Несомнено препораките и заклучоците во извештајот од страна на домашните политички чинители се примаат како реален приказ на состојбите, а најавите дека ќе се работи на брза имплементација на она што од земјава го бара Европската комисија влеваат надеж дека македонските граѓани конечно ќе почнат да гледаат реална перспектива, како за подобар живот дома така и за поскоро зачленување на земјата во Европската Унија
АНАЛИЗА НА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК – СЛАБОСТИ И МОЖНОСТИ ЗА НАПРЕДОК
Во следните неколку дена „Нова Македонија“ ќе објави серија текстови поврзани со заклучоците наведени во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, во кои преку анализа на она што е наведено во извештајот и на актуелната состојба ќе се направи рамка (содржинска, временска и просторна) за она што реално државата може да го направи за да го забрза процесот на евроинтеграции. Преку правење паралели меѓу тоа што забележала ЕК и каква е фактичката состојба на терен ќе се констатираат слабостите и предностите во одредени подрачја, но и ќе се предлагаат решенија како да се надминат одредени слабости и да се детерминираат точки на наша конкурентска предност. Она што е важно за Македонија е да покаже проактивност и да тргне во реализација на сето она што се бара од неа во извештајот, пред сѐ да ги реализира потребните реформи, не толку заради ЕУ, туку многу повеќе заради доброто на своите граѓани
Прецизните насоки наведени во Извештајот за напредокот на земјава, објавен од страна на Европската комисија во рамките на „Пакетот за проширување“ за 2024 година, овозможуваат земјава точно да ги скенира состојбите до каде е реално со реформскиот процес, онаму каде што е слаба да испорача брзи резултати, а онаму каде што стои добро, уште повеќе да ги зајакне позициите.
Несомнено препораките и заклучоците во извештајот од страна на домашните политички чинители се примаат како реален приказ на состојбите, а најавите дека ќе се работи на брза имплементација на она што од земјава го бара Европската комисија влеваат надеж дека македонските граѓани конечно ќе почнат да гледаат реална перспектива, како за подобар живот дома така и за поскоро зачленување на земјата во Европската Унија.
Македонија ги почитува договорите, потребна е добра волја и од другата страна
Во извештајот, меѓу другото, се посочува дека постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Она што може да се констатира од фактичката состојба, тоа е дека во делот на почитувањето на двата договора токму Македонија е таа што доследно ги почитува, а во случајот со Преспанската спогодба отиде и многу предвреме во реализацијата на своите обврски. Од друга страна, Грција е таа што продолжува да го блокира ратификувањето на трите меморандума, но и да ги промени сообраќајните знаци на северот на земјата, каде што уште стои привремената референца „ФИРОМ“ или „Скопиа“. Дополнително, и покрај обврската за почести владини средби, од грчка страна нема доволен интерес за такво нешто, а не се реализира ниту отворањето нови гранични премини. Од друга страна, Македонија доследно го почитува и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, но таму проблемот е од друга природа, односно е поврзан со скриените намери на официјална Софија да ја држи земјава подалеку од членство во ЕУ, а во исто време да продолжува да им издава бугарски пасоши на македонските граѓани и на тој начин да спроведува отворен процес на асимилација. Тоа може да се констатира и од фактот што официјалната бугарска политика не го признава ниту македонскиот народ ниту неговиот јазик, уште помалку неговата историја и култура.
ЕК е свесна дека Македонија ги почитува договорите, но дека нејзините членки се тие што ги заобиколуваат и бараат начини за слободно толкување на точките во договорите онака како што ним им одговара, па затоа во овој извештај користи само блага реторика од типот дека „постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“. Очигледно, „добрата волја“ во овој момент недостига од грчка и бугарска страна.
Уставните измени се неприкосновен дел од сувереното право на секоја држава
Понатаму во извештајот се забележува дека досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани што живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите.
Ова е клучниот камен на сопнување околу кој запнаа македонските евроинтеграции, така што актуелната влада во овој момент е во класична пат-позиција како да најде решение што нема да биде на штета на македонскиот народ откако претходната влада брзоплето и без консултации со некого го прифати францускиот предлог и билатералниот спор со Бугарија го вметна во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.
Излезот од целата ситуација е со разумното решение што се предлага за спроведување уставни измени со одложено дејство, па веќе во општеството се гради и широк консензус околу ваквата позиција на државата како еден вид гаранција дека нема да има нови пречки во преговорите и дека нема да биде изиграна како што тоа беше случајот со промената на името, кога Македонија ја направи болната отстапка, а ЕУ не го испорача она што го вети. Генерално, претседателката на ЕК при неодамнешната посета на земјава не кажа ништо околу начинот на кој би се направиле уставните измени, туку инсистираше само тие да се направат што поскоро. Тука треба и Бугарија да покаже дека има искрени намери да не го попречува патот на земјата кон ЕУ, со тоа што нема да се меша во внатрешните работи на една суверена земја и нема да диктира какви уставни измени да носи таа. Надежите засега се полагаат во евентуалното формирање стабилна политичка влада во Бугарија, со која заеднички ќе се дискутираат сите спорни точки и ќе се наоѓаат решенија преку билатерални процеси, настрана од евроинтеграциите.
Максимална усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика
Во Извештајот за напредокот на земјата подготвен од ЕК уште се констатира дека земјата и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи и во однос на руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратегиски избор за пристап во ЕУ и уште еднаш докажувајќи се како доверлив партнер. Несомнено усогласеноста во надворешната политика е наш силен адут и доказ за цврстата определба на државата да чекори кон полноправно членство. Македонија се вклучи во европскиот план за раст на земјите од Западен Балкан, постојано ги следи и ги имплементира новите европски директиви и на моменти функционира како де факто членка на Унијата, за разлика од некои други земји членки, кои туркаат некои свои индивидуални политики што не кореспондираат со европските.
Собранието треба да стане вистински храм на демократијата и на парламентарната култура
Понатаму ЕК наведува дека е постигнат ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија. Она што го бара ЕК е Македонија да ги спроведе препораките брзо и многу време пред следните избори.
Тука слабостите се присутни и доколку нема политичка волја и решителност од страна на владејачката структура, тогаш препораките на ОБСЕ/ОДИХР ќе останат неисполнети и на следните избори. Македонија може да направи исчекор на ова поле во секое време бидејќи се дадени јасни препораки, но досегашните искуства покажаа дека тоа не им одговара на политичките партии кога се на власт и затоа реализацијата на овие препораки ја оставаат за понатаму. Тоа не е добро и потребен е многу посериозен пристап за ваквите барања конечно да се тргнат од следните извештаи на ЕК доколку државата сака да оди напред.
Македонското Собрание и натаму е на тапет во секој извештај на ЕК, а сега се нагласува дека тоа ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин, но дека и натаму продолжува политичката поларизација во него и беше одложено усвојувањето на важни реформи и неколку именувања. Нивото на политичка култура во земјава, особено во последните десетина години, е паднато на најниското скалило. Во Собранието нема квалитетни дебати, сѐ помалку се нудат законски решенија, а собраниската говорница сѐ почесто се користи за пресметка меѓу политичките опоненти. Она што итно треба да се направи, тоа е воведување ред, издигање на нивото на дискусиите, предлагање и носење квалитетни закони и, што е најважно, Собранието да ја напушти потчинетата улога кон Владата. Имено, премиерот и министрите се тие што треба да даваат отчет пред народните избраници, а не обратно. Со други зборови, Собранието мора да стане вистински храм на демократијата, а ЕУ токму тоа го бара од земјава доколку сака да напредува во евроинтеграциите.
На забелешките во извештајот за различни области може да се работи, проблем е билатералниот спор
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски вели дека забелешките во извештајот се очекувани, но дека Македонија и другите земји од Западен Балкан со години ги добиваат истите критики во извештаите. Според него, најголемиот проблем на евроинегративниот пат на Македонија е билатералниот спор со Бугарија, а на сите други забележани слабости во извештајот може да се работи.
– Ние сме сведоци дека дваесетина години ги добиваме истите забелешки од страна на ЕК. Мислам дека оваа форма на оценка беше предвидена да биде како еден привремен начин на поддршка на нашата администрација и патоказ каде треба да се движат нашите реформи. Повеќе од јасно е дека проблемите што ние ги имаме на патот кон почетокот на преговорите не се должат на некакво недоволно исполнување на стандардите што се однесуваат на некои конкретни поглавја, туку се однесуваат на суштински политички проблеми, односно билатерални проблеми што ние ги имаме со една држава членка на ЕУ и мислам дека фокусот на нашата интеграција треба да биде на надминување на тие билатерални проблеми, а помалку на исполнување на стандардите во поглавјата, кои исто така се значајни, меѓутоа суштинскиот проблем не лежи таму – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Наумовски.
Тој во изјава за Канал 5 истакна дека вметнувањето билатерални спорови во преговарачкиот процес од страна на земјите членки е една слабост што Унијата не успева да ја надмине, односно да најде решение како билатералните проблеми меѓу земја членка и земја кандидат да не го попречуваат процесот на проширување, кој носи придобивки за сите.
продолжува