Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првиот број на „Нова Македонија“ бил испечатен на печатарската машина „бостонка“, која тежела повеќе од тон и искалена од железо. Припадниците на македонското народноослободително и антифашистичко движење ја носеле на раце есента 1944 година, низ шумските патишта и планини до Горно Врановци

Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнале на терен со првите пакети на весникот, кој имал осум страници, излегол во мал тираж и бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија. Благој Шошолчев во 1944 година своевремено бил организатор за пренесувањето на машините и материјалот за печатницата.
Првиот број на „Нова Македонија“ бил испечатен на печатарската машина „бостонка“, која тежела повеќе од тон и искалена од железо. Припадниците на македонското народноослободително и антифашистичко движење ја носеле на раце есента 1944 година, низ шумските патишта и планини до Горно Врановци.
Со првиот број на весникот „Нова Македонија“, отпечатен во Горно Врановци на 29 октомври 1944 година, направен е сериозен чекор за унифицирање и нормирање на македонскиот јазик, преку употреба на привремена азбука од 25 букви (А, Б, В, Г, Д, Е, Ж, З, И, Ј, К, Л, М, Н, О, П, Р, С, Т, У, Ф, Х, Ц, Ч, Ш), како и објавување текстови на Ацо Шопов или на Блаже Конески.
Првата партизанска печатарска машина во Македонија, на која во текот на Народноослободителната борба беа печатени различни материјали, денес е изложена во Градскиот музеј во Прилеп. Во текот на Втората светска војна била земена од Прилеп за илегално печатење различни летоци, повици за разгор на НОБ и партизанското движење против бугарската окупација на Македонија.
Покрај првите броеви на „Нова Македонија“, на неа биле печатени и првите броеви и на „Македонка“ во мал формат, 34 брошури на вкупно 822 страници, кои се отпечатени во 36.845 примероци итн.
„Бостонката“ поминала голем пат низ Македонија. На 14 септември 1944 година од Прилеп беше пренесена во Македонски Брод, потоа во селото Самоков и во Горно Врановци, каде што остана до ослободувањето на Прилеп. Потоа пак беше вратена на старото место, сосема исправна, благодарение на луѓето што ракувале со неа и ја чувале како драгоцен предмет, како верен пријател со нивната одговорна работа.
Новинари на „Нова Македонија“ повеќе години, следејќи ги планинските врвици, одат по патеката по која била пренесена, дел по дел, печатарската машина „бостонка“. Д.Ст.