Магнус Карлсен / Фото: ЕПА

Карлсен, кој сака да ја искористи својата слава за да помогне играта што ја сака да ја претвори во спорт за гледачи, ја лансира својата нова апликација, која ќе ги следи мечевите и играчите во живо, почнувајќи од Светскиот шампионат во шах во ноември, помеѓу Динг Лирен од Кина и Гукеш Домарају од Индија, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“

Малкумина шахисти уживаат во статусот на славна личност на Магнус Карлсен, кој во минатиот месец беше прогласен за најдобар шахист досега од Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) и кој сега сака да ја искористи својата слава за да помогне играта што ја сака да ја претвори во спорт за гледачи, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Јас сум во друга фаза од мојата кариера. Не сум толку амбициозен кога станува збор за професионалниот шах. Уште сакам да играм, но не мора да го имам тој глад. Играм поради љубовта кон играта – изјави тој за АП.
Нудејќи нов начин за интеракција со шахот, Карлсен ја лансира својата апликација „Земи, земи, земи“ („Take Take Take“), која ќе ги следи мечевите и играчите во живо, објаснувајќи ги дуелите на достапен начин што, вели Карлсен, понекогаш недостига на платформите за стриминг. Карлсен има намера да го искористи своето искуство за да обезбеди рекапитулари и анализи на својата нова апликација, почнувајќи од Светскиот шампионат во шах во ноември, помеѓу Динг Лирен од Кина и Гукеш Домарају од Индија.
Карлсен не е почетник кога станува збор за шаховските апликации. Играта „Плеј магнус“, која ја почна во 2014 година, им даде шанса на онлајн корисниците да играат против шаховска машина, моделирана според неговата сопствена игра. Карлсен и Матс Андре Кристијансен, главниот извршен директор на неговата компанија, „Фантази чес“, се надеваат дека шаховска игра каде што корисниците можат да следат поединечни играчи и фигури, филтри за објаснување различни елементи од секој меч и анализа со лесен пристап, ќе ги придобие гледачите. Пристапноста на шаховските машини кои можат да победат секој човек значи дека мамењето никогаш не било полесно, но, сепак, тие можат да се користат за скратување илјадници часови истражување врзани за книги и усовршување на вештини, пишува АП.

– Мислам дека денешните мечеви се поквалитетни, бидејќи подготовките стануваат сѐ подлабоки и вештачката интелигенција ни помага да играме. Тоа го преобликува начинот на кој ги проценуваме натпреварите, особено за новата генерација играчи – вели Карлсен.
Во исто време тој признава дека две децении откако станал велемајстор, неговиот ум не пресметува баш со брзината на торнадо како некогаш.
– Повеќето луѓе имаат помалку енергија кога стареат. Мозокот станува побавен. Тоа веќе го чувствувам неколку години. Моќта за обработка на помладите играчи е побрза – вели тој, пренесе АП.
И покрај тоа, тој има намера да биде најдобар во светот уште многу години.
– Мојот ум е малку побавен и можеби немам толку многу енергија, но шахот е спојување на енергијата, компјутерската моќ и искуството. Уште сум поблиску до мојот врв отколку до падот – рече тој.
Шахот е на врвот на бранот на популарноста што го почна самиот Карлсен, пишува АП. Тој стана најдобро рангиран играч во светот во 2011 година, во 2013 година го освои првото од неговите пет светски првенства, во 2014-та го постигна досега највисокиот шаховски рејтинг од 2.882, а остана неприкосновен светски шахист број еден во претходните 13 години. Згора, шаховските инфлуенсери, како светскиот број 2, Хикару Накамура, ги користат социјалните мрежи за да ја донесат играта до пошироката публика, серијата „Дамин гамбит“ на Нетфликс стана еден од најголемите хитови на стримерот во 2020 година…, пишува АП. Н.М.