Проект за средношколците од Скопје
Деновиве се одржа завршниот настан по работилниците одржани во периодот април-октомври годинава, во библиотеката на СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, со учество на 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта: „Јосип Броз-Тито“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“,„Георги Димитров“ и,,Димитар Влахов“.
– Наша должност е да зборуваме, размислуваме и пишуваме македонски, да ги сакаме својот јазик, својот народ и својата култура. Ние има со што да се гордееме оти земјата македонска создала многу великани. Тие се нашето културно богатство и инспирација. Тие се нашите учители и нашиот национален белег. Тоа е нашиот голем поет Анте Поповски. Неговиот збор ги отвори душите на младите талентирани творци средношколци и успеа да создаде низа од зборови што го испишаа денешниот ден и останаа како документ на проектот „Поезија во фармерки“, остварен преку четири креативни работилници за убаво пишување поезија, но и на други литературни творби, на што сме неизмерно горди – велат организаторите на работилниците.
Целта на проектот „Поезија во фармерки“ беше да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.
– Беше вистинско задоволство да се работи со овие исклучителни млади луѓе, кои денеска нѐ направија особено среќни што сме нивни професори и што сме успеале во нашата мисија. Уживавме во убавото емотивно дружење со младина што љуби поезија и ветува иднина за македонскиот јазик. Учениците учесници во работилницата „Поезија во фармерки“ ни ги разиграа срцата читајќи ги своите творби, инспирирани од ликот и делото на Анте Поповски – рече професорката Татјана Алексиќ и упати благодарност и до своите колешки од споменатите гимназии, кои за време на проектот ги мотивирале учениците да пишуваат и размислуваат на македонски.
Професорката и модераторка Митра Мими Спасова своето обраќање го заокружи со зборовите: „Наша должност е да зборуваме и да размислуваме на својот јазик“.
– Кога ќе зачекориш низ македонскиот јазик, стануваш поблизок до својата родина, а потоа и до самиот себе. Допираш до дамарите на својата душа. Ги палиш кандилцата повторно и повторно, не дозволувајќи им никогаш да угаснат, оти тие ја крепат креативната мисла. Должноста на Жорж и Александар Поповски кон нивниот татко е и наша должност затоа што Анте е национално богатство за кое треба сите заедно да се грижиме. Се поклонуваме пред неговиот збор со креативна мисла и новосоздаден збор од овие млади луѓе, кои мотивирани од широката поетска реч на Анте создадоа свои прекрасни поетски текстови – рече таа.
До присутните се обрати и Жорж Поповски, кој информирајќи ги учениците за целиот проект и за манифестацијата „Антево перо“, истовремено ги охрабри да пишуваат и да ги следат конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик во конкуренција за наградите „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“.
Во продолжение се читаа остварувањата на присутните ученици што беа инспирирани од поезијата на Анте Поповски. Учениците имаа свои поетски творби, есеи и кратки осврти и поздравни обраќања што посочија на можноста за публикување во перспектива на креативен колаж, кој го провоцира зборот на Анте Поповски. Во текот на читањето се слушнаа голем број воодушевувачки коментари, а Александар Поповски, мотивиран од текстовите на учениците, наведе конкретни примери поврзани со животот на неговиот татко, а тоа уште повеќе ги усреќуваше овие млади луѓе. Тричасовното другарување беше заокружено и со доделување благодарници од страна на здружението „Антево перо“ на учениците и нивните ментори и заедничко фотографирање на сите учесници. В.Д.