Од самиот старт оспоруван поради недостигот од некој сантиметар, неговиот карактер на фер и коректно момче, со „неквалитет“ да влегува во „шема“ и да биде дел од некој табор или банда, популарниот Никуч се изгради во пример за врвен спортист со сите атрибути на семеен човек, кого нема да го видите по ноќните локали и дискотеки. Пример што треба да го следат младите спортисти, пример за скромност, трпеливост и многу други работа. Никола Митревски е сериозен капитал на Пелистер, и во моментов додека е на терен и уште ги „фрустрира“ противничките играчи, но и по завршувањето на играчката кариера, во спортските структури на клубот. Никуч е спортски „капиталец“, кој Пелистер не смее да го „прокоцка“
Пелистер со триумф од Данска, Вардар со нов тренер во Аргентинецот Милано
Нема ни десетина дена од мојата последна колумна или анализа на состојбите во македонскиот ракомет, а се собра баеги материјал за еден осврт. Осврт што требаше да се случи пред два или три дена, но нешто ме тераше да го почекам гостувањето на шампионот во Данска. Гостување што пред сезоната беше означено како натпревар на кој можеме да очекуваме нашиот Пелистер да биде конкурентен во суперсилната конкуренција на ЛШ, па можеби и нешто над тоа. Иако, логично, кога во спорт како ракомет гостува екипа во земја што е лулка на ракометот, не би требало да е така. И не било залудно малото доцнење на оваа колумна. Еурофарм Пелистер конечно ѝ стави крај на толку „вергланата“ црна серија на порази и извојува триумф, кој во периодот што следува, а е многу важен, ќе се покаже како пресвртница за тимот, во однос на кревање на самодовербата и расчистување на работите. Затоа, оваа колумна, во која ќе има неколку реда и за „состојбата во Вардар“, за (не)успехот на Алкалоид и Охрид во третото по квалитет ракометно натпреварување во Европа, ќе ја почнеме со убавата вест од Данска, со мал осврт на настапот на „близнаците“, „родениот победник“ и „Свети Никола“ на голот на битолчани.
„РОДЕНИОТ ПОБЕДНИК“ ЈА РАЗМРДА ЗОНАТА, „СВЕТИ НИКОЛА“ ГИ ОТКАЖА ДАНЦИТЕ
Не расфрлајќи се премногу со статистика и „минато свршено време“ околу тоа кога последен пат Пелистер добил натпревар во елитното друштво или колку чекал на триумф во истото тоа, го споделувам моето чувство дека убаво беше завчера да се биде Македонец и ракометен навивач. Особено навивач што е „тетовиран“ со името на големиот битолски спортски бренд и гравитира на географска ширина (или должина!) на која кафето е ритуал, бизнисот е во струјата или јагленот, а тренерките не се за по Широк сокак. Да се „добие“ противник што ја претставува ракометно големата Данска, со Гудмундур Гудмундсон на клупата, во ладната Скандинавија, не е мала работа. Па макар било против анонимната Фредериција, која лани му ги расипа сметките на великанот (во производство на врвни ракометари) ГОГ Гудме, а му се „исили“, во борба за титулата и на супербогатиот Алборг. Па, и уште со в.д. тренер на клупата во името на Звонко Шундовски. Или можеби не е в.д. Ќе видиме.
Натпреварот, ништо поинаков од другите што Пелистер ги одигра во ЛШ, барем во првиот дел. Со доверба кон Кузмановски и уште една шанса за Тајник во нападот, Пешевски на „црта“ и Петар на лево крило како пријатно изненадување. Очигледно е дека, на десната страна, во ситуација кога Цехте е во лош „филм“, сѐ е предадено на Хосни, како решение во два правца. Со таква поставеност и на моменти две измени, како Фитиљ би бил свеж за напад, Пелистер си „тераше иста песна“ и, покрај одличната статистика на Митревски на голот, на полувреме замина со минус три погодоци во однос на противникот.
Почнува вториот дел, а на терен, првпат откако „слета во Битола“, се појави „родениот победник“ со многу имиња и (пре)многу искуство во носење на дресот на бившиот европски шампион Монпелје и оној со националниот грб на „фараоните“. Евидентно, поради моментот дека го станале од фотелја, физички неподготвен за висок ритам во два правца, но со големо чувство и знаење кому и во која фаза како треба тактички да му се постави, едноставно ја „разбуди“ зоната и ја крена нејзината борбена готовност. Како резултат на тоа, Пелистер, покрај двоцифрената статистика на Митревски, изнуди и доста грешки од технички високо поткованите Скандинавци, а со краен епилог „вртење“ на резултатот во своја полза и конечен триумф.
Пелистер евидентно има (голем) проблем со организација на нападот, во ситуација кога Тајник (како лик што како најкорисен играч во словенечкиот шампионат игра како престарен и му се заканува „заковување“ на клупа и шут-карта од Битола) е пасивен и по малку незаинтересиран или немоќен, а Борзаш, Кузмановски, па и Павле не се играчи што можат или не сакаат да го спроведуваат сето тоа што е договорено. Игра на индивидуален (не)квалитет, со многу контакт, на сила, не баш пријатна за гледање форсираа(т) или практикуваа(т) битолчани, игра што може да помине во мак-шампионатот или со екипи од свој ранг. Сѐ над тоа ќе биде брутално казнето.
Радува што „близнаците од Чаир“ потрошија доста време на терен и одиграа важна улога во триумфот на Пелистер, како „менвање на плочата“ што свиреше до пред некое време. Радува, затоа што тие, заедно со капитенот Кумановски, стружаните Костески, Кузманоски и Ѓорговски, „Цар Самоил“ Ристески, поддржани од Митревски треба да бидат базата на новиот Пелистер. Пелистер, кој поучен од грешките во изборот на играчи што треба да ја надградат оваа група играчи, во иднина би требало да избира многу помудро.
НИКОЛА МИТРЕВСКИ Е СПОРТСКИ „КАПИТАЛЕЦ“ НА РАКОМЕТНА БИТОЛА
А што да кажеме за ракометниот „Свети Никола“ на голот на битолчани, херојот на натпреварот, момчето или веќе господинот кому му се поклонува ракометна Битола?
Иако за нешто помалку од една година ќе влезе во петтата деценија од својот животен век, капитенот на националниот тим (во моментов ослободен од обврски од селекторот, како би се зачувал за јануари) со многу дисциплина, многу работа, трпеливост и „гледање пред својот двор“, чекор по чекор ги достигна височините на европскиот ракомет. Од самиот старт оспоруван поради недостигот од некој сантиметар, неговиот карактер на фер и коректно момче, со „неквалитет“ да влегува во „шема“ и да биде дел од некој табор или банда, популарниот Никуч се изгради во пример за врвен спортист со сите атрибути на семеен човек, кој нема да го видите по ноќните локали и дискотеки. Пример што треба да го следат младите спортисти, пример за скромност, трпеливост и многу други работи. Никола Митревски е сериозен капитал на Пелистер, и во моментов додека е на терен и сѐ уште ги „фрустрира“ противничките играчи, но и по завршување на играчката кариера, во спортските структури на клубот. Никуч е спортски „капиталец“, кој Пелистер не смее да го „прокоцка“.
ГИЉЕРМО ОД БУЕНОС АИРЕС НОСИ „ДОБАР ВЕТЕР И ДОБАР ВОЗДУХ“
КАЈ „ДВОКРАТНИОТ“
И додека Битола очекува(ше) новиот „месија“ на клупата, човек што ќе ги реформира тимот и клубот, „двократниот“, според некои „зли јазици“, навреме (по безброј негативни коментари) го разреши Недановски и како „егзотично“ решение го назначи Аргентинецот Гиљермо Милано за нов шеф на струката. Зошто навреме прашуваме? Па, затоа што до најважните дуели во преостанатиот дел од календарската година има уште еден месец, период во кој Гиљермо, како долгогодишен жител на Буенос Аирес, треба да донесе „добар ветер, добар воздух, па и добра клима“ (со шпански превод на Буенос Аирес) во тимот, кој некако „ја фати удолницата“ со два пораза во групната фаза од Лига Европа и еден куп незадоволни играчи во ростерот. Имајќи предвид дека Гиљермо долго време му беше помошник на Маноло Каденас во националниот тим, тренер што своите играчи ги третира како рудари и кај кого многу се тренира и работи, а неговите екипи се секогаш физички одлично подготвени, но истовремено е симпатизер на шпанскиот систем на ракомет, очекуваме брзо да ги решава проблемите со неподготвеност на екипата, недисциплина и незадоволство. За таа намена, а во имплементација на својата филозофија, Аргентинецот очекуваме повеќе да се потпре на ракометарите што имаат поголемо ракометно знаење, во однос на оние што се големи потрошувачи на топки. Тоа веројатно на полусезона ќе донесе промени, носење уште еден среден бек и уште еден голман во тимот. Ако е нешто позитивно од „двомечот“ со Порто, тоа е фактот дека од вчера-завчера Вардар е максимално фокусиран на домашниот шампионат и дуелите со Алкалоид во „Јане“ и со Пелистер во „Боро Чурлевски“.
ОХРИД ГО ПОТВРДИ СТРАВОТ ОД ТУРДА КАКО „ДОМАШНА ЕКИПА“, АЛКАЛОИД ИСПРАВНОСТА НА УЧЕСТВО ВО ЕХФ-КУПОТ
Македонија во ноември влегува со еден претставник помалку во ракометна Европа. Во Европскиот куп на ЕХФ (како наследник на некогашниот Челинџ-куп), Македонија, по малку очекувано, имајќи ги предвид противниците што ги добија Алкалоид и Охрид, со половичен успех ја заврши втората рунда. Викаме очекувано, затоа што Драгунас од Литванија, иако се прикажа како симпатична екипа, беше релативен аутсајдер во однос на Алкалоид и двапати беше поразен, а Охрид не успеа „да го преплива“ незгодниот (на домашен терен) тим на Турда, иако на реваншот замина со плус шест.
Со тоа се потврди исправноста на одлуката Алкалоид да „се спушти“ едно ниво надолу во европските купови, овозможувајќи им на младите македонски ракометари повеќе европски натпревари, притоа подигајќи ја популарноста на клубот кај македонскиот ракометен навивач со учество во самата завршница во едно европско клупско натпреварување. Следниот противник на тимот од Автокоманда во 1/16-финалето е австриска Вест Виена, противник по мера за пласман во најдобрите 16 екипи. Имајќи ги предвид начинот на кој се развива клубот и формата на тимот, очекуваме оваа пречка да биде помината и Алкалоид да „презими“ во Европа.
В среда почнуваат квалификациите за ЕП 2026.
Во „Борис“ гостува аутсајдерот Естонија.
Се гледаме во сала!
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“