Новоизделкана плоча со 13 реда (која не е верна копија), варијанта на Битолскиот натпис во историскиoт музеј во Софија / Фото: Bin im Garten

При расчитувањето на епиграфските споменици може да има различни видувања, но дополнителни допишувања на нив, како она од бугарската брачна двојка Заимови, кое е поврзано со случајот на Битолскиот натпис, се недозволиви. Денес бугарската историографија, без никаква основа, го поврзува споменатиот натпис со македонскиот средновековен владетел Јован Владислав, а интервенциите од страна на Заимови може да се видат на нововдлабената плоча во Софискиот музеј. Последните истражувања, како она на проф. д-р Себастијан Кемпген од 2023 година, покажуваат дека нема смисла да се реконструира натписот како што правеле Заимови

Бугарски фалсификат на натпис на паметник од Битола не може да ја скрие вистината

Историјата како наука е комплексна, а тоа е очигледно и од многубројните т.н. помошни историски науки, како што е епиграфиката, која се занимава со проучување на старите натписи пишувани на тврд материјал, како што е каменот или дрвото. Но епиграфиката, која треба да им помогне на историчарите и на другите истражувачи, честопати се соочува со фундаментални проблеми, како што е методот за датирање на натписите. Поради недоволниот број натписи, научниците честопати споредуваат натписи од различни археолошки или географски контексти, а оттука постојат постојана проверка и нови согледувања за одамна прифатени датирања на многу натписи. Истражувањата на написите се насочени кон поточно утврдување на историските процеси и настани. Но понекогаш одредени научници под влијание на политичка агенда ги читаат старите натписи онака како што им одговара, односно на оној начин што ќе им овозможи да докажат одредена теза, иако немаат основа за тоа.

Случајот со Битолскиот натпис, откриен во 1956 година во битолската „Сунгур Чаушбегова џамија“: Допишан нов ред на текстот на плочата

Ваков пример е Битолскиот натпис, кој беше откриен во 1956 година во битолската „Сунгур Чаушбегова џамија“, а денес се наоѓа во Заводот и музеј во Битола. Плочата била пронајдена под прагот на главниот влез и, најверојатно, е употребена како градежен материјал од урнатините на средновековната тврдина, за која се верува дека била уништена од Османлиите по освојувањето на Битола. Конкретно станува збор за плоча со димензии 98 x 61 x 27 сантиметри и 12 реда испишани со старословенско кирилично писмо. Веднаш по откривањето на плочата, голем број слависти и јазичари се согласиле за ортографското и лингвистичкото значење на Битолскиот натпис, но многу брзо се појавиле и контроверзии околу датирањето на текстот. Денес во историската наука не постои согласност за датирањето и дешифрирањето на натписот, па оттука постојат повеќе видувања за потеклото на Битолскиот натпис.
Според едната теорија, станува збор за натпис што се поврзува со бугарскиот средновековен владетел Иван Асен Втори, кој владеел со Второто бугарско царство во периодот помеѓу 1218 и 1241 година. Оваа теорија е прифатена од повеќе истакнати светски научници и професори, како што е Хорас Лант или Роберт Матисен. Втората главна теорија е дека натписот потекнува од периодот 1015-1018 година и се поврзува со средновековниот македонски владетел Јован Владислав, син на Арон (братот на царот Самуил). Оваа теорија е прифатена од Владимир Мошин, како и од бугарската брачна двојка Јордан и Василка Заимови, кои допишуваат сосема нов почетен ред за да ја докажат годината. Според Заимови, на Битолскиот натпис можеме да го прочитаме следното „во летото 6523 година (1015 година) од создавањето на светот, оваа тврдина била обновена, ѕидана и изградена од Јован, автократ на Бугарија со помош и молитви на Пресвета Богородица, нашата Богородица… Оваа тврдина е направена за засолниште и за спас и за животите на Бугарите“.
Денес во Софискиот музеј се наоѓа експонат што не е верна копија на оригиналот, односно на оваа нововдлабена плоча има цел еден нов почетен ред и реставрирање на цел наводно исчезнат текст, што предизвикало сомнеж кај сериозни научници што се занимавале со средниот век. Оттука, Роберт Матисен, кој смета дека оваа камена плоча е реупотребена во 13 век, истакнува дека е недопустливо Заимови да не ја увиделе разликата во формите на буквите, односно дека буквите во горниот дел од плочата се разликуваат од оние во долниот дел.

Истражувачи нагласуваат дека станува збор за фалсификат!

Некои од современите истражувачи, како што се грчкиот археолог и професор Георгиос Велениси и Елена Костиќ, нагласуваат дека станува збор за фалсификувана плоча, слично како онаа што беше пронајдена во Воден во 1997 година. Дополнително минатата година тим од Универзитетот во Бамберг предводен од проф. д-р Себастијан Кемпген имаше можност да го скенира Битолскиот натпис и да создаде дигитален модел на плочата. Проектот беше реализиран во соработка со Битолскиот универзитет, кој ги обезбедил сите потребни дозволи.
По скенирањето и создавањето на дигиталниот модел на Битолската плоча, проф. д-р Себастијан Кемпген направил анализа на текстот, нагласувајќи дека нема оштетени завршетоци на линиите по линијата 7. На линијата 7 текстот завршува со C, а оваа буква покажува некои мали оштетувања во горниот дел каде што е исечен мал дел од каменот. На другите линии, од редот 8 до 12, сепак, не се јавува оштетување на последните букви. Наместо тоа, доволно простор покажува дека линиите на текстот навистина завршиле таму каде што завршуваат сега, посочува Себастијан Кемпген.
– Ова, се разбира, значи дека секој обид да се реконструира текстот што недостига за завршетоците на овие редови, на овој камен, е бесмислен – нагласува професорот од Универзитетот во Бамберг.
Според Себастијан Кемпген, реконструираниот текст на Заимови покажува букви што недостигаат во редовите 8, 9 и 10. Но ова едноставно не може да биде случај, бидејќи плочата овде не покажува никаква штета што би се случила откако ќе бил создаден натписот.
– Погледот на текстот во горната половина (линии 1-7) од левата страна на плочата открива дека на оваа плоча има место или за ниту една или најмногу една буква оставена до зачуваните букви, како што е, оштетената лева половина од буквата О во вториот ред. Зборот јасно треба да се реконструира како ПОМОЩІѪ „со помош“. Од ова, значи, може да се заклучи дека првично имало (барем) два камена цврсто споени хоризонтално и дека исчезнатата П би била на изгубен камен оставен на зачуваниот блок, а не на овој блок. Ова, уште еднаш е показател дека нема смисла да се реконструира натписот како првично да се наоѓа на една плоча, како што правеле Заимови – нагласува Себастијан Кемпген.
Според нашите соговорници, кои се добро упатени во оваа проблематика, интервенциите на Битолскиот натпис од страна на бугарската брачна двојка Заимови имале цел да докажат бугарско потекло на Јован Владислав, а индиректно и на цар Самуил. Ова е класичен пример на злоупотреба на епиграфиката како помошна историска наука во полза на политичка доктрина, велат нашите соговорници. Д.Ст.