Аристократскиот волшебник од Виена

Животниот пат на Густав Климт се совпаѓа со златниот период на Виена, времето на уметничката обнова и раѓањето на модернизмот како повод со уметнички бунт. Рефлексијата на арт нуво носи и декадентно сликарство со појава и во литературните списи со цврста порака на еротизам. Ниту еден уметник претходно одблиску не го глорифицирал еросот, пред сѐ оној на жената, како аристократскиот волшебник од Виена, Климт. Ако ве води патот кон Виена, немојте да ги одминете Музејот на современата уметност и велелепното здание на оригиналноста на галериите на Белведере. Тука се наоѓа трезорскиот раритет, маслото на платно „Бакнеж“, од кое не можев да ги одвојам очите и по получасовна опсервација. Маркантната појава на Климт со џентлменските манири мора да носи вонсериски талент со хроматски синхроницитет при создавањето вакво ремек-дело.
Сликата „Бакнеж“ претставува љубовна двојка во која мажот страсно ја прегрнува и бакнува девојката, но тој бакнеж не е обичен, тоа е страстен бакнеж исполнет со сладок нектар на амброзија, сочен, љубовен, сонувачки… Девојката целосно е препуштена на љубовната игра, предадено ужива со затворени очи во знак на совршена заведеност и смиреност. Стилската мозаична орнаментика на заемната вљубеност е доволен доказ на жизнерадоста, а златножолтата боја е алегорија на сончевите зраци што ги грее нивните топли срца на посланиот цветен килим. Лавровиот лист на главата личи на оној на Зевс, а нејзиниот шаренолик цветен венец е близок до небесното соѕвездие. Нејзината рака милно е потпрена врз неговата, а со другата го прегрнува со срнешки допир.
Во делото „Љубов“, пак, тематски слично на претходното, различна е поставката на љубовниците, кои се свртени еден кон друг. Изработено е во класицистички стил, во манирот на арт нуво со стандардизирани мотивски фигури. Контурата на четката ја дефинира оригиналната изведба до перфекција, а гледачот станува дел од сликата, и покрај тоа што торзото не е прикажано во целост. Како доказ за нивната љубов, од двете страни надвиснуваат рози, но сепак мора да профрчат и некои суетни ега на малициозни фантазмагории како верни сенки, а сепак суптилниот женски лик е тој што им дава дополнителна самодоверба при нивниот избор.
Од деновите поминати во средното уметничко училиште, сѐ уште ја паметам сликата „Басна“, една од најоригиналните Климтови слики каде што овој пат експериментирањето во неокласицистичките стилски варијации вродува со двоен успех. Во центарот е женскиот акт на милозвучен лик изработен со калиграфска минуциозност во дослух со сензибилитетот на италијанскиот маестро Сандро Ботичели. Во долниот лев агол лавот одмора во ист ритам како храбрата девојка што има смирена природа, штрковите писмоносци нетрпеливо очекуваат да го однесат писмото до замислената дестинација на нејзиниот љубовник, а лисецот мудро исправен ја набљудува дадената положба. Пространиот шумски простор ја доловува нејзината либерална природа со пријатна насмевка, или можеби загадочност.
Докажаниот талент на виенскиот маестро како да не може да се скроти, да мирува, слична умешност доловува и во поинтилизмот на шумите, но и во изработката на портретот на виртуозниот пијанист Џозеф Тамбуер, речиси до фотографска перфекција, но не смееме да ги изоставиме ниту „Дама со шапка“, „Госпоѓа Хејман“ со продорната сериозност насочена кон гледачот и надменоста како особина на буржоаската аристократија. Овој портрет е бисер на портретните дела.
Една од неговите најозборувани слики, пак, е „Црвената риба“, која со право можеме да ја наречеме кокетирачка, бидејќи водечки се три нимфи, од кои едната е речиси ненаметлива, но присутна. Можеме да набројуваме до недоглед и да потврдиме дека Климт не е само основоположник на сецисионистичкиот правец туку и на модерното сликарско време, каде што наредните генерации имаат не само да видат туку и да ги реплицираат неговите тактики.