Владата денеска на седница го усвои предлог-буџетот за 2025 година, со кој, како што информира министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска, се поставуваат темелите за стабилизација на јавните финансии и економски раст.
Вкупните приходи во буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари, што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година, додека вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари, што е раст од 10 проценти во однос на буџетот за 2024 година.
Економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на четири проценти, инфлацијата 2,2 процента.
Буџетот за 2025 година содржи мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст.
– Креиравме буџет што треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари, што е раст од 13 проценти или шест милијарди денари во однос на ребалансот на буџетот. На тоа го темелиме развојот, а тоа се одгледува и на фактот што износот на капиталните расходи се повисоки од номиналниот износ на дефицитот – изјави Димитриеска- Кочоска.
Состојбата, посочи Димитриеска – Кочоска, сѐ уште наметнува да штедиме, но внимателно ќе постапуваме за да им овозможиме на институциите редовно извршување на своите надлежности и да испорачаат квалитетни услуги кон граѓаните и бизнисот.
Со предлог-буџетот, како што појасни Димитриеска- Кочоска, се креирани политики со кои се поддржува животниот стандард, така за исплата на пензиите и предвиденото зголемување од 2.500 денари се предвидени 105 милијарди денари или за 15 милијарди повеќе од оваа година. За исплата на плати се обезбедени 48 милијарди денари во ставката за плати и 2 милијарди денари дополнително во блок дотации за зголемувањето на платите во образованието, за поддршка на ранливите категории се предвидени 14,5 милијарди денари или 500 милиони денари повеќе, за здравствена заштита се обезбедуваат 5,2 милијрди денари повеќе или вкупно 53,4 милијарди денари. При тоа потенцира дека се намалуваат средства кај непродуктивните трошења, како што се ставките за мебел и возила.
Предлог-буџет за 2025 година треба да биде доставен на усвојување во Собранието.