Мајката симболизира свето место, каде што се собирале племињата, каде што се правеле обредите Фото: Дарко Андоновски

#РаскажиНиЗаМакедонија
Мал Сурун, Прилепско

Скулптура на мајка лежи над селото Дупјачани, Прилепско, симбол за некогашната неолитска цивилизација, чии корени се лоцирани токму овде, на археолошкото наоѓалиште Мал Сурун, Прилепско. Оваа мајка е поголема и 4.000 години постара од скулптурите на Стоунхенџ

Уникатна прастара уметност. Скулптура на мајка. Светилиште. Делкана од човечка рака пред осум илјади години, со јасно исцртани елементи. Со својата големина, колку и столбовите на Стоунхенџ, сведочи за некогашната неолитска цивилизација, чии корени се лоцирани токму овде, на археолошкото наоѓалиште Мал Сурун, Прилепско. Неолитот како сегмент од историјата е игнориран, недоволно истражуван, забаталуван. А според нашиот соговорник и водич на патувањето, архитектот Вангел Божиновски, ова е цивилизација што треба да се акцентира, од која имаме многу да учиме, од која светот би слушнал за нас. Според неговите наоди, неолитот потекнува токму од територијата на Македонија.

ЕДИНСТВЕНА И ПОСЕБНА СКУЛПТУРА

Мал Сурун е закопан под ридот на селото Дупјачани. Насекаде се расфрлани карпи, но само една е мајка. Силуетата на жена ја прави единствена и посебна. Малку ни требаше да ја лоцираме. Вангел Божиновски ни стави лупа врз ова монументално здание. Ни ја отвори нејзината биографија.

Големата мајка е втората по големина неолитска мајка во Европа, првата е на Цоцев Камен

– Се наоѓаме на едно од фантастичните места во Македонија. Локалитетот ни зборува за Македонија и за Македонците пред осум илјади години. Ни открива нешто од нашето минато. Ако го сметаме како епоха во развој на цивилизацијата, се вика неолит или младо камено време. На ова место се наоѓа неолитски град, неолитско светилиште, и втората по големина неолитска мајка во Европа. Оваа мајка е 4,8 метри долга, висока 90 сантиметри, и во најдолниот дел широка 1,4 метар. Таа ги има сите облици на модерна скулптура, на која се претставени главата, торзото и долниот дел.

Ретка и уникатна легната мајка во поза на породување. Лицето е зачувано во извонредна состојба, освен горниот дел од челото. Статуа изделкана во монолитна вулканска карпа. Добива облик на скулптура. Најголемата мајка инаку е на Цоцев Камен, таа е 10 метри. Оваа е пет метри. Чисто за споредба, помалку од пет метри се столбовите на Стоунхенџ. Стоунхенџ во однос на мајката е 4.000 години помлад.

Тамошната цивилизација е фокусирана да исправат камен, а нашата каменот да го обликува во скулптура. Голема разлика во цивилизациски дострел. Важно е да се напомене дека овде неолитот многу рано почнува со оглед на тоа што климатските услови дозволуваат развој на цивилизации, населби. Со земјоделството почнува цивилизацијата – објаснува архитектот Вангел Божиновски, кој веќе подолго време ја истражува неолитската археологија.

МАЈКАТА Е БОГ

Мајката симболизира свето место, каде што се собирале племињата, каде што се правеле обредите. Таа е идол, божество. На прашањето зошто токму мајка е изрезбана во карпите, Вангел вели дека пред младото камено време било старото камено време каде што луѓето се занимавале со собирање плодови, трчање по животни, убивање животни.

– Низ тие милиони години населението воопшто не расте. Пред младото камено време има голем потоп на планетата. Тогаш луѓето имаат ограничен пристап за ресурси. Изложени биле на опасности. Психолошки луѓето во палеолитот живеат во страв. Мајката успева да го излекува стравот. Таа укажува на женската мудрост и интуиција. И го превртува светот. Наместо да трчаш по животните, припитоми ги. Женски принцип. Потоа почнале да садат, да се занимаваат со земјоделство. И се создава мир. Населението обезбедува сигурен опстанок преку земјоделство и сточарство. Така мајката станува бог. На тој начин мајката ја добива снагата на мајчинството со кое станува хтонско земско божество. Во светот 97 отсто од скулптурите што се прават се мајки, само три проценти се машки. Затоа што таа решава крупен проблем за родот. И тоа го решава на навистина пошироко ниво. И можеме да претпоставиме дека тоа се случува токму овде, па се пренесува на другото племе што е од другата страна на Прилеп – раскажува Вангел.

ФАКТИ
Неолитот надвор
од Македонија е
подобро истражен
Повеќето од светилиштата се на врвовите
Мајката ги има сите облици на модерна скулптура
Колку населби има во
Македонија, толку има
и неолитски населби

Сите села овде лежат на неолит. Колку населби има во Македонија, толку има и неолитски населби, вели Вангел. Според него, мајката е одговор и на старото прашање како на луѓето им текнало да прават куќи. Модел за архитектурата е мајката, се стилизира нејзината контура.

– До откривањето на мајката идејата беше задржана од книгата на Витурви, кој вели дека луѓето ги правеле своите куќи гледајќи ги животните дека ги прават своите живеалишта. Меѓутоа формата на неолитските куќи, која ја наоѓале заедно со скулптурата на оваа мајка, говори дека ова е моделот за правење архитектура. Здолништето е направено како домот во кој се живее. Горниот дел торзото, свитканите раце, главата, укажуваат на оџакот – објаснува Божиновски.

РИТУАЛНО СВЕТИЛИШТЕ

На стотина метри над Големата мајка на 700 метри надморска височина се наоѓа светилиште. Вистинско дополнување на локалитетот, од каде што се фрла поглед кон мајката. Овде има жртвеник и базени.

Најголем дел од светилиштата се на врвовите, па на нивните темели често се поставува христијански храм, таков е случајот со Трескавец, Зрзе, Кокино.

– Ритуалите се одржувале овде. Има два ритуални базени. Водата симболизира чистење на душата, ослободување од гревовите. Низ прочистување личноста се раѓа повторно. Во македонската традиција, во времето на Пајонците со осветување со светата вода обичниот човек станувал владетел. Крунисувањето на владетелот се одвивало во посебни базени полни со света вода. Во неолитот секогаш ваквите возвишенија на врвот на ридот се крунисани со ваква карпа, со вакви елементи. Тие се светилишта на мајката. Најчесто светилиштата се прават за мајката да е поблиска до таткото. На некој начин му се изјавува послушност на небесниот татко. Во случајот небесниот татко е сонцето. Целиот неолит во Македонија е бележен со сонце. Тие имаат дијаметар од 40 сантиметри. На некои места ги има многу. Множество од сонца. Крстот исто така потекнува од неолитот – раскажува Вангел.

ПРИСТАПНОСТ
Во близината на
селото Дупјачани,
Прилепско
На десетина минути
пешачење над селото
е Големата мајка,
На 100 метри е светилиштето на Големата мајка

Неолитот надвор од Македонија е подобро истражен. Кај нас досега се прават само површни истражувања и тука завршува приказната. А според Вангел, имаме материјал што може да привлече светско внимание.

– На ова место, според истражувања правени во соседните земји, живееле помеѓу 3 и 5 илјади жители. Кај нас се претпоставува дека има регистрирано околу 5.000 неолитски наоѓалишта. Ако се направи некое просечно сметање ќе добиеме население како што денес живее на нашата територија – вели Божиновски.

Според него, утврдено е дека на север наоѓалиштата се помлади и помалку населени, со поедноставна архитектура.

АКЦЕНТИРАЊЕ НА НЕОЛИТОТ

Како што ни сподели Вангел, неолитот кај нас е целосно запоставен. Воопшто не му се посветува внимание. Регистрирани се археолошки наоѓалишта, но не се заштитени. И населението малку е запознаено со овој сегмент од археологијата.

– Сметам дека општата шема, со која воспитуваме професионални кадри, треба да се фокусира на некоја вредност што оваа татковина овде ја прави различна од другите. Имаме многу епохи, во кои стоиме еднакво како другите. Но во рамките на неолитот имаме многу вредности, кои се прототипови на сѐ друго наоколу. Според тоа, првиот фокус е работење на неолитот во сферите на историјата на уметноста, археологијата и архитектурата, кои треба да добијат поголемо значење и поголема инвестиција. Не толку во пари, колку во луѓе, студенти што ќе се вљубат во оваа работа. На тој начин работите ќе се сменат и ние ќе станеме светски центар за истражување на неолитот – посочува Божиновски.

Според него, овие наоди би биле едно од клучните места што би канеле туристи.

– Ова ќе биде меѓународен камп за истражување на неолитот, кој ќе работи 365 дена во годината со студенти од целиот свет. Ќе се претстави нешто што светот навистина не го знае. Неолитот сѐ уште не е во фокус на западната култура, повеќе се следат антиката, средниот век, кои продаваат и имаат висока цена. Една паричка се продава поскапо од оваа неверојатна скулптура. Потребна е берза за оваа култура. А таа берза треба ние да ја создадеме, ние треба да ги оформиме цените, затоа што де факто тоа кај нас почнува. Тие што мереле, 30 години истражувале неолит во Европа, на крајот напишале дека најстар наод од неолитот е од Исар од Македонија. Ако е така, и ако на насловна страница не е објавено, аргументите се тука. Треба да бидеме поактивни и да го разбуричкаме овој сегмент од археологијата – категоричен е Божиновски.