Несомнено, во заклучоците на ЕК се наведуваат јасни точки и критериуми што земјава треба да ги исполни доколку сака побрзо да напредува кон полноправно членство, а подготвеност за исполнување на насоките содржани во извештајот на ЕК има и од македонските власти
ЕК го објави Извештајот за напредокот на Македонија за 2024 година
Во следните неколку дена „Нова Македонија“ ќе објави серија текстови поврзани со заклучоците наведени во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, во кои преку анализа на она што е наведено во извештајот и на актуелната состојба ќе се направи рамка (содржинска, временска и просторна) за она што реално државата може да го направи за да го забрза процесот на евроинтеграции. Преку правење паралели меѓу тоа што забележала ЕК и каква е фактичката состојба на терен ќе се констатираат слабостите и предностите во одредени подрачја, но и ќе се предлагаат решенија како да се надминат одредени слабости и да се детерминираат точки на наша конкурентска предност. Она што е важно за Македонија е да покаже проактивност и да тргне во реализација на сето она што се бара од неа во извештајот, пред сѐ да ги реализира потребните реформи, не толку заради ЕУ, туку многу повеќе заради доброто на своите граѓани
Продолжување на суштинските реформи поврзани со членството во Европската Унија, добри односи со соседите, како и продолжување на ангажманот во регионалните иницијативи се дел од заклучоците наведени во Извештајот за напредокот на земјава, објавен од страна на Европската комисија во рамките на „Пакетот за проширување“ за 2024 година.
Во извештајот се посочува дека земјава постојано ја истакнува својата политичка посветеност на стратегиската цел за интеграција во ЕУ, како и нејзината амбиција да продолжи во процесот на пристапните преговори, но дека за тоа се потребни суштински реформи и напредок во процесот на носење на уставните измени.
Несомнено, во заклучоците на ЕК се наведуваат јасни точки и критериуми што земјава треба да ги исполни доколку сака побрзо да напредува кон полноправно членство, а подготвеност за исполнување на насоките содржани во извештајот на ЕК има и од македонските власти.
За политичарите, извештајот на ЕК е реален и мотивирачки
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова оцени дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оцена на севкупните достигнувања на земјата.
На средбата со шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде извештајот од Европската комисија за напредокот на земјава за 2024 година, претседателката истакна дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот, додавајќи дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.
На содржината на извештајот се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека тој опфаќа период на три влади, од кој неговата е со два месеца.
– Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат, се однесуваат на кластерот 1 – Темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација. Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но тоа сега толку и не е важно, мора да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препирки и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме, бидејќи време за губење нема – порача Мицкоски.
Евроамбасадорот Рокас истакна дека добра работа е што ЕК нема констатирано назадување и дека следниот период треба да се искористи за подобрување на состојбите.
– Премиерот даде конкретни упатувања дека во период на три влади имаше ограничен и одреден прогрес во некои области, но важно е дека немаше назадување. И ние сме посветени да работиме рака под рака со цел кога за една година ќе го правиме истото ова да може да кажеме дека има многу поголем напредок – рече Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Македонија.
Договорите со соседите обострано да се спроведуваат, уставните измени се
преземена обврска што треба да се спроведе
Во извештајот се посочува дека земјата треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи.
– Постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа меѓу С. Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – се наведува во извештајот.
Понатаму се нагласува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните измени, кои земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат граѓани што живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во заклучоци на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
– Институциите задолжени за процесот на интеграција се поставени. Новата влада формираше Министерство за европски прашања, кое го замени Секретаријатот за европски прашања. По успешното завршување на процесот на скрининг, С. Македонија треба да продолжи да ги зајакнува своите преговарачки структури со ЕУ и да постигне здрава координација меѓу ресорните министерства и институции, истовремено развивајќи ја експертизата поврзана со правото на ЕУ низ јавната администрација. Потребни се постојани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува од витално значење во овој поглед – се додава во извештајот.
Во документот се нагласува дека земјата и натаму е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи и во однос на руската агресија врз Украина, испраќајќи јасен сигнал за нејзиниот стратегиски избор за пристап во ЕУ и уште еднаш докажувајќи се како доверлив партнер.
– Во 2023 година, С. Македонија одигра активна улога во сложениот геополитички контекст за време на нејзиниот мандат како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) – се наведува во извештајот на ЕК.
Уште се потенцира и дека земјата активно се вклучи во спроведувањето на новиот План за раст за Западен Балкан преку неговите четири столба – постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, фундаментални реформи и зголемена финансиска поддршка.
– Нејзината реформска агенда ги опфаќа реформските заложби во областите на управување, реформи во јавната администрација и менаџирање со јавните финансии, потоа зелената и дигитална транзиција, човечкиот капитал, развојот на приватниот сектор и на соодветно деловно опкружување, како и во заштитата на основните права и владеењето на правото – се вели во извештајот, при што се додава дека земјата годинава првпат беше вклучена и во Извештајот за владеењето на правото во ЕУ.
Понатаму ЕК наведува дека претседателските и парламентарните избори одржани оваа година биле спроведени „главно задоволително“, биле конкурентни и на нив биле почитувани основните слободи, а изборното законодавство дава соодветна рамка за одржување демократски избори.
– Сепак, постигнат е ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија. С. Македонија треба да ги спроведе препораките брзо и многу време пред следните избори – порачува ЕК.
Собранието и натаму со старите слабости, меѓуетничките односи стабилни
Во врска со Собранието се нагласува дека тоа ги извршува своите овластувања претежно на задоволителен начин, но дека и натаму продолжува политичката поларизација во него и беа одложени усвојувањето на важни реформи и неколку именувања…
– Парламентот треба внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветната употреба на процедурата „европско знаменце“, што беше пракса досега – се потенцира во текстот и се додава дека меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните.
Комисијата наведува дека е потребна реформа на локалната самоуправа и треба „повторно да започне дијалогот меѓу различните нивоа на власта“.
– Меѓуетничките односи останаа стабилни, а Охридскиот рамковен договор продолжи да се спроведува. Граѓанските организации во С. Македонија работат во опкружување што овозможува нивно функционирање. Сепак, Владата треба да ги зголеми своите напори за вклучување на граѓанското општество во приоритетните области и во консултативните активности. Сè уште треба да се изменат и имплементираат постојните правни и финансиски рамки, особено за да се обезбедат конзистентни механизми за обезбедување транспарентно јавно финансирање на граѓанските организации – стои во извештајот на ЕК.
Во однос на реформата на јавната администрација, се оценува дека земјата останува умерено подготвена и е постигнат ограничен напредок во текот на извештајниот период, особено со усвојувањето на измените на Законот за државна организација, кои донесоа подобрувања преку појаснување на одговорностите, воведувањето процени на влијанието за формирањето нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници.
– Препораките на комисијата од минатата година не беа целосно имплементирани и затоа остануваат во голема мера валидни – се вели во извештајот.
Правосудство и владеење на правото
Во врска со правосудството, се посочува дека земјата е „помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка“ за примена на правото на ЕУ и на европските стандарди во оваа област и дека генерално оствариле ограничен напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права.
Во извештајот уште се изразува сериозна загриженост околу најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи, според анализите на ЕК, таквите активности ќе ја нарушат независноста на судството.
– Зголемениот дефицит на човечки ресурси во судството предизвикува загриженост за влијанието врз квалитетот и ефикасноста на правдата – се вели во извештајот.
Во делот на судството се посочува дека треба да се донесе нов Закон за парнична постапка, во согласност со европските стандарди и да започне имплементација на новата стратегија за реформи во судството, да се зајакне Судскиот совет и да се обезбеди дека АКМИС-системот е целосно функционален и компатибилен со нивото на сложеност на судските случаи.
Борба со корупцијата
Во извештајот на ЕК се констатира дека не е постигнат доволен напредок во борбата против корупцијата и дека оваа негативна општествена појава и натаму останува широко распространета.
– С. Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигна напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост – се наведува во текстот, при што се потенцира дека актуелната влада најави дека борбата против корупцијата ќе биде еден од нејзините најголеми приоритети.
Според ЕК, институционалната рамка за борба против корупцијата е поставена и е задоволителна во однос на превентивните мерки, сепак потребно е подобрување на спроведувањето на законите.
– Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво. Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат – се додава во извештајот.
Комисијата препорачува дека треба да се донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да се подобрат проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања.
Човекови права и слободи
Во извештајот се оценува дека правната рамка за заштита на основните права делумно е усогласена со правото на ЕУ и европските стандарди, како и дека земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за почитување на основните права, но законодавството треба да се спроведува на систематски начин. Во овој дел во извештајот се нагласува дека земјата треба особено да посвети внимание на тешките услови во затворите, да додели доволно ресурси до Канцеларијата на народниот правобранител и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и да обезбеди соодветна поддршка на ранливите категории деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост.
С. Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област, се наведува во документот и се препорачува да продолжи усогласувањето на правната рамка што ги регулира медиумите со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да продолжи да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, се наведува во документот.
Фокусирање на структурните реформи, кои се клучни за намалување на долгот и за обезбедување економски раст
Растечкиот долг, социјалните издатоци и слабата економска динамика се главните економски забелешки на Европската Унија забележани во најновиот извештај. Иако има мало закрепнување во првата половина на 2024 година, темпото на раст останува ниско, со голем број ризици, кои бараат внимателно управување, се вели во извештајот.
– Јавниот долг продолжува да расте, а зголемувањето на платите и пензиите носи ризици за нов пораст на инфлацијата. Ново зголемување на цените на енергијата ќе удри силно врз домашната економија, оти земјава најмногу се потпира на увезена енергија – се забележува во извештајот.
– Економското закрепнување по пандемијата остана слабо. Годишниот раст на БДП се намали на околу еден отсто во 2023 година, што е намалување од 2,2 отсто во 2022 година, поради слабата домашна побарувачка. Растот на потрошувачката на домаќинствата забави и покрај тоа што беше зајакнат со растот на платите и владина поддршка – се потенцира во извештајот и се додава дека институциите немаат капацитет да управуваат со јавните набавки.
Според извештајот, при тендерирање, често се применуваат нејасни практики во распределбата на договори за клучни проекти.
– Проектот коридор 8 и 10Д продолжува да предизвикува загриженост во врска со употребата на Законот за стратешки инвестиции, за да се заобиколат регулативите за јавни набавки. Договорот за изградба на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата му беше директно доделен на меѓународен конзорциум без процес на конкурентно наддавање. Дополнително, договорот е означен како доверлив и не е објавен во јавноста – се наведува во извештајот на ЕК.
Според документот на ЕК, Македонија треба да се фокусира на структурни реформи, кои се клучни за намалување на долгот и за зголемување на економскиот раст, кој ќе го подобри животниот стандард на граѓаните.