Фото: „Нова Македонија“

Препознатите можности на Македонија како регионална крстосница и најавата за ставање во функција на опипливи чинители за реализација на идејата за брз железнички коридор на релацијата север-југ, односно по должината на коридорот 10 што води кон пристаништата во Солун и Атина, како и актуализирањето на коридорот исток-запад и вкрстувањето на тие две транспортни артерии во срцето на нашата држава, се конкурентска предност за Македонија во однос на другите земји од регионот, со невидени можности

Македонија географски е регионална енергетска и транспортна крстосница

Клучен фактор за успешен економски развој на една земја е таа секогаш да биде на патот каде што се движат енергентите и стоката, односно да претставува инфраструктурен јазол каде што ќе се вкрстуваат сите патишта од југ кон преостанатиот дел на европскиот континент, но и од запад, од Јадранско кон Црно Море.
Контурите на идните инфраструктурни поврзувања и ангажмани на тоа поле се наѕираат уште сега, а клучното прашање е дали Македонија ќе ја искористи извонредната географската положба да се наметне како најоптимално решение за вкрстување на сите патишта, со што ќе си обезбеди постојан прилив на средства по разни основи, но истовремено ќе овозможи и брз и поевтин транспорт на македонската стока низ Европа и пошироко.

Шанса за добро етаблирање на државата на геостратегиски план

Новата македонска влада очигледно ја препознава ваквата можност и најавува реализација на идејата за брз железнички коридор на релацијата север-југ, односно по должината на коридорот 10 што води кон пристаништата во Солун и Атина. Ако на ова се придодаде и визионерскиот проект „Вардарска долина“, тогаш овој коридор ќе се претвори во исклучително важна европска артерија, а Македонија ќе ја смести на мапата на геостратегиски важни држави.
Посветеност кон изградба на конекцијата запад-исток, односно коридорот 8, македонската страна покажа притискајќи ја Бугарија и таа поактивно да се вклучи во реализација на својот дел од обврските за да не се случи од Македонија до границата со Бугарија да има пруга, а потоа не. Токму затоа претставници на Бугарија и на Македонија на завчерашната работна средба во Софија се согласиле дека трансграничниот тунел Деве Баир е поцелисходно да биде изграден од еден изведувач и на тој начин да се обезбеди поврзување на железницата.
Сето ова јасно говори дека стратегијата на Македонија е да се претвори во транспортен и енергетски јазол во регионот.
– Наша предност се трите основни столба: како да бидеме крстосница за транспортен, железнички и енергетски пат. Тоа треба да биде наша огромна предност наспроти сите недостатоци. Ние сме природна крстосница на двата европски главни коридори, коридорите 8 и 10, и тоа мора да го искористиме како геостратегиска предност. Во спротивно нема да успееме и ќе бидеме потпросечни – изјави премиерот Мицкоски за време на неодамнешното обраќање во рамките на првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ – „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности на Македонија“, која се одржа во Скопје.
Според Мицкоски, на земјава ѝ е потребна диверзификација на извозот, но тоа не може да се случи во краток рок.
– Прво вие не можете прекуноќ да промените еден систем што е граден со децении и немате волшебно стапче да речете од утре сега веќе нема да се потпираме само на една опција, имаме неколку опции. Треба време. За да се случи тоа, потребно е да ги реализираме стратегиските цели на државата – рече премиерот, посочувајќи ги како стратегиски цели токму трите столба врз кои ќе се гради стратегијата, односно земјата да биде главен транспортен, железнички и енергетски коридор во регионот.

Инфлацијата, автоматизацијата и ризиците влијаат врз успешноста на македонската економија

Во рамките на конференцијата на „Блумберг Адрија“ се одржаа две дебати на кои се загатнаа исклучително важни економски теми. На првиот панел, насловен „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии“, беше направена прецизна анализа на економската состојба во земјава, која ја направи Михаел Блажековиќ, аналитичар за макроекономија и пазари на капитал во „Блумберг Адрија“.
Тој истакна дека, според неговите предвидувања, се очекува македонската економија следната година да забрза до три отсто во услови на натамошен раст на приватната потрошувачка. Инфлацијата и натаму ќе забавува и ќе се спушти под нивото од три отсто на годишно ниво, но цените на земјоделските производи и натаму се ризик поради сушата во текот на летото.
– Сувото лето, кое влијае на земјоделството, може да ги притисне и цените, со оглед на тоа што околу 37 проценти од потрошувачката кошница во Македонија е составена од храна, што е највисоко ниво во целиот регион Адрија. Сепак, другите инфлациски притисоци треба да се намалат, што ќе ја избалансира стапката на инфлација – посочи Блажековиќ.
Според него, главните ризици за растот и изгледите за инфлација остануваат од надворешна природа и се оние на кои малата и отворена македонска економија не може да влијае. Тука пред сè се мисли на кризата во Германија, која е најголем економски партнер на земјава.
Другите соговорници, говорејќи на панелот, истакнаа дека автоматизацијата е реалност во земјава.
– Прво се прашуваме дали работната позиција е високоризична бидејќи се работи во една таква средина во која има големи ризици, високи температури, во секој момент има можност од некаква опасност. Оттука, тоа е првото прашање што си го поставуваме при носењето одлука каде и во што да инвестираме и каде и што да автоматизираме. Со автоматизацијата неминовно доаѓа до подобрување на безбедноста. Исто така имаме заштеда и на енергенти, сето тоа придонесува за зголемување на продуктивноста – потенцира Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на „Макстил“, притоа додавајќи дека во челичната индустрија, иако е стара и традиционална, процесот на роботизација е веќе почнат затоа што помага пред сè во зголемување на безбедноста на работниците, а носи и редица други придобивки.
За главниот извршен директор на А1, Методија Мирчев, дигитализацијата и дигиталната трансформација се веќе завршена приказна и живееме во дигитален свет.
– Сакале или нејќеле, ние веќе имаме дигитален идентитет во тој дигитален свет. Таа технологија забрзува експоненцијално и, практично, како што поминува времето така новите технологии почнуваат да стануваат секојдневие – нагласи Мирчев.

Македонските банки привлечни за странските инвеститори

На вториот панел на конференцијата „Пристап до пари во услови на глобални промени, кој го финансира растот?“, говорниците ги коментираа монетарните политики и состојбите во банкарскиот и осигурителниот бизнис во земјава.
Според Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ банка“ АД Скопје, инфлацијата ќе оди надолу, но најновите анализи на банката за меѓународни порамнувања во Базел сугерираат дека доколку централните банки сакаат да останат сериозни во својата намера инфлацијата да ја одржат на целните нивоа, ќе мора да бидат внимателни со намалувањето на каматните стапки.
Според него, се предвидува дека структурните каматни стапки глобално ќе останат на нешто повисоко ниво односно од три-четири проценти за Фед и нешто пониско ниво за ЕЦБ, со оглед на тоа што во еврозоната има проблем со економскиот раст, особено кај Германија.
– Оттука можеме да извлечеме заклучок дека од релевантни извори ни доаѓаат анализи што сугерираат дека не ќе можеме да ги видиме оние каматни стапки што ги имавме пред кризата од ковид. Тие ќе бидат на нешто повисоко ниво – вели Стојановски.
Мирослав Марчев, управен партнер во ПвЦ (PwC) за Македонија, вели дека македонските банки се стабилни и од тие причини се интересни за инвеститорите.
– Интерес има голем. Тука доаѓа прашањето зошто нема трансакции. Основната причина зошто нема нови трансакции се преголемите ценовни очекувања на сопствениците на банките – вели Марчев.
Од друга страна, за осигурителниот бизнис нема интерес како за банкарскиот сектор. Марчев вели дека засега нема компании од Македонија и од странство што би сакале да инвестираат во осигурителниот сектор.
– Зошто за банките се тепаат, а не за осигурителните компании. Според моите впечатоци, една од причините за тоа е што профитабилноста на осигурителниот сектор е многу ниска – посочи Марчев и објасни дека најголем проблем е што во земјава не постои култура за осигурување.
Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, пак, потенцираше дека осигурителната индустрија е таа што го овозможува растот затоа што ги охрабрува инвеститорите да инвестираат, со тоа што ги ослободува од грижата за ризиците. Во однос на соработката со банките, таа објасни дека, без разлика на моменталните трендови на каматните стапки, финансирањето на бизнис-проектите не поминува без соодветно осигурување.
– Верувајте, ниту еден проект нема да биде финансиран доколку зад него нема добро квалитетно осигурување што е во согласност со барањата на институцијата што финансира – заклучи Томеска. С.Т.