки од ЕК не се имплементирани
И сега она што се констатира во Извештајот се недоволниот капацитет за управување со јавните служби и човечките ресурси, нискиот степен на одговорност на администрацијата и лошото менаџирање со јавните финансии и услуги како за граѓаните така и за бизнисот. Ако на тоа се додадат и партизацијата и политизацијата на јавниот сектор, тогаш негативната слика станува комплетна.
– Политизацијата во јавниот сектор континуирано ја поткопува доследната примена на одредбите за заслуги и транспарентни процеси и дополнително ја намалува довербата во администрацијата и нејзината работа. Промената на владејачките структури по парламентарните избори во мај 2024 година не донесе никакви подобрувања во тој поглед бидејќи беа сменети голем број средни раководни кадри, а многумина беа деградирани – се наведува во Извештајот.
Се забележува и дека сѐ уште не се усвоени долгоочекуваните ревидирани закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор со кои треба да има ангажман и унапредување на кадрите според заслуги.
Комисијата забележува дека не се применуваат соодветно многубројните измени на законите за јавниот сектор што беа донесени во 2014 година и оти и покрај постоењето на правила за спроведување на оценувањето на успешноста, тоа не се врши систематски или соодветно за целта.
– Транспарентноста по основите за отпуштање на државните службеници е недоволна, а не се даваат податоци за отпуштања и раководни и нераководни кадри. Сè уште не е обезбедено соодветно следење на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за подобрување на процедурите за вработување. Администрацијата се соочува со сериозни предизвици за привлекување и задржување квалификуван обучен кадар. Повремените иницијативи за зголемување на платите во некои министерства или тела ја зголемија фрагментацијата на системот на наградување, а во некои случаи беа оспорени од Уставниот суд – наведува ЕК во Извештајот.
Понатаму ЕК нотира дека постојаните промени на персоналот што работи на управувањето и спроведувањето на фондовите на ЕУ ја поткопува ефективноста на овие мерки. Исто така се забележува и дека многу високи позиции продолжуваат да се пополнуваат со вршители на должност.
– Голем број носители на раководни места беа сменети пред истекот на нивниот мандат и заменети со вршители на должност по парламентарните избори во мај 2024 година. Бројот на привремени вработувања и вработувања со договор за услуги и понатаму е висок, без воспоставен систем за следење на нивниот ефективен број и времетраење на ниво на сите институции. Повеќето институции сега користат информациски системи за управување со човечки ресурси. Според извештаите на државниот ревизор, одреден број вработени во јавните служби добиваат плата и покрај тоа што немаат формална задача и не мораат да се појават на работа. Министерството за политички систем и односи продолжува да регрутира персонал и планира да ги распореди новите регрути во различни институции – се наведува во Извештајот на ЕК.
Како што се истакнува во Извештајот, стратегиската рамка за јавната администрација е поставена, квалитетот на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА) е генерално задоволителен, додека нејзината ефикасност е многу ограничена поради многу бавната имплементација.
Сепак, според укажувањата на ЕК, политичката поддршка, менаџирањето, надзорот и управувањето со реформите на јавната администрација од страна на Владата беа недоволни, што дополнително беше поткопано од слабата координација меѓу Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за финансии, како и честите промени на раководството на МИОА.
Во Извештајот се укажува дека се потребни дополнителни напори за разјаснување на одговорностите на институциите за креирање политики, за да се обезбеди нивно правилно функционирање, вклучувајќи и зајакнување на улогата на Генералниот секретаријат.
Ниту Собранието ниту Владата немаат воспоставено процедури за систематска евалуација на законите и политиките, оценува ЕК. Според Комисијата, одговорноста на администрацијата сè уште треба да се подобрува, но треба да се подобрува и давањето услуги за граѓаните и за бизнисот.
Експертите децидни, реформите на јавната администрација зависат исклучиво од оние што ја раководат
Сите овие констатации говорат всушност дека Македонија како држава со години нема направено ништо за да ги подобри состојбите во оваа сфера и тоа се заканува да биде сериозен камен на сопнување на патот на нејзиното пристапување кон ЕУ.
– Со партизирана, пренатрупана и неефикасна јавна администрација реформите и системските решенија се неопходни за излез од лошата состојба – оценува вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Според него, реформите ќе значат и зајакнување на борбата против корупцијата на пониско ниво, а ќе се зајакнат и услугите што им се нудат на граѓаните.
Бркање од работа нема да има, таму каде што ќе има превработеност административците ќе се распределат по сите министерства.
Експертот за јавна администрација Јан Хинрик Мејер Залинг, професор на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија, вели дека Македонија со ваква администрација уште долго не може да се надева на влез во Европската Унија.
– Кога станува збор за јавната администрација, С. Македонија веројатно не е подготвена. Сепак, С. Македонија знае што треба да направи. Владата на РСМ и Министерството за јавна администрација всушност знаат што треба да прават за да се подобрат практиките за исполнување на стандардите што се потребни за да испорачате и за да бидете полноправна членка – вели Залинг во изјава за ТВ 24.
Тој смета дека надлежните конечно треба да се зафатат со работа и да ги отстранат сите забелешки што ЕК ги навела во Извештајот.
– Мојата порака до нив е да излезат, да ги засукаат ракавите и да работат. ЕК, Сигма, ОЕЦД, РАСПА и Вебер доаѓаат со многу совети. Тие доаѓаат со резултати од мониторингот и тоа имплицира активности што можат да се преземат. Минатата година спроведов проект заедно со РАСПА. Спроведовме голема анкета за вработените во јавната администрација, повеќе од сто институции, целата централна власт. Доставивме извештај до претходната влада, но секако и до сегашната влада, тоа е почетна точка. Има долга листа на потенцијални дејства на кои не им е потребна законска измена. Не им треба промена на геополитичката ситуација. Сѐ што е потребно, тоа е менаџерите во министерствата да ги видат извештаите и да кажат треба да ја подобрам мојата комуникација или треба да го подобрам моето поставување на целите или, пак, треба да дадам подобар фидбек. И ако го правам ова како прашање на работна практика, тогаш мојата администрација, мојата организација, ќе работи подобро – посочува Залинг.
Некои домашни експерти во делот на реформите на јавната администрација сметаат дека ако Македонија сака да покаже вистински резултати во оваа област, тогаш тоа подразбира сериозен пристап на сите општествени чинители.
– Ако сакаме вистинска реформа на администрацијата, тоа подразбира изработка на сериозен проект, со една вистинска стратегија, акциски план како да се спроведе таа реформа, каде што и опозицијата и позицијата треба да имаат согласност да се сменат законите и да се започне со реформата – појаснуваат експертите.
Според нив, реформата мора да вклучува и намалување на бројот на вработени во администрацијата, а не нивно префрлање од едно на друго место.
– Сè што е превработено, особено оние што се за во пензија, треба да си заминат. Македонија треба да го следи словенечкиот пример за тоа како да се реформира јавната администрација. Словенците, вклучувајќи ги и позицијата и опозицијата, преговараа и се договорија со синдикатот, направија конкретни планови и рекоа сè што е природен одлив да замине во пензија, а тие места да не се пополнуваат и на тој начин Словенија успеа за 30 години воопшто да не го зголеми бројот на административци. Кај нас секоја власт што доаѓа ја зголемува бројката на административци за 30 илјади, што официјално, што со договор на дело итн. Администрацијата стана толку партизирана, што тоа нема да нè одведе никаде. Единствен спас е да почнат преговорите со ЕУ, па евентуално тие да почнат да ни ја кратат администрацијата. Тогаш ќе видиме како политичките партии на своите лепачи на плакати ќе им кажат дека треба да си одат – констатираат експертите.