Фото: Архива на „Нова Македонија“

Четири познати хашки случаи, плус еден непознат за јавноста, за воените злосторства на ОНА: Ќе се отвораат (ли) хашките случаи?!

  • На почетокот на 2024 година тогашната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во писмо побара Македонија да ги врати во судница четирите хашки случаи во интерес на правдата и демократијата. Засега се чини дека нема критично ниво на политичка волја да се реши тој Гордиев јазол, да се закрпи една огромна црна дупка од минатото што ја голта демократијата
  • Покрај четирите познати македонски хашки случаи, наши веродостојни извори тврдат дека постои и „петти случај“, непознат за јавноста, кој се однесува на злосторства извршени од ОНА врз Албанци од Македонија, предмет за кој поради многу закани не се обезбедиле сведоци за пред Хаг. Но клучното прашање е дали архивскиот материјал е зачуван, исчезнат или уништен

Македонија оди напред оставајќи зад себе нерасчистени долги опашки или, како што веќе изветвено се вели, темни петна од минатото. Некои сериозни црни дупки не оставаат простор да се тврди дека Македонија цврсто и непоколебливо е држава заснована на право, па и слобода. Кои се тие црни дупки што во себе го вшмукуваат демократскиот капацитет на државата? Има повеќе, но некои се многу важни, па и клучни. Криминалната приватизација, кога македонскиот народ е осиромашен, е една од тие дупки. Потоа, нерасчистениот атентат врз претседателот Киро Глигоров е навистина голема дупка, ако се земат предвид политичките аспекти и последиците од чинот. Докрај неразјаснетата авионска катастрофа на претседателот Борис Трајковски и погибјата на неговиот тим е уште во сферата на црните дупки. И секако и неразјаснетите околности и игри поврзани со 2001 година, кои финишираа со „специјално и автентично“ затворање на четирите хашки случаи за воени злосторства.
Дали меѓу сите овие темни петна има некаква каузалност, интерес, поврзаност? Ако не се разјаснат докрај, никогаш нема да дознаеме, а во иднина новите генерации би можеле да запаѓаат во нови замки, не знаејќи што навистина се случило некогаш. Кинезите велат дека „кога тогаш вистината ќе исплива како труп“, а македонскиот народ вели „вистината е бавна, ама доаѓа“. А како клучна обврска на македонското општество е, во барањето правда, тоа треба да им овозможи на семејствата на жртвите да ги најдат барем коските на своите најблиски што биле убиени во конфликтот, да имаат место каде што ќе се помолат за спокој и покој на нивните души.
Македонија може да земе пример од Косово, кое иако не сакаше, сепак, на крајот под сериозни притисоци од неговите странски партнери се согласи на судење во Хаг за поранешните припадници на ОВК. Принципот казна за тие што згрешиле, а правда за жртвите има шанси да се оствари.

Траумата од 2001-та што уште трае

Конфликтот во 2001 година, кој почна со воено навлегување на косовски воени формации, е една голема траума за Македонија и за нејзиното население, со долгорочни последици. И ден-денес постои огорчување кај мнозинското население и кај жртвите од тој конфликт, кој не доживеа правна разврска. И ден-денес е нерасчистена драмата на внатрешно раселените лица. Во Хаг, во Судот за воени злосторства во бивша Југославија, се изнаредија многу сведоци, а осуден беше само Јохан Тарчуловски. Четири случаи Хашкото обвинителство во 2008 година ѝ ги врати на Македонија за да ги процесира, а не да ги стави ад акта – затворени во фиока.
Станува збор за четири случаи опфатени со Женевските конвенции за хуманитарното право, односно санкционирање воени злосторства, и тоа се дела што во согласност со конвенцијата на ОН не застаруваат. Апсурдот македонски е што тие злосторства сторени од терористичката (воена) формација ОНА (УЧК) се амнестирани со Законот за автентично толкување на амнестијата што ќе ги опфати сите лица за кои се водени обемни истраги за потребите на Хашкиот трибунал до септември 2001 година. Дали со таков закон македонското Собрание станало соучесник со извршителите на воените злосторства? Ако не се отвори нов процес, впечатокот ќе биде таков!
Затоа можеби и поранешната влада и собраниско мнозинство го криеја писмото од Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права на Советот на Европа, кое беше испратено на 15 јануари 2024 година, а беше објавено откако дописникот на „Нова Македонија“ од Стразбур успеа да го „откопа“. Мијатовиќ побара да се укина Законот за амнестија и судски да се процесираат четирите случаи: „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“. Иако од 2008 година, кога Хаг ни ги врати случаите, се подготвуваше судскиот процес, па беше направена и специјална судница, сепак во 2011 година владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го донесоа фамозниот Закон за автентично толкување на амнестијата. Комесарката за човекови права тогаш потсети дека таквите случаи не застаруваат и во интерес на демократијата тие ќе треба судски да се затворат. Пораката како да беше темпирана – пред крајот на нејзиниот мандат, пред крајот на владеењето на СДСМ/ДУИ и испорачаната обврска за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, со ДУИ и Али Ахмети во опозиција.
Техничкиот премиер Талат Џафери, за кого постојат индиции дека бил активен во инкриминираните воени дејности, тогаш изјави дека „законите се донесени и приказната е затворена“.
Меѓутоа, универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска, поранешната членка на Венецијанската комисија, на актуелниот технички премиер Џафери му возврати со свој дециден став: „Злосторствата против човештвото не застаруваат и не можат да бидат предмет на амнестија! Тоа што некој згрешил во минатото и амнестирал злосторници не ја намалува тежината на сторените дела! Злосторствата против човештвото во Македонија не се завршена приказна! Тие се крај на почетокот!“

Петтиот, непознат за јавноста, случај на воено злосторство на ОНА

На тој крај постои архивиран случај, кој може всушност да биде почеток на отворање на хашките случаи. Според наши сознанија, станува збор за воени злосторства извршени од припадници на ОНА врз Албанци за кои во јавноста, но и во потесни кругови, многу малку се знае. Работната група за воени злосторства, која соработуваше со хашките истражители на обвинителката Карла дел Понте, во собирањето на доказните материјали го има архивирано и како посебен петти случај за извршените злодела врз албанската популација.
Наши добро упатени извори велат дека, за жал, сосема е неизвесно каква е судбината со целата архивирана документација што се водела за воените злосторства, односно прекршувањето на хуманитарното право, па и за таканаречениот петти случај, кој во монографска книга го издвојува и поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков. Според наши сознанија, како потврден факт може да се смета податокот дека архивскиот материјал, кој се чувал во блиндиран сеф, е уништен. Станува збор за околу 1.000 досиеја речиси комплетно обработени, кои во 2004 година, кога коалицијата СДСМ/ДУИ доаѓа на власт, ги снемува од сефот.
– За петтиот случај бараа сведоци и адвокатите на Љубе Бошковски, Едина Рахиновиќ и Жилиен Метро. Ние ги имавме, но поради огромни притисоци и закани за нивните животи, тие се откажаа да сведочат. Затоа тој петти случај не отиде во Хаг. Но постојат многу докази, кои, за жал, најверојатно се трајно уништени- вели нашиот извор.
Дали поради ваков можен упад и уништување докази за дела што не застаруваат е забетониран политичкиот став, поддржан со т.н. „автентично толкување на Собранието“ и, згора на тоа, со мислење на Уставниот суд дека хашките случаи не смеат да се допираат?


Воведна забелешка: Имајќи предвид дека во моментов не ни беше даден на увид за гореспоменатиот „петти хашки случај“, одредени елементи на очигледни corpora delicti односно на редакцијата не ѝ е доставен доказ (документи, списи, факсимили, фотографии и сл.) за постоење и регистрирање на извршени злодела за таканаречениот петти случај, во овој случај, според принципите на професионалното новинарство, за јавноста изразуваме извесна резерва за веродостојноста и затоа посебно го издвојуваме овој наш редакциски став!

Случаи што чекаат на институционална истрага

Затоа ќе го користиме терминот „наводни“. Поради чувствителноста на темата за засегнатите семејства и поединци, не користиме имиња, а ќе наведеме приближна локација.
Имено, станува збор за злодела извршени од припадници на УЧК затоа што семејства или поединци не се одзвале на нивните повици да дадат финансиска помош или учество во терористичките формации.
1. Еден од случаите се однесува за оџа чија ќерка наводно била силувана.

2. Работен бил и случајот со едно тетовско семејство што имало ресторан. На нивниот син единец не му дозволиле да се приклучи кон УЧК. Казната стигнала брзо – младичот го убиле.

3. Првоборец Албанец од Тетовско бил убиен на начин што оставил дополнителна порака – бил застрелан во челото, а на тоа место потоа била исцртана петокрака.

4. Познат бил и случајот со син на бизнисмен, кој бил киднапиран, а за откуп му биле побарани еден милион евра. Наводно откупот бил платен, а момчето било ослободено со посредство на претставници на НАТО.