Монтажа: „Нова Македонија“

Пораката од македонскиот премиер говори за искрените желби што Македонија ги испраќа кон соседна Бугарија, земјата да излезе од спиралата на постојани предвремени избори и да се формира стабилна влада со која ќе се градат стабилни меѓусебни односи, но и ќе се генерира стабилност во целиот регион

Македонскиот премиер со искрени честитки до Борисов за изборната победа

Македонија како држава постојано покажува дека сака добри односи со своите соседи и впрочем со сите земји, практикувајќи пристап во надворешната политика што подразбира креирање стабилност и иницирање решенија за отворените прашања што нема да бидат на ничија штета, односно ќе бидат од полза за сите засегнати страни.
Токму таков однос со години земјава негуваше кон сите соседи, а потврда за тоа е и неодамнешната честитка од страна на премиерот Христијан Мицкоски до поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ-СДС, Бојко Борисов, а по повод победата на последните парламентарни избори во земјата.
– Денеска остварив искрен и пријателски телефонски разговор со господинот Бојко Борисов, кому со задоволство му ја честитав победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија. Во текот на разговорот изразив уверување дека ќе се формира стабилна влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го забавуваат македонскиот пат кон Европската Унија. Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји – напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Пораката од македонскиот премиер говори за искрените желби што Македонија ги испраќа кон соседна Бугарија, земјата да излезе од маѓепсаниот круг на постојани предвремени избори и да се формира стабилна влада со која ќе се градат стабилни меѓусебни односи, но и ќе се генерира стабилност во целиот регион.
Несомнено ваквите повици се уште една потврда за посветеноста од македонска страна за отворен пристап и креирање состојба во која билатералните прашања би се ограничиле на наши билатерални разговори и би се решавале постепено, без непотребно да се подгрева непријателска атмосфера меѓу двете блиски општества.
За Македонија не е никаков проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, но тоа и од бугарска страна треба да се разбере исклучиво како обезбедување гаранција дека земјава во иднина нема да се соочува со непринципиелни услови, кои не само што ќе го закочат нејзиниот евроинтегративен пат туку дополнително ќе ги влошат македонско-бугарските односи. Тоа значи дека државата мора со некакви алатки да ги заштити националните интереси и да спречи државна деградација, а токму една од таквите алатки е одложеното дејство на уставните измени, кога земјата ќе стане дел од ЕУ, тие да стапат во сила.
Од друга страна, ова може да биде и мотив повеќе и за Бугарија да притиска повеќе во рамките на ЕУ да се забрза македонскиот пат бидејќи на тој начин и таа добива.
Тоа го увиде и Европската Унија длабински анализирајќи го таквиот предлог од македонска страна, резонирајќи дека тоа оди во прилог на општата интеграција на регионот и дека би било добро за Македонија и Бугарија да почнат да работат на точките што ги поврзуваат двете земји и двата народа.

Фото: „Нова Македонија“

Политиките на Софија, бугарските парламентарни избори и одзивот на бугарските гласачи во земјите од регионот

До каде стигна Софија со бугарското малцинство во Македонија?!

Изборите што викендов се одржаа во Бугарија го потврдија единствениот релевантен податок за вистинската бројност на „македонските граѓани со бугарска самосвест во Македонија“, односно дека во овдешните бугарски претставништва гласале само 327 лица, што јасно говори за квантитетот на лица што самосвесно се декларираат како припадници на „дел од народ што Софија налага да биде државотворен“.
Дополнително, на неколкуте изборни места во Албанија, пак, гласале само 145 луѓе, иако податоците од пописот во Албанија покажаа дека таму живеат 2.281 Македонец, а како Бугари, благодарение на засилената бугарска агитпропаганда и притисоци, се изјасниле 7.957 лица што претходно се водеа како Македонци.
Сето ова најдобро говори дека притисокот што го прави Бугарија врз македонските власти за внесување на Бугарите со државотворен атрибут во македонскиот Устав е тежок анахронизам чии хегемонистички тенденции ниту по сто и повеќе години не се затворени, од страна на демократијата, човековите права и меѓународното јавно право.
Флагрантно е дека со ваквиот настап Софија директно го негира меѓународното право за немешање во внатрешни работи на суверена држава, инсистирајќи на промена на устав за внесување минорно малцинство, но истовремено одбивајќи да овозможи права на постојно големо македонско малцинство на своја територија, кое по бројност е сериозна етничка група во Бугарија и кое со право може да се пожали на угнетување и притисоци, а што беше забележано и од Европскиот суд за човекови права.
Клучната дилема што по овие избори се појавува во македонската јавност е што се случува со бугарското малцинство во земјава, односно дали тоа навистина е толкаво колку што се прикажува или, пак, вештачки се пумпаат бројките за да може официјална Софија да ги фингира своите аспирации и пред Брисел да ги „спакува, фалшира и оправда“ блокадите на Македонија.
Дополнително, паѓаат во вода сите тенденциозни изјави од страна на одредени бугарски политичари за наводна државотворност на Бугарите во Македонија, која очигледно не може да се потврди кога одвај 300 луѓе излегуваат да гласаат на изборите во Бугарија.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев изрази зачуденост од толку малиот број на македонски граѓани што гласале на бугарските избори во Македонија.
– За мене е зачудувачко ако вие имате во Македонија бугарски клубови, здруженија што со години работат, има политичка партија што може да агитира, а зошто не го прават тоа, јас не знам. Мене ме зачудува, јас мислев дека овој пат ќе има најмалку 3.000 бугарски граѓани што ќе гласаат на изборите, што не е добар индикатор за расположението на тие граѓани – изјави во јавноста поранешниот македонски амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев. С.Т.