ПРОБИВ НА ПАЗАРОТ

ЧетГПТ доби свој интернет-пребарувач, пробивајќи се на пазарот во кој доминира Гугл со децении. Пребарувањето на ЧетГПТ треба да ви овозможи да ги добивате најновите информации достапни на интернет. Многу резултати од пребарувањето изгледаат како она што може да го најдете во стандардното пребарување на Гугл. На пример, барањето под клучен збор „кинеска храна“ носи список со рецензии на ресторани во близина, додека пребарувањето „совети за одмор во Костарика“ создава блогови за патувања и списоци за хотели.
Фокусот е на обезбедување информации во реално време. Алатката потоа ги сумира тие информации и наведува од каде потекнуваат. „ОпенАИ“ има обезбедено неколку договори со медиумски компании како „Атлантик“, „Волстрит журнал“ и „Вокс“ за да ја вклучат нивната содржина во резултатите од пребарувањето. Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, е уверен дека ЧетГПТсрч ќе значи подобрување на тековните формати за пребарување, особено за прашања што бараат посложени истражувања. Во иднина пребарувањето треба да може динамички да прикажува приспособена веб-страница како одговор.

ЧетГПТсрч користи други пребарувачи за да ги подобри резултатите од пребарувањето. Еден од нив е Бинг на „Мајкрософт“. Не е познато кои други пребарувачи се вклучени во проектот, но од „ОпенАИ“ велат дека ќе се користи мешавина на технологии за пребарување за да даде резултати.
Стартапот „Перплексити“, поддржан од Џеф Безос, има и пребарувач со вештачка интелигенција. Гугл исто така го користи својот модел Џемини за сопствени резултати од пребарувањето, за да ја сумира содржината што вообичаено би се појавувала во врските што ги наведува како резултати од пребарувањето. ЧетГПТ досега постигна многу маргинален напредок во намалувањето на пазарниот удел на Гугл од околу 91 процент на пазарот на алатки за пребарување. Септемвриското истражување на 1.300 луѓе од страна на инвестициската компанија „Еверкор“ покажа дека осум проценти од испитаниците го избрале ЧетГПТ наместо Гугл како пребарувач, што е повеќе од еден процент во јуни.

Се проценува дека пазарот за пребарување на интернет вреди 175 милијарди американски долари и сè уште е главен извор на приходи за Гугл. Според податоците од август годинава, ЧетГПТ имал 200 милиони корисници неделно, приближно 800 милиони месечно. „Перплексити“ има забележано 10 милиони месечни активни корисници од февруари.