Деновиве се одржа „Во дијалог: македонски визуелни уметници“ – разговор на ОПА (Опсесивно-посесивна агресија) со Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност.
– Поттикнати од фактот дека на нашата сцена постојано сме соочени со недостиг од континуитет на структурирана анализа и историографија на работата на нашите визуелни уметници и дизајнери, во 2020 година ја започнавме серијата на разговори и презентации на визуелни уметници, графички дизајнери и видеоуметници од Македонија. Она што ни е особено важно е да ги поттикнеме авторите да проговорат за своите дела, креативниот и технички процес, како и за состојбите во кои тие создаваат. Многу наши визуелни уметници имаат богата продукција и под тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни локални и меѓународни изложби. Во периодот од 2020 до 2023 година реализиравме 25 разговори, кои беа документирани со видео и потоа транскриптите од разговорите беа публикувани во книгата „Во дијалог“. Годинава наша цел е да продолжиме со разговорите преку избор на визуелни уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите што ги обработуваат и авторскиот интегритет се релевантни до денес – велат организаторите.
Изборот на авторите и на разговорите е реализиран и модериран од историчарката на уметност и кураторка Ана Франговска.
ОПА (Опсесивно-посесивна агресија) е соработка основана во 2001 година, меѓу визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Пристапот на ОПА е врз основа на контекст, вклучувајќи пародија, креирана реалност, псевдодокументарци, тактички медиуми и стратегии на претерана идентификација и субверзивна афирмација. ОПА има самостојно изложувано во Македонија, Хрватска, Франција, Германија, Естонија, САД, Холандија итн; има учествувано на повеќе групни изложби и фестивали, меѓу кои „Трансмедиале“ (Берлин), „Трансеуропа – европски театарски и перформанс-фестивал“ (Хилдесхајм), „Фривејвс – биенале на нови медиуми“ (Лос Анџелес), „Биенале на современи уметности“ (Москва), „Арс електроника“ (Линц), и има остварено резиденцијални престои во Франција, Германија, Швајцарија, Естонија, Холандија итн.