Сосема е сигурно дека барем еднаш неделава сте ја играле играта „заборавени клучеви“, „дали пеглата е исклучена“, „каде ми е паричникот“. Зошто постојано забораваме и како да ја подобриме меморијата? Како прво, најважното нешто: ваквото заборавање е сосема нормално. Колку и да ве полудува, не грижете се, не сте на пат кон деменција, ниту пак е првиот знак на Алцхајмерова болест. Па, сепак, заборавањето на секојдневните работи може да биде иритирачко и затоа сме тука да ви покажеме како на најлесен начин да го надминете овој проблем.
Дури 90 отсто од луѓето редовно забораваат некои секојдневни работи: каде ги оставиле клучевите од станот, клучевите од автомобилот, телефонот, паричникот… Сепак, според истражувањата, клучевите и телефоните убедливо најчесто се забораваат. Оваа информација не е изненадувачка, но сепак останува прашањето зошто ги забораваме клучевите или телефонот.
Психолозите Меган Сумерацки и Алтеа Нед Каминске го истражуваа феноменот на ова заборавање.
– Одреден степен на заборавање е сосема природен. Тоа му овозможува на мозокот да запомни позначајни информации – заклучија тие.
Меморијата не е само збирка на различни моменти и податоци. Наместо тоа, таа е флексибилно складирање каде што работите постојано се менуваат, како табла за бришење записи. Токму затоа е добро да не го затрупуваме просторот на овој магацин со некои небитни информации. Кога сте ги заборавиле клучевите и телефонот, сте оставиле простор за многу позначајни спомени.